ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Малкумина во земјава знаат дека рускиот претседател Владимир Путин, во рамки на тогаш живото Партнерство за мир, присуствувал на Самитот на НАТО во април 2008. Партнерството за мир беше форма која требаше да биде одговор на непостоењето на биполарен свет и замена со добри взаемни односи меѓу некогашните непријателски сили, односно сојузи.
Оттаму и отворената врата за Русија во активностите на НАТО, што секако Путин умеел добро да ги искористи. Колку бил инволвиран во давањето поддршка на Грција во ставањето на вето земјава за влез во Алијансата не е познато, но факт е дека САД беа тие кои ја туркаа нашата кандидатура, а дека во својот говор на овој настан, Путин изразил задоволство од работата на организацијата која го поканила во Букурешт. Поинаку кажано, бил задоволен што Македонија не добила виза за влез во НАТО, на што потсетува и поранешната министерка за одбрана, како што објавува ЦИВИЛ МЕДИА во март, минатата година.
Бил незадоволен од давањето на поддршка на Грузија од присутните за можен влез во НАТО на оваа земја. Четири месеци подоцна, руската војска изврши отворена воена агресија на оваа кавкаска држава и ѝ одзеде дел од нејзината територија!
Рускиот амбасадор во Скопје, Владимир Солоцински, тогаш јавно изрази задоволство што македонскиот народ ја поддржал оваа акција, инаку чиста злоупотреба на супремација од една велесила врз мал народ! Ова несомнено беше точно и секако е доказ дека нашиов народ нема јасен критериум за проценка на пријателствата на другите кон нас.
Карамбол во земјава во 2008 година, успех на Москва
Но добрата вест за Путин во однос на Македонија предизвика сериозен карамбол во државава. Груевски се врати во изолација, ја отвори антиквизацијата (за инает на Грција), народот го поздрави овој чекор на премиерот и му даде поддршка за нови четири години на парламентарните избори таа година. Гледано од аспект на Москва, таа година сè одеше како што таму било замислено во нејзините геостратешки планови.
Крупните цели на московската визија на светот никако не се дел од намерата да продаваат некакво словенофилство или да му понудат православно братство на еден мал народ, но тие умеат да го користат токму тоа како алатка која и не ги чини многу, би рекле „ниту копејка“.
А нашиот поглед кон Истокот никогаш не умеел да биде критички поставен, иако од таму доаѓала само штета за нас, најмалку од Сан Стефано па наваму. И обратно, кај македонското население, пред сè, секогаш имало место за восхит кон Москва.
Со влошување на односите меѓу Путин и Западот, кое може да се позиционира некаде после 2010 година, на Владимир Владимирович започна да му пречи фактот дека неговата „балканска црвена линија“ се изместува: Хрватска, освен во НАТО, таа година влезе и во ЕУ, Белград во тоа време имаше политичко раководство кое навистина живееше со формулата „и ЕУ и Косово“ ама беше далеку од проруската наклонетост која ја покажува новата елита која дојде на власт во Белград после јули 2012 година.
Посебен удар беше влезот на Бугарија и Романија во Унијата (претходно во НАТО), што за него значеше одземање на неговата моќ на простори што ги сметал за свои. Малата Македонија не му беше проблем сѐ додека со неа владееше режимот на Груевски, кој просто беше заглавен во митовите за Александар и ставен во позиција да ги изгуби сите пријатели што земјата ги стекна после независноста. Таа негова митоманија беше искористена за подбуцнување на непријателствата од грчките шовинисти, кои добро си ја вршеа таа задача.
За „словенофилството“ беше задолжен претседателот на државата, Иванов, кому му беше „пуштана вода“ со дозвола за предавања на Ломоносов. Тој во февруари 2014 година стана почесен професор на државниот универзитет Ломоносов во Москва.
Руските операции на Балканот
Како земја со познати широки зафати на безбедносно разузнавачки план, Русија, за секој случај, го наполни своето „посолство“ со голем број вработени. Промените што се наѕираа после 2015 година секако биле за загриженост. Особено кога Црна Гора влезе во НАТО и доби повик да аплицира за влез во ЕУ, Москва доби голем удар. Одговорот на ова од Русија воопшто не беше нежен. Во Подгорица се направи обид да се изведе државен удар што беше спречен, но руските активности во оваа земја продолжија и со посредство на српската црква.
После објавувањето на тајните снимки за активностите на режимот во Скопје (т.н. „бомби“) импозантен број на разузнавачи дојдоа во Скопје – се насетуваше промена на власта, но и промена на геостратешките определби. Тоа морало да се спречи, гледано низ визирот на Москва.
