Покемон-карти што британски пензионер ги чувал на таванот на својот дом цели 15 години достигнаа 1,56 милиони фунти на аукција на 21 октомври. Продажбата во аукциската куќа „Јубенкс“ во Сари далеку ги надминала првичните очекувања за колекцијата.
Сопственикот, пензиониран декоратер од Вокинг кој сака да остане анонимен, не знаел колкава вредност имаат картичките. Пресвртот дошол кога во локален весник прочитал дека една Покемон-карта била продадена за повеќе од 6.000 фунти. Препознал дека поседува слични примероци и однел дел од колекцијата на процена.
Приказната почнала кон крајот на деведесеттите, кога неговиот син собирал картички и ги разменувал со другарите на училиште. Таткото се заинтересирал и преку „Ибеј“ нашол продавач од Малезија што нудел цели комплети. Наместо постојано да купува пакетчиња со случајни картички, решил да набавува комплетни изданија.
„Првиот комплет што го купив ме чинеше околу 300 фунти“, раскажал колекционерот. Картичките ги сместувал во посебни албуми, а кога синот изгубил интерес, колекцијата завршила на таванот. Неговите комплети, за разлика од оние со кои играло детето, останале недопрени.
Токму зачуваноста и комплетноста ги изненадиле проценителите. Џејмс Спунер, раководител на одделот за колекционерски картички во „Јубенкс“, објаснил дека сопственикот имал дури 42 комплети. Пред продажбата очекувале колекцијата да достигне до околу 270.000 фунти.
На аукцијата, колекционери, инвеститори и јутјубери ги кренале понудите далеку над процените. Комплетот „Леџендари колекшн“, кој содржел и карта со Чаризард, достигнал цена од 100.000 фунти без купувачките надоместоци.
Сепак, пензионерот не се разделил со сè. Од неговите 42 комплети, на продажба понудил 41, а еден задржал за себе.

