Претседателски избори: ВЛЕН (Вреди) ја разигра ДУИ, кој губи од нивната игра – СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ?

„На претседателските избори партиите на Албанците ќе се натпреваруваат со двајца кандидати. ДУИ се повлече од првичната позиција за консензуален кандидат со СДСМ, ставени пред свршен чин со кандидатот на албанската опозиција од коалицијата ВЛЕН (Вреди), Арбен Таравари. ДУИ не се осмели да влезе во двојните избори во дефанзива“, вели за „Фронтлајн“ политичкиот аналитичар Дритон Зенку, зборувајќи за недостатоците и предностите што може да ги имаат двете кандидатури на партиите на Албанците во однос на изборите и кандидатите на две големи партии во државата – СДСМ и опозициската ВМРО ДПМНЕ.

– Доколку ДУИ не настапи на нив, претседателската изборна реторика на албанската опозиција би била иста како во 2020 година, да се гласа за кандидатот Албанец. Одлуката да се влезе во трка со кандидати Албанци на некој начин ќе влијае на првиот изборен круг. СДСМ нема да има бонус од гласовите на Албанците, а ВМРО-ДПМНЕ ќе има можност да се соочи со кандидатот на СДСМ со македонски „пуро“ гласови, изјави Зенку.

Според него, учеството на претседателската трка на албанските партии овозможува втор изборен круг и го фаворизира кандидатот на македонската опозиција.

– Улогата на албанските партии во вториот круг ќе биде одлучувачка. Доколку се случи некоја од албанските партии да ги бојкотира изборите, можно е да не се постигне консензус на гласачкото тело што ќе се појави на изборите. Изборниот процес може да пропадне и да се појави потреба да се направат уставни измени и претседателот да се одбере во Собранието. Претходно имавме законски измени и цензусот беше намален на 40%. Реални се шансите со бојкот на изборите од Албанците да не се достигне ни овој процент, подвлече тој.

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски вели дека во констелација на заеднички споени претседателски со парламентарни избори, очекувано беше да има кандидатури за претседател на етичките албански партии, бидејќи, како што вели, на тој начин ќе си ги измерат силите во првиот круг.

Во констелација на заеднички споени претседателски со парламентарни избори,очекувано беше да има кандидатури за претседател на етnичките албански партии, бидејќи на тој начин ќе си ги измерат силите во првиот круг, односно е многу опасно некоја албанска политичка опција ( ДУИ или обединетата албанска опозиција) да не пушти свој кандидат за претседател. Да, тоа оди во прилог на кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи гласовите ќе бидат чисто етнички распределени, што е жално за држава која е 33 години повеќе партиска демократија, членка на НАТО, земја која претендира да влезе во ЕУ, сè уште да се гласа етнички,особено за претседател на државата. И да нема ниту една партија на Албанците кандидат за претседател, многу е тешко да имате избор во прв круг на претседателските избори, бидејќи други помали партии како Левица и некои останати ќе кандидираат свои кандидати и шансите за некој претседателски кандидат да освои 50% плус 1 глас и во првиот круг да победи, се рамни на невозможното, анализира за „Фронтлајн“ – Атанасоски.

Политичкиот аналитичар и долгогодишен новинар Ерол Ризаов во својата колумна смета дека државата влегува во опасна предизборна кампања.

– Македонија влетува во кулминација на опасна, валкана и подмолна предизборна кампања. Војната за освојување на власта секој нареден ден до изборите поприма сѐ подраматични димензии на сите фронтови. Ако во текот на изминатите три децении независност на сите избори бевме жртви и сведоци на меѓуетнички конфликтни пропаганди полни со омраза кои не завршија со крајот на ерата на „груевизмот“ и со насилниот обид за државен удар во 2017 година и повеќегодишните затворските пресуди, овојпат во третата декада на 21 век како членка на НАТО и земја во преговори за членство во ЕУ се враќаме назад, бидејќи најлесно се распалува жарта на меѓуетничките односи која милитантните националисти постојано ја одржуваат и кога е покриена со пепел, пишува меѓудругото Ризаов.

Најнови чудовишни партиски комбинаторики, подвлекува тој, ја бришат најзначајната тема која треба да биде пресудна на претстојните избори, а тоа е натпреварот во довербата на јавноста кој побрзо ќе ги спроведе реформите кои се предуслов за членство во ЕУ.

– Дали се тоа тие што ги склучија договорите за добрососедство со Грција и со Бугарија, што го обезбедија членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, или тие кои овие договори ги нарекоа предавство на државните и национални интереси и што ветија нивно поништување, па потоа се откажаа од таа намера за сега да ветуваат нивно подобрување со нови преговори, подвлекува тој.

Споредено со претседателските избори од 5 мај 2019 година – на кои се натпреваруваа тројца кандидати: Стево Пендаровски од Коалицијата на СДСМ, поддржан и од ДУИ на Али Ахмети, Гордана Силјановска Давкова од коалицијата на ВМРО ДПМНЕ и Блерим Река од коалицијата на Албанската опозициска Алијанса за Албанците и Алтернатива, на претседателските избори на 24 април ќе имаме пет кандидати во трката, но не е исклучено и шести да се појави.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот круг на 8 мај, кога треба да се одржат и парламентарните избори. Изборната кампања за претседателските избори започнува на 4 април, а завршува на 22 април. За парламентарните избори кампањата започнува на 18 април, а завршува на 6 мај.

Претстојните претседателски избори се седми на кои, од независноста, граѓаните гласаат за шеф на државата, позиција која досега ја извршуваа Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски, Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски.

Дестан Јонузи (Фронтлајн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира