Славеничка атмосфера во Белград по признанието на Александар Вучиќ дека неговиот табор ги изгубил парламентарните избори од Студентската листа. Граѓани вечерва се собираат во центарот на српската престолнина, а прославата од раскрсницата кај „Лондон“ се прошири и на Теразије.
Музика, извици и скандирања ја одбележуваат изборната ноќ. Поддржувачите на студентското движење излегоа на улиците по објавувањето на првите проекции и признанието на поразот, претворајќи го исчекувањето на резултатите во прослава.
Се слави и во изборниот штаб на Студентската листа, каде што студенти, кандидати и поддржувачи со музика ја дочекаа веста. „Победа, пумпај, пумпај“, е пораката што ја придружува прославата на движењето произлезено од речиси двегодишните протести.
Во центарот на Белград дел од граѓаните влегоа и во „Ќациленд“, провладиниот камп, по што започна негово растурање. Објавените снимки од изборната ноќ ги следат собирањата на улиците и случувањата околу кампот.
Прославата се прошири и во други градови. Од Нови Сад пристигнуваат снимки од славење на победата на студентски поддржаната листа, по протестниот бран што започна по трагедијата на тамошната железничка станица.
Вучиќ го призна поразот врз основа на примерок од изборните резултати. Додека граѓаните слават на улиците, пребројувањето продолжува, а објавените бројки за пратеничките места остануваат проекции до потврдувањето на официјалните резултати.

