Македонија бележи уназадување во економските, медиумските и социјалните области, како и во владеењето на правото, родовата еднаквост и заштитата од дискриминација, предупредува невладината организација ХЕРА, повикувајќи се на најновиот извештај на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК). Од организацијата нагласуваат дека ваквото назадување директно ја оддалечува земјата од евроинтеграциските процеси и го доведува во прашање остварувањето на стратешката цел за членство во Европската Унија.
Уназадувањето според извештајот на ЕЕСК е нотирано во економските, медиумските, социјалните области како и во владеењето на правото, а видливо назадување има и во родовата еднаквост и дискриминацијата. ХЕРА предупредува дека ваквите уназадувања ја оддалечуваат земјата од еворинтеграциските процеси правејќи ја Европската Унија далечна стратешка цел.
Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК) го објави извештајот за фундаментални права и владеење на правото по мониторинг посетата на Северна Македонија, во март 2026 година. Извештајот кој ги вклучува искуствата и рефлексиите на граѓанското општество, укажува на сериозни предизвици во заштитата на човековите права, родовата еднаквост, борбата против дискриминацијата и функционирањето на демократските институции.
Особено загрижувачки се предупредувањата на граѓанските организации за назадувањето на родовата еднаквост во образованието предизвикани од реактивноста на институциите на ставовите на антиродовите движења.
Во извештајот на ЕЕСК се нагласува штетното влијание на антиродовите структури преку нивното сè поголемо присуство во јавниот дискурс и директните консултации со пратеници околу законските решенија. Ваквите практики, според граѓанскиот сектор, ги загрозуваат демократските принципи и институционалните вредности при носењето на политиките за човекови права.
Како клучни системски слабости се издвоени недоволната заштита на жените и ЛГБТИ лицата, постојаниот говор на омраза, бавните судски постапки и неефикасниот одговор на надлежните органи. Во делот на родово базираното насилство, извештајот регистрира благи казни, недостиг на институционална поддршка за жртвите и ограничен пристап до специјализирани сервиси за заштита.
Дополнителен притисок врз граѓанскиот сектор претставуваат ширењето на антидемократски наративи, недоволното јавно финансирање и маргинализирањето на граѓанските организации од процесите на носење одлуки, што ја намалува општата демократска отпорност на општеството.
ХЕРА апелира до надлежните за итни мерки, меѓу кои враќање на родовата еднаквост во образовните политики, доследна примена на антидискриминациското законодавство и ефикасна заштита од родово насилство. Организацијата исто така бара воспоставување институционални механизми за справување со дезинформациите, како и долгорочна и одржлива поддршка за граѓанското општество.
Европската интеграција, како што порачуваат од ХЕРА, не смее да биде само административно и формално усогласување на законите, туку мора да обезбеди суштинска заштита на човековите права и демократски институции отпорни на штетни притисоци.

