Над 20.000 монети на Плаошник, се истражува дали Охрид имал средновековна ковница

Повеќе од 20.000 монети од различни историски периоди се откриени на археолошкиот локалитет Плаошник во Охрид, а најновите истражувања отвораат можност таму да постоела средновековна ковница за пари. Посебно внимание привлекува откритието на бронзени монети од XIII век и печка за обработка на метал, кои би можеле да дадат нови сознанија за економската улога на средновековен Охрид.

Според податоците на Завод и музеј – Охрид, пренесени од „MyOhrid“, богатата нумизматичка збирка опфаќа монети од античкиот, римскиот, византискиот и средновековниот период, вклучувајќи и примероци со венецијанско потекло.

Едно од најзначајните откритија е направено во 2007 година, кога археолозите пронашле керамички сад со 2.383 сребрени венецијански монети од XIV век. Наодот сведочи за трговските и економските врски што Охрид ги одржувал со други центри во средновековна Европа.

Само една година подоцна, во близина на западните ѕидини на Светиклиментовиот комплекс, биле откриени околу 4.000 бронзени монети со вкупна тежина од приближно десет килограми.

Станува збор за трахеи, средновековни монети со карактеристична чашкеста форма. Археологот Паско Кузман тогаш претпоставил дека депото претставувало парични резерви на Светиклиментовиот манастир, користени за неговите секојдневни потреби, трговија и набавка на производи.

Нов интерес за монетарната историја на Плаошник предизвикаа сознанијата што во јуни годинава ги претстави археологот и нумизматичар Даница Размовска-Бачевска.

Таа истражувала депо со 64 бронзени монети од XIII век, од кои 43 се поврзуваат со владеењето на бугарскиот цар Иван Асен II, а останатите 21 со солунските владетели од истиот период.

Особено значајно е откривањето средновековна печка за обработка на метал во близина на монетното депо.

Според Размовска-Бачевска, временското совпаѓање на печката и монетите ја отвора претпоставката дека на Плаошник можело да се врши и ковање пари, наместо тие исклучиво да пристигнуваат преку трговија.

Сепак, постоењето на средновековна ковница сè уште не е конечно потврдено. За тоа се потребни дополнителни археолошки и нумизматички анализи што би ја утврдиле непосредната поврзаност меѓу печката и производството на монети.

Историјата на монетоковањето во Охрид започнува многу пред средниот век.

Античкиот Лихнид, градот од кој се развил денешен Охрид, издавал сопствени бронзени монети уште во II век пред нашата ера.

На едната страна од монетите бил претставен македонски штит, а на другата преден дел од брод, со натпис „ΛΥΧΝΙΔΙΩΝ“, односно „на Лихниѓаните“.

Овие монети претставуваат сведоштво за економското и политичкото значење на античкиот град, кој се наоѓал на важни комуникациски и трговски правци.

Археолошкиот локалитет Плаошник, каде што се наоѓа возобновената црква „Свети Климент и Пантелејмон“, содржи културни слоеви од праисторијата, антиката и средниот век.

Илјадниците откриени монети овозможуваат попрецизно проучување на стопанството, трговските контакти и секојдневниот живот во Охрид низ различни историски епохи.

Доколку понатамошните истражувања го потврдат постоењето на средновековна ковница на Плаошник, тоа би било значаен придонес кон познавањето на економската историја на Охрид и неговото место во средновековните балкански трговски мрежи.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?