Уставните измени се последна шанса за членство во ЕУ со подеднакви привилегии и обврски како и останатите 27 земји

Ако до ноември не ги усвоиме уставните измени ќе се соочиме со одлагање на евроинтеграцијата ќе влеземе во нова неизвесност заради тоа што ќе го испуштиме актуелниот момент кога заради војната во Украина и ризиците што доаѓаат од Русија, Европската Унија гледа на проширувањето како на инструмент за долгорочна европска безбедност.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Ова е централната поента на соговорниците на Рацин.мк во анализата која го разгледува процесот на донесувањето на уставбните измени и временската рамка во којашто овој нов предизвик за Северна Македонија треба да се реализира без да предизвика долгорочни последици за иднината на земјата.

Министерот за надворешни работи Бујар Осмени вели дека првиот сериозен и значаен чекор е веќе направен: Консолидирано е владеачкото мнозинство во Собранието.

– Иако во бројки не изгледа суштински многу повеќе, од аспект на убедување за европскиот пат е сериозно консолидирано и со комплетирањето на реконструкцијата на владата со новите министри и заменици, веќе може да се продолжи со важните чекори за процесот на евроинтеграцијата – вели Османи за нашиот портал

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека беше многу важно сите политички субјекти кои што го поддржуваат европскиот пат искрено да застанат на една страна.

– Тоа не е европски фронт против никого, тоа е европски фронт за обезбедување на нашата европска иднина. Владината коалиција има агенда, има кауза и работи на нивно спроведување – напиша Маричиќ на социјалните мрежи кога во Собранието помина новото владеачко мнозинство.

Маричиќ најави дека е време да започне процесот на поинтензивни консултации и дека како Влада се подготвени да му биде понудено ВМРО-ДПМНЕ да учествува во драфтирањето на  амандманите за уставните измени.

Во предлогот за уставни измени нема ништо антимакедонско

Нашите соговорници информираат дека ако може да се зборува за некакви рокови целиот процес треба да заврши во  ноември, декември, односно до крајот на оваа година. Ако искуството покажало дека спроведувањето на уставните амандмани во просек одзема три до шест месеци, во зависност од тоа каква динамика ќе се наметне, тоа значи дека некаде пред летото ние би требало да влеземе во формална процедура во Собранието проследено со паралелна широка јавна расправа за предложените уставни измени.

– Предвидени се многу јавни дебати штом Владата ќе ги предложи драфт амандманите. Очекуваме мислења на експертската, на политичката јавност, вклучување на граѓанскиот сектор во таа дебата за формулациите на амандманите, иако се работи само за формални измени со коишто само после зборот „итн“, „и така натаму“ во преамбулата на Уставот ќе се додадат „црногорска заедница“, „хрватска заедница“, „бугарска заедница“, „еврејска заедница“ ако има таква и други барања. Овие измени во суштинска смисла не загрозуваат ничие право, ничиј интерес и само уште повеќе ја збогатуваат сликата на нашата држава како мултиетничка заедница – вели за Рацин.мк министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ во интервју за Радио Спектар на Радио Скопје рече дека на уставните измени треба да се гледа како заштита и зајакнување на македонскиот идентитет наспроти Бугарија.

– Со ставањето, додавањето на Бугарите како етничка заедница во Уставот се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ, Македонците, мнозински народ во Северна Македонија и Бугарите како етничка заедница во државата и како малцинство, според конвенциите – смета Маричиќ.

Тој потенцира дека граѓаните имаат право слободно да се изјаснат како се чувствуваат и како што имаме седум други заедници во нашиот Устав, зошто истата шанса да ја немаат и Бугарите.

– На тој начин никој нема да може да каже дека ние сме Бугари – поентира Маричиќ.

Маричиќ смета дека треба да се навлезе во суштината на уставните измени и дека е време и со ВМРО-ДПМНЕ да се разговара и низ содржинска расправа да кажат зошто е проблем да бидат вметнати Бугарите во Уставот.

 – Како тоа нам на Македонците ни е проблем и како тоа може да не загрози? Бидејќи содржински треба да го промениме Уставот во Преамбулата и во додавањето на Бугарите во оној Комитет за односи меѓу заедниците во Собранието, каде што ги има сите заедници. Тие се двете места во Уставот каде што се спомнуваат заедниците со име – објаснува вицепремиерот Маричиќ.

Маричиќ верува дека доколку се започне таква дискусија, ќе се дојде до разумни аргументи дека е навистина трагично да се блокира сопствената држава на патот кон Европската Унија заради прашањето на уставни измени.

Зошто до крајот на годината?

Процесот на донесување на уставните измени треба да заврши во ноември затоа што тогаш завршува и скринингот по што треба да се отвори првото поглавје, а за да се случи прашањето за промена на Уставот до тогаш треба да биде затворено. Скринингот е важен дел од преговорите, но следна фаза е отворањето на првиот кластер по што по автоматизам се организира втората меѓувладина конференција за завршување на отворачката фаза на преговорите.

Соговорниците на Рацин.мк на оваа тема велат дека овој процес нема алтернатива и дека ако се одложи ќе изгубиме неколку дополнителни месеци, па и неколку години можеби, но бајпасирање на тој процес нема. Независно кој е на власт, независно политичка констелација е во прашање, оваа држава, ова општество за да продолжи на патот на преговорите треба да има уставни измени, велат во анализата претставниците на власта и дел од експертската јавност.

– Северна Македонија не може да го издржи долго товарот на прекинати преговори затоа што никој во регионот не може да најде алтернатива на ЕУ. Сѐ е пробано. Сите форми на соработки, на реформи се испробани и не може да се гарантира стандард на живеење, на демократија, за задржување на младите, без Европска Унија – потенцира министерот Османи.

Шефот на македонската дипломатија предупредува дека блокирани преговори ќе бидат неиздржлива позиција за било која политичка гарнитура.

– Еве да зборуваме дури и хипотетички за пет или шест години за една друга влада. Тоа значи дека овој процес мора да се заврши. Станува збор за тоа дали ќе се заврши без изгубено време за да се фати овој моментум кога ЕУ веќе почнува проширувањето да го гледа како инструмент за безбедност заради војната во Украина и ние тој моментум ќе го искористиме, или ќе изгубиме уште една таква можност и веројатно после некое време, после изгубени години, прашањата ќе станат уште потешки. Генерации ќе се изгубат, уште за неколку проценти ќе се намали населението во државата, а веројатно ќе има и нова реалност во Европската Унија и не се знае која ќе биде политичката понуда што ќе ни биде дадена тогаш. Ова може да ни е една од последните шанси за да влеземе во ЕУ како еднакви со останатите 27 земји членки, а не во некаква унија „во брзини“, во која што ние би биле некоја „втора“ или „трета“ брзина, бидејќи како што теоретирачите предвидуваат дека во иднина тоа може да се случи – брифираше за Рацин.мк министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Запрашан дали алудира на француската идеја за еден вид посебна политичка заедница приклучена кон ЕУ, Османи појаснува дека засега француската идеја не е замена за ЕУ, туку повеќе е форма за консолидирање на европскиот став визави агресијата на Руската Федерација на Украина, но дека теоретичарите предвидуваат дека Европската Унија во иднина можеби ќе се преструктуира во слоеви во кои земјите што ќе гравитираат во овие нивоа ќе имаат помалку привилегии од сктуелните земји членки.

– Мислам дека ова ни е последна шанса да влеземе во првата група земји членки коишто ги имаат подеднакво сите права, привилегии и обврски како и останатите 27 земји – вели шефот на дипломатијата Османи.

Одлагањето на уставните измени ја става Македонија во ризик и во други комбинаторики

Во таа насока беше и иницијативата 2030 година да биде година за членство на Северна Македонија во ЕУ.

– Да, ние сметаме дека 2030 може да биде година до кога би можеле да станеме членка на ЕУ како што е сега и под овие услови за сите земји членки. Секое одложување после таа година станува ризик и дека можеме да влеземе во други комбинаторики – предупредува министерот за надворешни работи Бујар Османи. 

Се чини дека во таква констелација со право се и другите предупредувања како она кое потсетува дека и Брисел и пошироката межународна заедница, пред сѐ САД, веќе нема да имаат причина прашањето на ервоинтеграцијата на Западен Балкан да го гледаат во „двојки“ или „групно“. Оттаму, укажува на тоа извршниот директор на Институтот Преспа Андреја Стојковски, доколку Северна Македонија не го направи сама следниот чекор кон ЕУ со уставните измени, сосема извесно е дека Албанија ќе се издвои затоа што секое одлагање на напредокот на оваа земја заради неодлучноста на Северна Македонија ќе се смета за неодржливо. 

– Разделувањето на Албанија и Македонија е конечно возможно! Овој пат ниту една од државите членки нема да се воздржи, да се замисли или да одлучи да не ја поддржи и Албанија затоа што овде кај нас доцниме со „домашната задача“. Уставните измени се незначителни, ќе бидат само потврда на она за кое што долго време зборуваме, дека Македонците и Бугарите се во суштина два различни народи или, ако така сакате, етнички групи – истакнува извршниот директор на Институтот Преспа Андреја Стојковски.

Треба да знаете
Moже да ве интересира