Зоран БОЈАРОВСКИ
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок јасно стави до знаење дека нејзината земја го гледа „местото на Северна Македонија е во ЕУ, исто како и на нашите останати партнери од западниот Балкан“. Таа не пропушти да поентира, повторно за нашата јавност, дека нивната определба и определбата на ЕУ дека навистина го мислат и работат на тоа е „официјалниот почеток на пристапните преговори со ЕУ во јули 2022 година“.
Значи нема сомневање дека преговорите и течат така како што беше утврдено во „францускиот предлог“ од јули минатата година. Се одржа првата меѓувладина конференција по што започна и успешно се спроведува скрининг процесот. Првиот кластер ќе биде отворен веднаш откако ќе заврши скринингот откако претходно ќе биде спроведена успешно постапката за уставни измени за внесување на Бугарите и другите во Уставот на Северна Македонија.
Тоа е патот утврден и прифатен во Собранието и тоа е нашата домашна обврска и задача којашто мора да ја исполниме.
Дипломатите внимаваат и балансираат со нивниот избор на зборови и збороред, но на искусните и политички писмените рецептори на политики, тој говор не им е тешко да го дешифрираат.
Ако е така, а така е, министерката Бербок на 500 километри од Софија, од главниот град на Северна Македонија „испрати“ порака и до Бугарија на само десеттина дена од тамошните нови избори кои последниве две-три години таму станаа „турска серија“. Тоа со маратонските изданија на тамошните избори и не е толку важно колку што е силна пораката на Аналена, во која таа вели:
„Големите надежи и очекувања, кои луѓето во Северна Македонија ги имаат за пристапниот процес, за нас се шанса и опасност истовремено. Опасност, затоа што би можеле да ги загубиме Македонките и Македонците за Европа, доколку како ЕУ ги изневериме нивните очекувања и покрај сиот напредок и болните отстапки кои ги направија во изминатите 17 години. Шанса, затоа што на сите учесници во процесот на проширување на ЕУ им е јасно за што всушност се работи: за иднина во европското семејство, за регион со стабилна добросостојба и мир, за самоопределување“.
Тоа се зборовите на шефицата на германската дипломатија изречени во Скопје, а за кои можеме да бидеме сигурни дека им се кажани и директно на некои од бугарските лидери од кои се очекуваат промени за поддршката за Македонија за нејзиното членство во ЕУ.
Но, оваа анализа како што најавува насловот, е фокусирана на нашите обврски и за слухот на македонските лидери и во власта и во опозицијата кои треба да прифатат дека секој загубен ден ја прави нашата позиција визави процесот за членство во ЕУ сѐ покомплицирана.
Јазолот Западен Балкан ќе се отплетка во „пакет“
Во една од анализите на Рацин.мк веќе напишавме дека на сите им е јасно зошто состанокот се одржа во Охрид, а само ВМРО-ДПМНЕ се прават како да се од Струга или „распеани ресенчани“
Северна Македонија е дел од јазолот Западен Балкан и очигледно е дека западноеврпските земји и САД проценија дека е време токј да биде отплеткан во пакет и заради притисокот на геостратешките процеси како последица на војната во Укарина која ја отвори и темата за ново распределување на сили во рамките на светскиот поредок којшто добива нов дизајн.
Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ и заменик претседател на Европската Комисија Жозеп Борел во Охрид, веднаш после постигнатата согласност меѓу Вучиќ и Курти нагласи дека анексот е составен дел од патот на Србија и Косово кон Европската Унија и дека од тоа само Белград и Приштина, туку и целиот регион, ќе има корист од постигнатиот договор.
И специјалниот пратеник на Стејт департментот за Западен Балкан, Габриел Ескобар со честитките до Белград и Приштина ја испрати и пораката дека договорот обезбедува „мирни и предвидливи односи“ и дека со постигнатата согласност за Анексот во Охрид „се отвора патот за евроатлантска интеграција на двете земји и за регионот“.
„Западен Балкан влегува во нова ера на мирот“, рече Ескобар.
Борел и Ескобар исто така не пропуштија да ѝ се заблагодарат на Северна Македонија и на премиерот Димитар Ковачевски за гостопримството на средбата на високо ниво, која вообичаено се одржува во Брисел. Тоа што овој настан, како и пораките од него, од епицентарот на традиционално трусното политичко подрачје, говори дека меѓународната заедница, односно ЕУ и САД, не сакаат ништо да биде препуштено на вообичаената балканска импровизација.
Да не го доведеме во ризик континуитетот на преговорите во Брисел
Еден дел од изјавата на амбасадорката на САД, Анџела Прајс Агелер, исто така доволно јасно говори со што се соочуваат нашите поддржувачи во процесот и каков е нивниот одговор на нашите локални навики и сфаќања за политиката и за партиското учество во државнички важните процеси.
