Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Расте поддршката за Отворен Балкан кај граѓаните

Преку 63 отсто од вкупното население на земјава позитивно ја оценуваат идејата за „Отворен Балкан“ со која се засилува регионалната соработка и економската интеграција меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија, покажа последната анкета на Институтот за политички истражувања Скопје.

Истата анкета открива дека граѓаните сметаат дека со Србија, која заедно со Северна Македонија е иницијатор на „Отворен Балкан“ е државата со која имаме најдобри односи. Повеќе од 56 отсто од испитаниците својот одговор го дале за Србија, а потоа следува Албанија, другиот партнер во иницијативата „Отворен Балкан“ со 11,3 отсто.

Ова е раст од 21 процентен поен во однос на анкетата на истиот институт од пред три години, кога само 42,4 отсто од граѓаните позитивно гледале на иницијативата. Процентот на граѓаните кои негативно гледаат на „Отворен Балкан“ во мај 2023 година паднал на 15,9 отсто, наспроти речиси 40 отсто во 2020 година.

Од друга страна, како држава со која имаме најлоши односи, граѓаните со огромно мнозинство од 64,6 отсто ја истакнале Бугарија, која го блокираше евроинтеграцискиот пат на државава.

И Македонците и Албанците во земјава со поддршка за Отворен Балкан

Речиси две третини од вкупното население на државава позитивно ја оценува иницијативата Отворен Балкан, а во тоа се согласуваат и испитаниците од македонска и албанска националност, според анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје.

Позитивно за зголемената регионална соработка и економска интеграција меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија одговориле 62 отсто од испитаниците кои се декларираат како Македонци и 67 отсто од испитаниците кои се декларирале како Албанци. Ваквите проценти покажуваат дека „Отворен Балкан“ е точката за која во државата има речиси национален консензус.

Огромна поддршка за иницијативата покажуваат особено помладите испитаници. Над 70 отосто од граѓаните помеѓу 18 и 29 години дале позитивна оценка на „Отворен Балкан“.

Р.Р.

Податоците и инфорграфиците за оваа анализа се преземени од Детектор и ИПИС

Зачлени се на нашиот е-билтен