Ја чувал како домашна мачка, научниците откриле нов животински вид

Фото: Fernando Faciole/National Geographic

Еден човек во Боливија пронашол мало маче покрај пат и го однел дома, убеден дека спасил обично домашно животно. Го хранел со ориз, тестенини и јајца, не претпоставувајќи дека под неговиот покрив живее животно што науката дотогаш не го познавала.

По околу една година сфатил дека мачката се однесува поинаку од домашните миленици и ја предал во прифатилиште за диви животни. Токму таму започнала приказната за едно од најнеобичните зоолошки откритија во последниот век.

Во прифатилиштето „Сенда Верде“ во Боливија, биологот Паола Ногалес-Аскарунц забележала дека животното има необично мало лице, заоблени уши и крупни дамки на крзното. Иако наликувало на други мали диви мачки од Јужна Америка, нешто не се совпаѓало.

Мачката, наречена Тигрино, станала предмет на генетски истражувања. Анализите покажале дека припаѓа на посебен вид, кој научниците го именувале Leopardus tilcayo, според локалното име што жителите го користат за ова животно.

Откритието, објавено во научното списание Current Biology, претставува прв опис на целосно нов вид дива мачка по повеќе од еден век.

Тилкајо е помала од просечна домашна мачка, со должина на телото од околу 46 сантиметри и тежина од приближно 1,4 килограми. Нејзиното природно живеалиште се облачните шуми Јунгас, на источните падини на Андите во Боливија.

Научниците сè уште знаат многу малку за овие животни. Не е утврдено колку единки живеат во дивината, како се размножуваат и какви се нивните секојдневни навики.

Истражувањето покажува дека дури и меѓу животните што луѓето добро ги познаваат сè уште постојат неоткриени видови. Воедно, научниците предупредуваат дека уништувањето на природните живеалишта може да загрози животни за кои сè уште не знаеме дека постојат.

А сè започнало со човек кој мислел дека пронашол обично маче покрај пат.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?