За амбасадорката Агелер се разбирливи ставови на пратениците, дека тие имаат гласачи и дека тие се одговорни кон нив, но таа не пропушта да им укаже дека има прашања кои треба да се гледаат од аспект на на најдобриот интерес за Северна Македониј.
– Знам дека е тешко, но треба да се усвојат уставните измени што знам дека не е баш омилен и популарен чекор, но е неопходен за чекор напред. Пратениците треба да гласаат за уставните промени, за државата да може да се придвижи напред со дискусиите и процесот за интеграција и пристапување кон ЕУ. Според мене, тоа е клучно, бидејќи таму лежи успешната иднина на оваа земја, порачува Агелер речиси на секој нејзин јавен настап.
Силната политичка реторика за поддршка за нашата земја оди заедно и со останатата логистика и финансиска поддршка. Со Американците, во рамките на Дијалогот за стратешко партнерство имаме Стратегија за соработка за развој 2020-2025 која е фокусирана да обезбеди поддршка за промовирање просперитетна, добро управувана и стабилна Македонија, посветена на евроатлантската интеграција преку партнерството со УСАИД.
Германското МНР, уште пред посетата на Аналена Бербок, порача дека Северна Македонија е „клучна земја“ за процесот на проширување на ЕУ и со тоа ја најавија посетата на Бербок како уште еден чекор да се поттикне откочување на процесот на уставни измени во земјата и со тоа да не се доведе во ризик континуитетот на преговорите во Брисел.
– Можам добро да сфатам дека во моментов сите прашања за сопствениот идентитет, за сопствената историја, јазик и култура се дискутираат во Северна Македонија со срце и страст, тоа ни кај нас не е различно и е природно при важни прашања како промена на Устав. Но искуството покажува: во вакви ситуации се исплаќа да се тргнат настрана партиско-политичките калкулации, да се водите од јасна цел и во таа насока одлучно да се борите. Широката поддршка во парламентот на Северна Македонија за промена на Уставот ќе испрати сигнал не само во самата земја, туку и подалеку во целиот регион: ние апсолутно сакаме да влеземе во ЕУ и правиме сѐ што е неопходно од наша страна, изјави Бербок пред посетата на Скопје.
Борел: Нема да добиете подобра зделка од ЕУ, време е за уставни измени!
Пред да замине за Охрид од Скопје заменик претседателот на ЕК Борел сред главниот град на државата на сите политички лидери во земјата им порача: „Ова е клучна година за македонските евроинтеграции, договорот од јули лани е најдобрата зделка што Македонија може да ја добие од ЕУ“.
За да ѝ биде јасно на опозицијата Борел предупреди дека не е реално да се очекува дека ќе се создаде можност за повторно отварање и преговарање за Преговарачката рамка и побара сите да учествуваат во средувањето на односите со соседите и да создадеме услови за усвојување на уставните измени.
Од перспективата на оваа изјава сега многу појасно делува предупредувањети дека ако не си ги завршиме обврските со уставните измени до ноември Северна Македонија ќе соочиме со она што го најави министерот за надворешни работи Бујар Османи во анализата за Рацин.мк.
Министерот за надворешни работи предупреди дека блокирани преговори ќе бидат неиздржлива позиција за било која политичка гарнитура.
– Еве да зборуваме дури и хипотетички за пет или шест години за една друга влада. Тоа значи дека овој процес мора да се заврши. Станува збор за тоа дали ќе се заврши без изгубено време за да се фати овој моментум кога ЕУ веќе почнува проширувањето да го гледа како инструмент за безбедност заради војната во Украина и ние тој моментум ќе го искористиме, или ќе изгубиме уште една таква можност и веројатно после некое време, после изгубени години, прашањата ќе станат уште потешки. Генерации ќе се изгубат, уште за неколку проценти ќе се намали населението во државата, а веројатно ќе има и нова реалност во Европската Унија и не се знае која ќе биде политичката понуда што ќе ни биде дадена тогаш. Ова може да ни е една од последните шанси за да влеземе во ЕУ како еднакви со останатите 27 земји членки, а не во некаква унија „во брзини“, во која што ние би биле некоја „втора“ или „трета“ брзина, бидејќи како што теоретирачите предвидуваат дека во иднина тоа може да се случи – брифираше за Рацин.мк министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Во анализа за порталот Рацин.мк министерот за надворешни работи Бујар Османи коментираше дали е сѐ уште е во опција најавата дека 2030 година може да биде година за членство на Северна Македонија во ЕУ.
– Да, ние сметаме дека 2030 може да биде година до кога би можеле да станеме членка на ЕУ како што е сега и под овие услови за сите земји членки. Секое одложување после таа година станува ризик и дека можеме да влеземе во други комбинаторики – предупреди министерот за надворешни работи Бујар Османи.