Панел дискусијата која ја спроведе Тинк-тенк „Аналитика“ на тема „Предизвиците и можностите на иницијативата “Отворен Балкан” по кризата предизвикана од воениот конфликт во Украина“ јасно укажа дека домашните компании се задоволни од ефектите на „Отворен Балкан“. Дискутантите во рамки на панел дискусијата сметаат дека иницијативата носи развој на индустриите и државата.
Националниот координатор за „Отворен Балкан“ и за регионални иницијативи Марјан Забрчанец оценува дека иницијативата веќе донесе олеснет транспортот на земјоделски продукти, нови туристи и висока оценка и светска промоција на домашните вински производи.
„Преку Отворен Балкан државата и регионот се претставуваат како врвен вински, гастрономски и туристички регион, а преку вмрежување на винариите сериозно правиме и промоција на домашното вино на светскиот пазар. На следниот лидерски самит ќе се активира слободниот пазар на труд преку вадење на идентификациски број без дополнителни процедури или барања за престој“, истакна Забрчанец.
Забрчанец посочи дека наскоро ќе се активира заедничкиот систем на е-наплата на патарините со цел да нема застој во сообраќајот и информираше и за други активности во рамките на „Отворен Балкан“.
„Подготвуваме и иницијатива за младински кампови и школи со ефекти врз образованието но и врз туризмот и надвор од туристичката сезона. Со помош на коморите се планира и нов проект за обезбедување на комерцијални попусти на бензиски пумпи, музеи, настани и др. Важно е да се напомене и дека српскиот културен центар во Париз, Франција ќе стане центар на „Отворен Балкан“ што значи нова можност за промоција на македонската култура и силни врски на македонскиот, српскиот и албанскиот народ“, нагласи националниот координатор за „Отворен Балкан“ и за регионални иницијативи Марјан Забрчанец, на денешната дебата за иницијативата во организација на тинк-тенкот „Аналитика“.
Олеснетите процедури на граничните премини од „Отворен Балкан“ донесоа раст на регионалната трговија
Директорката на Царинската управа на Северна Македонија на дребатата потенцираше дека истражувањето на тема „Можности за регионална соработка, придобивки и предизвици од Иницијативата Отворен Балкан за компаниите од секторот туризам и земјоделие“ е од голем придонес за планирањето политики бидејќи таргетира значајни институции во државата.
„Од 2019 година како резултат на регионалната трговија го имплементиравме концептот за регионална соработка особено во периодот на ковид кризата кога се воспоставија зелени коридори посебно за индустријата на лекови кои во тој период беа многу значајни. Генерално со „Отворен Балкан“ регионалната трговија доби на интензитет и побрз проток за товарните возила. Секоја намалена секунда на границите е многу значајна затоа што секое задржување значи поголеми трошоци за бензин и забавен транспорт за компаниите. Секако многу е значајна и брзината на поминување на граничните премини и за патничките возила особено во туристичката сезона“, истакна Кутиров.
Ефектите за земјоделството и винскиот сектор од „Отворен Балкан“ допрва ќе се видат
Ефектите од „Отворен Балкан“ допрва ќе се видат смета Гоце Георгиевски, Раководител на сектор за рурален развој на Министерството за земјоделство.
„Во рамки на „Отворен Балкан“ прв под секторот од нашиот делокруг кој гледа бенефит е винскиот сектор. Минатата година за првпат беше организирана една саемска манифестација за вино во Белград, од кои 55 претставници беа од земјава. Може да најавиме дека се донесе одлука ако во Белград традиционално се одржува Саем на вино, кај нас да се одржува Саем за храна, со цел да се претстават земјоделските прехранбени производи и тоа би било во октомври“, рече Георгиевски на дебатата во оргазнизација на „Аналитика“.
Концептот „Отворен Балкан“ значи и различна перцепција во различни држави, рече Трајан Ангеловски, претседателот на Сојуз на стопански комори. Во суштина, вели Ангеловски, „Отворен Балкан“значи зближување и соработка меѓу институциите во различните држави.
„Отворен Балкан секогаш се чувствува од политички аспект и тој е различно перцепиран од различни држави. Но настрана политичката перцепција реалноста е дека владите и институциите почнаа да комуницираат и веќе почна да се размислува што може да се поедностави за да работите течат полесно. Треба секој од нас позитивно да влијае на тие капацитети. И претходно постоеше мануелен систем за отворање компании, но сега се работи да тие процеси и сувишни постапки се отстранат со цел да се скратат и олеснат процедурите“, рече Ангеловски.
Тој се осврна и на развојот во винскиот сектор. Според Ангеловски преку винската промоција на регионот се зголемил српскиот интерес за македонското грозје, па така цената за килограм од домашното грозје се зголемува од 30-40 денари.
Со „Отворен Балкан“ до регионална туристичка агенција
По „Отворен Балкан“ Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот треба да прерасне во регионална туристичка агенција, смета Љупчо Јаневски, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
„Агенцијата постави тригодишен план за рестартирање на секторот, тоа значи дека таа треба да порасне во регионална туристичка агенција и ние се стремиме тоа успешно да го сработиме, можеби и да се подигнеме на нивно на министерство зашто тоа го имаат другите земји. Туристичката промоција зависи и од Агенцијата, но и од министерствата и од локалниот развој, а ова време покажа дека туризмот е важна туристичка гранка“, истакна Јаневски.