Голем број млади денеска го посетија шестото издание на воздухопловно-едукативниот саем „Скопје ер фер 2026“ во Градскиот парк во Скопје. Најголемо внимание привлече хеликоптерот на МВР, а учениците и студентите имаа можност директно да разговараат со претставници на авиокомпании и воздухопловни академии за можностите за образование и вработување во оваа индустрија.
Настанот се одржа во реонот на „Вембли“, во организација на Здружението за подобро воздухопловство „Авикон“, со учество на домашни и меѓународни компании, образовни установи, аероклубови и професионални здруженија.
Посетителите одблизу го разгледаа хеликоптерот на единицата „Јастреби“ при Министерството за внатрешни работи, а на штандовите добиваа информации за различните професии во воздухопловството – од пилоти и контролори на летање до воздухопловни техничари, инженери и метеоролози.
Меѓу учесниците беа ТАВ Македонија, „Виз ер“, Европскиот авијациски институт од Романија, Воздухопловната академија од Белград, „Глобал евиејшн“ од Грција и „Глобал меинтенанс“ од Бугарија.
На саемот се претставија и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, Дирекцијата за заштита и спасување, Воздухопловната федерација на Македонија, Аероклуб Скопје, како и здруженијата на контролори на летање и воздухопловни метеоролози.
Од „Авикон“ истакнаа дека целта на настанот е младите да се запознаат со професионалните можности во воздухопловството и да се надмине претставата дека станува збор за професии што се тешко достапни.
„Сакаме да ги скршиме сите стереотипи поврзани со воздухопловството“, порачаа од здружението, нагласувајќи дека оваа индустрија нуди различни образовни и кариерни насоки.
Годинашното издание беше поврзано и со едукативниот проект „Небо за сите“, преку кој „Авикон“, во соработка со ТАВ Македонија и со поддршка од Град Скопје, ги претставуваше воздухопловните професии пред средношколци.
Според организаторите, големиот интерес на учениците и студентите покажува дека постои потреба од повеќе настани на кои младите ќе можат непосредно да се запознаат со професионалците, образовните програми и условите за работа во воздухопловниот сектор.

