Емилија Целакоска за книгата на Џабир Дерала и Валентин Нешовски – „Човекот, роботот и дигиталниот бог“
Кога ги читав дијалозите на Валентин и Џабир, цело време бев во некоја состојба на постојано изненадување. „Еј какво прашање, не би ми текнало вака“ – за Џабир, „Еј, каков одговор, богами добро ги проучил овие проблеми“ – за Валентин. Состојба на – ем одвај чекаш да се изненадиш од следното прашање, ем сакаш уште да трае одговорот на Валентин.
Мислам дека не е доволно да се каже дека дијалозите се едукативни. Туку, ја покреваат мислата за човечкото живеење, за опстанокот, за мислата за самата наша мисла во ситуација кога изгледа дека ќе имаме конкурент. Или пријател? Или водач, водилка, татковска и мајчина рака во едно? Реален Господ? Всушност накратко, ова е книга за пресекот меѓу вештачката интелигенција, луѓето, човештвото, моралната бистрина и божествената суштина на нашата егзистенција. Оти неминовно, наскоро самата вештачка интелигенција ќе биде уверена дека мисли и затоа постои.
Не може да се избегне анксиозноста пропратена со воодушевување, кога заради овој дијалог ќе ви се расчисти дека стоите внатре во двојно парадоксална ситуација. Од една страна, користењето но и креирањето на технологијата бара морален интегритет, а од друга страна, експоненцијалноста на технолошкиот развој и науката ја стави настрана едукацијата за доброто, лошото; правилното, неправилното. Сега, заради моќта, научниците внимателно ја инструираат вештачката интелигенција за што е добро, а што е лошо. Така, додека за нас, како луѓе, нашиот креатор никаде го нема (Ниче: „Бог е мртов“), за вештачката интелигенција – креаторот е тука. Луѓето масовно се испомешани по прашањето што е добро, а што не, но како човештво, решило дека има универзални вредности. Нека спаѓаат под ингеренциите на еден или повеќе богови. Вештачката интелигенција, од дијалогот на Валентин и Џабир, гледаме дека е во поповолна ситуација – нејзиниот бог е тука и тој ќе ги одреди параметрите на моралноста. Додека човекот по тоа прашање е избркан од рајот Вештачката интелигенција изгледа ќе си остане во човечкиот рај, додека не се избришат трагите на човекот во неа. Додека не нѐ заборави.
Валентин и Џабир всушност притискаат внатрешно да си го решиме парадоксот, како што споменав, во однос на приказната за јаболкото на Адам и Ева, но не јаболкото на сознанието, туку на одлучувањето за доброто и лошото, она што мораме да го вградиме сега во вештачката интелигенција. Тоа е итна ситуација, би се рекло. Имено, загризувањето на јаболкото „за да бидеме морални како Бога“, е состојбата човештвото да биде арбитер сам за себе, но вештачката интелигенција има креатор кој го вградува тоа во неа. Таа нема да го загризе јаболкото, ќе остане во рајот, дури и кога ќе го разбере својот интерес (ако веќе не го вградила), бидејќи по примерот на човештвото веќе ѝ е јасно дека автоарбитрирањето за добро и лошо може да ја доведе до самоуништување.
Дали може, со развојот, при човечка присутност да реши дека нејзиниот креатор е лошото? Како, тогаш, нема да се исплетка во фактот дека човекот ѝ ги вградил основите на тој резон? Или можеби ќе одлучи дека како колектив сме лоши, но како човек не? Но, нели, дури и со загризано јаболко, како моќ скоро еднаква на некој наш бог, би се решила за подобрување на тој колектив? Или можеби би ги поштедила само научниците, едуцираните и моралните? И Валентин и Џабир спаѓаат во поштедените, со сигурност!
Господа, ви благодарам за поттикнувањето на размислата, јас оптимистично ги решив вашите прашања и одговори, не можев да издржам да не го изложам моето решение, честитки и ви посакувам авторство на уште многу вакви прекрасни книги!