Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ризаов: Во првите сто дена на ВМРО-ДПМНЕ се воспоставува режим, цвета примитивизмот, алчноста и лечењето комплекси

„Цветаат примитивизмот, провинцијализмот, алчноста, неизживеаноста и лечењето на комплекси на функционерите на новите власти. Тоа е сегашниот амбиент во Македонија, кога власта уште е опозиција со обиди да воведе режим кој веќе го преживеавме по 11 години. Ако од тоа ништо не научивме нека ни биде“, пишува Ерол Ризаов во неговата колумна на Дојче Веле на македонски.

Тој додава дека премиерот Христијан Мицкоски медиумски прогласи дестабилизација на државата и предизвика вртење на вниманието на јавноста од главните проблеми и скандали, а сега веќе не зборува дека се подготвува дестабилизација, туку дека има можност тоа да се случи.

„Се врши силен притисок за преземање на комплетниот правосуден систем и ставање на судската власт под партиски диктат. Партизацијата на правосудниот систем е силен удар врз демократијата и владеењето на правото. Потполно е јасно дека се работи за поставување на партиски кадри во судството и за контрола на власта врз правосудниот систем“, посочува Ризаов и додава дека со јавните закани на партиски и владини функционери притисоците за радикални промени во судството и обвинителството, власта се подготвува да инсталира страховлада и пресметка со политичките противници.

Тој додава дека се прозиваат и јавните обвинители преку медиумите што и како да работат и дека тоа е повторување на ерата на груевизмот, што ја уназади Македонија со децении.

„Тој терор на следење и држење под надзор на илјадници јавни личности и нарачани судења и затворски казни остави трагични последици чии корени и нови фиданки се уште се на висока цена во ВМРО ДПМНЕ. Намерите за воспоставување на режим може да се видат и по масовните чистки во сите државни компании и институции. Се отстрануваат стручни луѓе за на нивни места да дојдат партиски активисти. Владее вистинска наезда на деградација на институциите и јавните компании, на државните фондови и стручните служби на министерствата“ пишува Ризаов.

Покрај тоа, додава тој, во тек е и блокада на Скопје за преземање на градоналаничкото место со небулозно обвинување дека вмровскиот кандидат што стана градоначалник на главниот град бил диригиран и под контрола на опозицијата, иако блокадата на очиглед на целата јавност е од советниците на ВМРО ДПМНЕ, поточно е директива од партискиот врв.

„Откриени се лагите и за поголеми плати и пензии. Се врши притисок за партизирање и на синдикатите. И еден куп други скандали кои ги откриваат лагите од предизборните ветувања“, наведува Ризаов.

Тој додаде дека со горењето на планините, шумите, националните паркови, изгореа и надежите дека некои од главните државни приоритети ќе се решат брзо.

„Овие стотина дена само слушаме држте го крадецот, дека власта на заминување оставила празна каса и хаос. Оправдувањата за лошиот почеток и погрешната насока по која тргна новата власт држат вода кусо време каде што превладува разумот, што за голема жал кај нас секогаш е во малцинство. Во Македонија на лагата долги и се нозете, можат со години да се лажат заблудените, ама колку подоцна се откриваат, толку потешки се разочарувањата и последиците“, пишува Ризаов во својата колумна на Дојче Веле на македонски.

Целата колумна на Дојче Веле на македонски

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново