Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Политичките афтершкови од земјотресот ќе го одредат победникот на изборите во Турција

Мирјана ВАСИЛЕВА

Во Турција сега, а и подолго во претстојниот период, најважно ќе биде да се згрижи населението од катастрофалниот земјотрес, да се отвори внимателен процес за залечување на траумите од човечката трагедија, а потоа и да се санираат длабоките рани што ги предизвика оваа катаклизма.

Неизвесно е колку време ќе земат овие процеси, но аналитичарите во Турција велат дека колку и да траат, тие нема да ги одложат или исклучат афтершковите од земјотресот да се пренесат и на политичката сцена во земјата.

Земјотресот во Турција е најразорниот што ја погоди оваа земја во поново време. Според црниот биланс досега се евидентирани над 40.000 загинати, а некои експерти сметаат дека конечната бројка ќе надмине 50.000, можеби и 60.000 луѓе.

Милиони луѓе од ова природна катастрофа директно се погодени како во Турција, така и во Сирија.

Иако, се разбира ваквите катастрофи не можат да се предвидат, дел од познавачите на турските состојби се со мислење дека земјотресот се случи во најлошиот можен момент кога претседателските избори требаше да се одржат на 18 јуни. Непосредно пред земјотресот, Таип Ердоган планираше да го смени датумот и да ги спроведе порано, на 14 мај, за да може да смета на гласовите на сите оние кои можеби веќе ќе бидат на одмор во средината на јуни, како и заедно со претседателските да се спроведат и изборите за Парламентот.

Но, прашање е дали опозицијата ќе се согласи на било какво одлагање, бидејки ова за нив е шанса да го соборат од власт политичкиот пртотивник, нешто што досега им изгледаше речиси невозможно.

Како кратко потсетување да напоменеме во Турција денес има три големи политички сојузи. Првиот е „Народна алијанса“ на Ердоган, предводена од неговата Партија на правдата и развојот (AKP) со десна провинценција. Втората опција е „Националната алијанса“, која е предводена од долгогодишната главна опозициска партија, Републиканската партија (CHP), со либерално-демократска оринтација и којашто се залага за подобри односи со Европската Унија. И третата опција е „Сојузот на работа и слобода“, левичарски сојуз со цврста антикапиталистичка политика на чие чело е прокурдската Народна демократска партија (HDP), за која аналитичарите велат дека нема некои позначителни шанси да игра поголема улога на изборите.

Оттаму, велат тие, вистинската борба всушност се сведува на судирот меѓу AKP и CHP, односно меѓу Ердоган и долгогодишниот републикански лидер Кемал Килиџдароглу, кој се надева дека би можел на изборите да го победи политичкиот ривал, поради обвинувањата со кои се соочува владеачката партија за корупција и криминал, а особено деновиве по земјотресот кога на виделина испливаа сите слабости и корупција во градежниот сектор. Кога се утврди дека масовно се градело без соодветна примена на стандардите за заштита од земјотреси и тоа во земја која што е позната како исклиучително ризично трусно подрачје.

И покрај тоа што властите веќе започнаа брза потрага по виновници за катастрофалните пропусти при градењето и се уапсени повеќе од 100 лица од градежната индустрија, многу прашања повторно се отворија потсетувајки на тоа што направи, односно не направи државата по силниот земјотрес 1999-та година во кој загинаа околу 18 илјади луѓе.

Турскиот колумнист Ферај Ајтекин Ајдоган во весникот БирГун напиша: „Убиецот не е земјотресот, туку оние кои градовите ги претвораат во масовни гробници во име на урбаната трансформација, оние чии потписи се на дното на секоја градежна дозвола“.

Бројките се навистина катастрофални. Министерот за животна средина Мурат Курум изјави дека во регионот на земјотресот се уништени или тешко оштетени речиси 25.000 објекти. За многумина во Турција ова е трагично дежа-ву, бидејќи и по земјотресот во 1999 година се зборуваше за корупција и за непочитување на градежната регулатива и стандардите за градење во земјотресни подрачја.

Сега новинарите го насочуваат прстот кон врските на големите градежни компании со партијата на Ердоган AKP којашто своето владеење во голема мерка го врза за градежната експанзија на земјата и на економскиот подем што од таа го обезбеди за Турција во десетте години од водењето на државата. Врските меѓу AKP и градежната индустрија се длабоки и испреплетени, вели истакнaтиот колмунист Ајдоган, и додава дека зад турското „градежно чудо“, вусшност стојат типични причини – кратење на трошоците, алчност и корупција. Тоа беше систем кој одеше на раст по секоја цена.

Во секој случај, земјотресот во Туција и последиците од него ќе бидат главна тема на претстојните избори, кога и да се одржат, сметаат аналитичарите, и таа тема ја доведува во прашање иднината на Ердоган како прв човек на Турција.

Неговите политички противници нема да пропуштат да му стават на грев „ортаклукот“ со градежната мафија, како и катастрофалните политики кога за време на неговото владеење огромен број новоизградени објекти беа „легализирани“, иако не ги исполнуваа стандардите за градење.
Сега се објавуваат бројки според кои повеќе од половина од 13-те милиони згради во Турција изградени во периодот од 2007 до 2018 година не се почитувале прописите, а од нивната „легализација“ биле наплатени преку 3 милијарди долари.

Од друга страна познавачите на политичката сцена во Турција велат дека сега Ердоган, иако исклучително тешко ќе може да ги избегне катастрофалниот земјотрес и огромниот, трагичен број жртви, ќе „игра“ на единствените две карти што му преостануваат, а тоа е неговата улога во помирувањето меѓу Анкара и Дамаск во Сирија, и онаа што тој многу повеќе сами си ја презеде отколку што му беше доделена, да биде посредник меѓу Москва и Киив во постигнувањето примирје меѓу Украина и Русија.

Многу тешко е некој да помисли дека овие улоги на Ердоган можат да ги „покријат“ гревовите на неговата власт во однос на катастрофалниот земјотрес, но прашање е дали тој така мисли и каква стратегија ќе подготви за да одговори на нападите сега кога е ставен на „отворен оган“ на опозицијата и на јавноста во пресрет на изборите во Турција.

Зачлени се на нашиот е-билтен