Дел од демонстрантите во Тирана денеска фрлаа камења и молотови коктели кон полицијата, која интервенираше со водени топови и солзавец. Новите судири се случија во центарот на албанската престолнина, за време на протестите на кои се бара оставка од премиерот Еди Рама.
Тензии имаше пред Министерството за образование, каде што демонстранти фрлаа камења кон зградата и полициските службеници. Во близина на улицата „Драч“ беше запален контејнер за отпад, по што полицијата се обиде да ги растера насобраните со вода под притисок.
Во известувањата од протестите се наведува и употреба на гумени куршуми. Демонстрантите на булеварот се поделиле во две групи, додека продолжувале полициските интервенции.
На денешните собири учествуваа и пратеници и приврзаници на опозициската Демократска партија. Дел од насобраните пред седиштето на Владата потоа се упатија кон Министерството за образование за да им се придружат на студентите.
Студентите и другите учесници бараат заминување на Рама и неговата влада. Протестите продолжуваат по повеќедневните демонстрации поради состојбите во образованието и незадоволството од власта.