Според едно обемно истражување на српската мрежа за истражување на криминалот и корупцијата, КРИК, руските разузнавачи во Македонија работат под контрола на шпионскиот центар во Белград, покажуваат документите на македонските тајни служби до кои дошле новинарите на ОЦЦРП, Нова ТВ и КРИК а сторијата ја објавиле во Гардијан.
Документите што ги виделе зборуваат за трајните децениски напори на руските шпиони и дипломати за следните цели:
– спречување на влезот на оваа земја во НАТО;
– оневозможување или одлагање на придружувањето во ЕУ:
– создавање на енергетската зависност на Македонија од руските стратешките енергетски ресурси, заедно со форсирање на партнерство со балканските земји.
Ние би додале секако дека тука спаѓа и оневозможување на целосното осамостојување на МПЦ и нејзиното останување на рамки на српско -руското православно братство, претходно непријателски поставено кон нашата црква и автокефалноста.
Крајната цел на руската стратегија е да ја стави Северна Македонија „во состојба на ексклузивна зависност од руските политики се вели во документот во кој овие новинари имале увид.
Кои се целите на руските агенти?
Русија вршела разузнавачки активности од амбасадата во Скопје преку агенти на цивилната разузнавачката служба СВР и агенти на воената разузнавачка агенција ГРУ (податоците се од 2017 година). Овие шпиони ги добивале своите наредби од главните градови на две соседни земји – Србија и Бугарија.
Се споменуваат и локалните претставници на руската новинска агенција ТАСС и претставници на „Росотрудничество“ – владината агенција за хуманитарна помош, која, според „Вашингтон пост“, била под истрага на ФБИ за разузнавачки активности во Соединетите Американски Држави (САД), назначени се како учесници.
Проценките од она време говорат дека посебна цел на руски агенти било регрутирање поранешни и сегашни припадници на македонската армија и МВР за да се формира „критична маса на воено обучени луѓе“. Како што пишува во документите, „во одреден политички момент или ситуација, тие би се користеле за остварување на руските интереси“.
Припадниците на армијата и полицијата, според документацијата, не се единствените мети на руските агенти. Се вели дека руските разузнавачи се обиделе да влијаат врз македонските медиумски куќи, вклучително и оние ориентирани кон албанската заедница. Целта на овие медиуми би била да шират „информации и дезинформации“ за поддршка на руските политички цели. Почесните конзулати формирани во Битола и Охрид функционирале како „разузнавачка база“, се вели во документот.
Во посебен документ е опишана средбата на високиот функционер во Министерството за надворешни работи на Македонија, Ненад Колев, со рускиот амбасадор Олег Шчербак, на 7 април 2017 година. Во него се наведува дека амбасадорот рекол дека целта на Русија е „создавање воено неутрални земји“ на Балканот, меѓу кои би биле Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија и Србија. Да напоменеме дека ова се случува непосредно пред обидот за државен удар на 27 април таа година.
Средби пред обидот за пуч во Македонија
Според документите, Шчербак го изразил своето незадоволство затоа што македонските власти не ѝ возвратиле на Русија и покрај нејзината гласна поддршка против „странското мешање“. Тој навестил дека тоа лошо ќе се одрази на економските и дипломатските односи доколку македонските претставници не почнат да ја поддржуваат политиката на Кремљ. Тројца македонски функционери на МНР, кои не сакале да бидат именувани во текстот, на новинарите им потврдиле дека средбата се случила, но не и за што се разговарало на неа.
Македонската контраразузнавачка служба од 2015 година го надгледувала оперативецот на БИА и советник во српската амбасада во Скопје, Горан Живаљевиќ, бидејќи наводно работел на нарушување на евроинтеграциите на Македонија, се вели во документите.
Документите покажуваат дека Живаљевиќ имал големо влијание врз пратеник на една сега опозициона партија кој „го информирал за важни одлуки во парламентот или пред состаноци во владата“, се вели во документите што биле ставени на увид на новинарите, а од кои потоа е објавен текст во „Гардијан“. Тој пратеник одржувал контакти со руски дипломати и со дописник на агенцијата ТАСС од Скопје, се вели во еден од документите, но не се наведуваат детали за тие контакти. Тој инаку бил еден од бројните српски политичари кои патуваат во Москва.
Серијата транскрипти до кои дошле новинарите, покажуваат дека на 3 март 2017 година, имало средба меѓу Груевски и Мирослав Лазански, проруски новинар кој подоцна стана амбасадор на Србија во Русија.
Во колумната што ја објави во Политика на 5 март 2017, Лазански застана на страната на Груевски и ги повторил повиците на ВМРО за нови избори.
Според архивите на македонската разузнавачка служба, постојат најмалку 50 текстови кои биле оценети како „пропаганда“ во кои Лазански ја пофалил руската воена сила и го обвинува Западот за немирите во Македонија.
Медиумска поддршка за агресијата на Путин врз Украина
Посебен е односот што Москва го гради кон нас за времето пред, а особено по агресијата против Украина. Особено со влијанието за покривање на војната низ медиумите. Новата геополитичка реалност ги претвори медиумите, од средства за информирање, во софистицирано оружје, пишува Џелал Незири за Мета.мк, додавајќи дека, иако кај нас ниту еден медиум не е во сопственост на правни или физички субјекти од Русија, сепак, нивните наративи се присутни во медиумската сфера.
Познато е, нели, дека како одговор на засилената пропаганда, државните руски медиуми РТ и „Спутник“ со одлука на Владата на РСМ се препорача да се прекине нивното емитување преку кабелските оператори во земјата. Тоа ја рефлектира итната забрана на овие медиуми во земјите на ЕУ, како и пошироко, низ светот.
Како што објави Радио Слободна Европа, руската амбасада во Скопје за две години, во 2021 и 2022 година објавила двојно повеќе постови на социјалните мрежи од дипломатските претставништва на ЕУ, САД, Британија… Според истражувањето на Центарот за проучување на демократијата од Софија (CSD), тоа е дел од пропагандната стратегија и хибридната војна на Кремљ. Оваа амбасада има и неколкукратно повеќе објави од македонското Министерство за надворешни работи (МНР). Ова го покажува истражувањето на Центарот за проучување на демократијата од Софија (CSD), кој ги следел објавите на повеќе амбасади на Балканот во тој период.
Во обемната анализа на ЦИВИЛ, авторот Драган Мишев пишува дека „проруските пропагандни наративи, кои првично беа споделувани на профили на социјалните мрежи, преку ‘анонимни’ портали , набрзо почнаа да се појавуваат во сериозни медиуми, а експресно беа прифатени и од политички партии, како вонпарламентарни, така и парламентарни.“
Со други зборови, медиумите кои се „навлечени“ на руската пропаганда, може да се најдат, како во интернет порталите, така и во мејнстрим медиумите.
Овој текст изобилува со примери од двете сфери на влијание врз македонскиот граѓанин и неговата свест. Посебно се забележува дека пред самиот напад на Украина се потенцира дека нема да има напад односно војна, а дека пропагандата во оправдување на војната стартува веднаш кога руските тенкови ја минуваат границата.
Мишев забележува дека неретко, во пренесувањето на некоја информација од тековната воена состојба во Украина, се користат само руски извори, како ТАСС, РИА, Россиа 1, иако за истата постојат релавантни извори од украинска, па и од трета страна (Би-Би-Си, Еуроњуз, СИ-Ен-Ен), и истите или целосно се занемаруваат, или се спомнуваат само со една реченица, на дното од текстот, и понекогаш се карактеризираат како неверодостојни.
Се опишува и карактеристичниот начин за отворање на седиште на еден македонски портал дури и во Тајладн (во јавноста доста се говори, нели, за тоа како руските позиции и ставови за главните геополитички теми посебно ги „негува“ порталот think.mk, кој е во сопственост на Даниел Краљевски од Куманово).
Тука е и незбежната домашна проруска организација „Родина за Македонија“ која ја одржува фејсбук страницата „Против загадување и труење на народот“, за која пишува Мишев и нагласува дека админстратор е Владимир Трајковски.
Руското влијание кај нас се шири и преку одредени српски, но и бугарски ТВ канали, кои се присутни во дел од дигиталните и кабелските платформи во земјата. Интересно е и интервјуто со аналитичарот Иво Раѓеновиќ кој објаснува зошто овдешните народи лесно се лепат на лажните вести на руската пропаганда.
Енергија и пари во анти-НАТО пропаганда пред референдумот во земјава
Истите групи и онлајн медиуми се обидоа да конструираат наративи насочени кон оштетување на имиџот на НАТО и ЕУ и зајакнување на врската на македонскиот народ со Русија, се вели во анализата.
Слична анализа се сретнува и на Канал 5.
„Нема сомниение дека Москва финансира проруски групи во Македонија со цел неуспех на референдумот за името“, изјавил американскиот секретар за одбрана за време на летот од Вашингтон кон Скопје, Џејмс Матис, на денот на изјаснувањето на електоратот во Македонија, како што објавил тогаш и Вашингтон Пост.
