Тројца рудари загинаа, а петмина се повредени во експлозија во рудник за јаглен во северна Турција, во близина на градот Килимли, во црноморската провинција Зонгулдак. Двајца од повредените се во тешка здравствена состојба, соопштија турските власти.
Експлозијата се случила во петокот, 23 октомври, околу 10 часот по локално време, во приватен рудник во местото Гелик. Според првичните информации, станува збор за експлозија на руднички гас, познат како гризу.
Во моментот на несреќата под земја се наоѓале осум работници. Спасувачките екипи првично извлекле седуммина, од кои двајца биле мртви, додека по осмиот рудар продолжила потрагата.
Турската државна телевизија ТРТ подоцна потврди дека и третиот рудар починал, со што бројот на загинати се зголеми на три.
Гувернерот на Зонгулдак, Осман Хаџибекташоглу, соопшти дека петмина повредени биле пренесени во болница. Двајца рудари се здобиле со тешки изгореници и била организирана нивна евакуација во Анкара за специјализирано лекување.
На местото на несреќата биле испратени противпожарни екипи, медицински служби, жандармерија и припадници на турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби.
Надлежните започнаа истрага за утврдување на причините за експлозијата и евентуалните пропусти во безбедносните мерки.
Зонгулдак е еден од главните рударски региони во Турција, каде што со децении се експлоатира јаглен.
Рударските несреќи се сериозен безбедносен проблем во земјата. Во мај 2014 година, во рудник во Сома загинаа 301 работник во најтешката рударска катастрофа во современата историја на Турција.

