Маја Серафимовска Борозан од СДСМ на прес-конференција ја обвини Владата дека не презема доволно мерки за заштита на животниот стандард, додека граѓаните се соочуваат со поскапувања. Таа побара зголемување на минималната плата на 600 евра и поддршка за домаќинствата.
Според податоците што ги изнесе, трошоците за живот од јануари се зголемиле за околу 4.000 денари, а синдикалната минимална кошничка во октомври надминува 70.000 денари. Со вклучена кирија за стан од 60 квадратни метри, посочи таа, потребниот месечен износ се приближува до 90.000 денари.
„Платите не ги следат поскапувањата“, рече Серафимовска Борозан, оценувајќи дека сè поголем број работници тешко ги покриваат основните животни потреби.
Таа наведе дека околу 180.000 работници примаат плати пониски од 31.200 денари месечно, додека минималната плата изнесува околу 26.000 денари. Воедно, предупреди на најавите за поскапување на струјата и парното од наредната година и на притисокот што повисоките енергетски трошоци можат да го создадат врз домашните буџети.
Од СДСМ обвинија дека премиерот Христијан Мицкоски ги одбил нивните предлози за зголемување на минималната плата и за заштита на куповната моќ.
„И во новиот ребаланс нема повисока минимална плата, нема 600 евра за работниците, нема мерки, нема помош за земјоделците“, рече Серафимовска Борозан.
Таа ја критикуваше и политиката на задолжување, тврдејќи дека долгот е зголемен за четири милијарди евра за две години. Според неа, товарот од задолжувањето и каматите ќе го плаќаат граѓаните и идните генерации.
СДСМ побара Владата да ги насочи буџетските средства кон повисоки плати и мерки за ублажување на растечките животни трошоци.