„Тие префрлуваат пари, а спроведуваат и кампањи за пошироко влијание. Руските напори се во насока да ги искористат своите пари и влијание за да се изгради опозиција на претстојното гласање, што на земјата ќе ѝ го отвори патот до НАТО. Треба да го оставиме македонскиот народ сам да одлучи – изјави Матис пред доаѓањето во Скопје.
Со слична реторика се огласи и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој за време на говорот во Фондацијата „Херитиџ“ во Вашингтон рече дека и македонскиот референдум не е изземен од руските обиди да се влијае на демократските процеси.
„Видовме дека Русија не само што се обидува да го попречи приклучувањето на ПЈРМ да стане членка во НАТО, туку истото го направи и во Црна Гора да го попречи нејзиното членство во НАТО, каде што видовме и неуспешен обид за преврат. Гледаме дека се користат социјалните медиуми за дезинформирање за да се влијае на демократските процеси во различни земји“, рече Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
За руското влијание и ефектите од него, анализира и „Њујорк Тајмс“, кој пишува дека Москва ја засилила кампањата за неуспех на референдумот во земјава. Весникот, меѓу другото, наведува дека американскиот Конгрес претходно одобрил осум милиони долари за борба против руската пропаганда во Македонија, но оти парите сè уште не биле искористени (!?).
За што пишуваат овие проруски медиуми?
Се напаѓа постигнувањето на било каков компромис во односите Скопје – Софија, потоа преговорите сами по себе, потпишувањето на Договорот за добрососедство со Софија, усвојувањето на амандманите на Договорот со измена на Уставот и процесот на имплементација во пракса и сето тоа врз база на силна антизападна пропаганда.
По усвојувањето на уставните измени кои произлегуваат од Договорот од Преспа, кога веќе беше јасно дека земјава ќе влезе во НАТО, прорускиот наратив го сочинуваа информации кои упатуваа на супериорноста на Русија во однос на НАТО и ЕУ, особено пред и по започнувањето на агресијата врз Украина.
Јасно е дека тие аргументи сега се „излитени“. Но, она што можеше да се види по скопските кафеани е дека некои ликови држеа средби со групи новинари во домашни медиуми и ги убедуваа дека „Украинците не се баш Словени“ (!), демек за да разбие двоумењето кај словенофилите, како и дека украинската православна црква (која се одвои од руската) е повеќе католичка (!), за да се исфрли од главата на Македонецот евентуалното повикување на „православното братство“.
Претходно, во проруските медиуми дека Русија и Кина најдобро се справуваа со кризите предизвикани од пандемијата COVID-19, дека нивната солидарност ќе дојде до израз за разлика од себичноста на Западот кон Северна Македонија. Видовме дека и двете земји не сакаа да и продадат вакцини на Македонија (потоа ги добивме посредно, преку Србија), а всушност Кина најтешко се извлече од ковидот-19, додека Русијата имаше изразито низок одзив на населението кон повикот за вакцинирање!
Кај нас има многу промаја
Земјава во повеќе наврати прогласи одреден број руски дипломати за persona non grata. На крајот, забрането му е доаѓањето кај нас и на еден свештеник кој инаку веќе работи во Софија пет години во тамошна руска православна црква – архимандритот Васијан (Николај Змеев), а кој очевидно работел на недобивањето на томос за автокефалност од Цариградската патријаршија и се чини успеал, засега во тоа, заради раскараните владици во МПЦ-ОА. Она што успеа да го направи државата во процесот на меѓународно признание на МПЦ-ОА некој лесно го растури. Дали е меѓу нив и оној великодостојник кој доби лиценца да отвори телевизија од ААВМУ?
Ова прашање секако е само дел од пејзажот каде што е сместен нашиот мек стомак како земја во однос на дејствувањето на руската агентурска машинерија. Ова што сега го имаме како длабока криза во домашните односи на многу полиња има опашка што се протега до московските институции. И порано, а особено по крајот на 2016 година, кога дојде до промена на власта и до остварување на нашите геостратешки цели.
Некој меѓу нас држи широко отворени врати за путинизмот. Во една прилика министерот Османи, пред камерите рече нешто што не е сосема дипломатски (воздржано), дека еден од оние протерани дипломати од Русија успеал да влезе во МНР и да ги прошета сите канцеларии во тој објект.
Дали тоа не е доказ дека кај нас има многу промаја?
Мониторинг тимот на ЦИВИЛ и медиумската платформа на организацијата се меѓу најрелевантните ресурси на информации и анализи на во контекст на хибридните закани и пропагандните кампањи со дезинформации и лажни наративи насочени против евроатлантските интеграциски процеси, демократијата и стабилноста на нашата земја.