Airbnb воведува нови правила за гостите

Airbnb воведува нови правила со кои им забранува на сопствениците на сместувачки капацитети да бараат од гостите да извршуваат домашни работи пред одјавувањето. Од 20 ноември 2026 година, гостите повеќе нема да бидат обврзани да перат садови, да ја отстрануваат постелнината или да изнесуваат ѓубре надвор од објектот. Промените ќе важат за резервациите направени од тој датум.

Новата политика доаѓа по бројните поплаки од корисници кои, покрај плаќањето за сместување и надоместок за чистење, добивале и долги списоци со домашни обврски што морале да ги завршат пред заминувањето.

Според новите правила, домаќините повеќе нема да смеат да бараат активности што одземаат значително време или вообичаено ги извршува персонал за чистење.

Тоа значи дека гостите нема да мораат да ја соблекуваат постелнината од креветите, да вклучуваат машини за перење, да мијат и да ги редат садовите во шкафови или да го носат отпадот до надворешни собирни места.

Сепак, тоа не значи дека гостите ќе можат да ги остават апартманите во каква било состојба.

Сопствениците и понатаму ќе имаат право да побараат од гостите да ги остават употребените садови во мијалникот, да ги соберат користените крпи, да го одвојат отпадот во соодветни корпи, да ги исклучат електричните уреди и да го заклучат објектот при заминување.

Airbnb нагласува дека барањата мора да бидат разумни и однапред познати.

Со новата политика се менува и начинот на прикажување на куќниот ред. Условите ќе бидат јасно наведени на страницата на сместувањето, во деталите за резервацијата и во потсетниците што ги добиваат гостите.

Домаќините ќе можат да изберат седум стандардизирани категории правила, кои се однесуваат на бројот на гости, времето на одјавување, пушењето, домашните миленици, ноќниот мир и другите услови за престој.

Дополнителните барања ќе мора да бидат во согласност со политиката на платформата, а Airbnb ќе ги означува оние што ги смета за неразумни. Домаќините ќе имаат можност да ги отстранат спорните барања или да поднесат приговор.

Значајна промена е и забраната сопствениците самостојно да им наплаќаат казни на гостите затоа што не извршиле одредена задача за чистење.

Сепак, надоместокот за редовно чистење не се укинува. Домаќините и понатаму ќе можат да го вклучуваат во цената на сместувањето, а гостите остануваат одговорни за предизвикана штета или состојба што бара вонредно чистење.

Новите правила веќе предизвикаа реакции кај дел од сопствениците, кои сметаат дека дополнителните трошоци за одржување би можеле да доведат до поскапо сместување.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?