Во јули низ медиумите на македонски јазик можеа да се прочитаат повеќе типови руски наративи поврзани со состојбите во Украина, а доминираа оние поврзани со самитот на НАТО во Вилнус, со касетната муниција одобрена од САД за Украина, со судбината на Пригожин, при што се обнови и наративот дека Полска сака да окупира делови од Украина, но станаа актуелни и нападите со дронови на Москва, пишува Вистиномер во најновата анализа.
Текстот го пренесуваме во целост:
Историскиот самит на НАТО во Вилнус, кој беше оценет како таков поради одлуката за приемот на Шведска како 32 земја членка и поради пакетот поддршка за Украина (ослободување од Акциониот план за членство (МАП), воена и економска поддршка и формирање на Совет НАТО-Украина), беше повод за жестоки руски реакции од Русија, канализирани преку екстремни и умерени дезинфо наративи. Како една од екстремните изјави може да се земе онаа на пропагандистот и поранешен претседател на Русија, Дмитриј Медведев, а на поумерени изјавата на портпаролката на Министерството за одбарана на Русија, Марија Захарава, како и на гласноговорникот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Во таа смисла македонските медиуми пренесуваат руски дезинфо наративи, проследени и со закани од Медведев, кој по руската агресија стана еден од главните пропагандисти на Кремљ.
Поумерена реакција стигна од Министерството за надворешни работи според чија анализа самитот на НАТО во Вилнус го означил враќањето на Алијансата кон размислувањата и шемите од времето на Студената војна, пренесe „Анадолија“.
Медведев – Или НАТО или Украина нема да постојат
Коментирајќи го заклучокот од самитот на НАТО дека е формиран Совет за соработка НАТО -Украина, Медведев рече дека тој Совет наскоро ќе престане да постои, зашто една од страните ќе исчезне, притоа повикувајќи се и на расформираниот Совет НАТО-Русија кој беше формиран во 2002 година:
Овој пат сè ќе се заврши поинаку. Советот ќе престане да постои, бидејќи една од страните ќе исчезне…Русија и Алијансата се на работ на војна, поточно надвор од работ, коментираше Медведев на Твитер профилот, а пренесоа дел од македонските медиуми.
Медведев и ден претходно, на 12 јули, оцени дека Украина не станала членка на НАТО и најверојатно нема да стане, но дека тоа што ѝ го ветиле од НАТО во Вилнус, значело дека светот се движи кон трета светска војна.
Сè е како што мислевме:
Акцискиот план за членство на Украина во Алијансата – укинат. Во смисла на побрзо примање. Да се покани (Украина) во НАТО.
Но, ќе ја примат – не се знае кога и под кои услови. Многу веројатно – никогаш. И тоа е она што реалистите во Алијансата се плашат да го кажат гласно,напиша Медведев на Телеграм.
Да се зголеми воената помош за режимот во Киев. Со сè што е можно: ракети, касетна муниција, авиони.
Сосема полудениот Запад не можеше ни да смисли ништо друго. Предвидливост од највисоко ниво, до идиотизам. Фактички – ќор-сокак. Трета светска војна е сè поблиску, оцени Медведев
Реакција на 11 јули имаше и портпаролката на руското МВР, Захарова, на првиот ден од НАТО самитот, која го повтори стариот руски наратив, оценувајќи дека НАТО е во војна со Русија – став кој исто така беше широко пренесен од медиумите на македонски јазик:
Дали навистина мислите дека НАТО не е во војна со Русија? Всушност, НАТО го обезбедува оружјето, борците, платениците, тренерите, советниците и разузнавачките информации за режимот во Киев. НАТО дефинитивно е вклучен во воените активности таму, нема сомнеж. НАТО е тој што го донесе режимот на Киев до оваа точка, истакнала Захарова, а, пренел ТАСС.
Изјавите на Медведев и на Захарова се дел од рускиот дезинформациски наратив дека НАТО е виновен за сегашната ескалација на војната по руската агресија, зашто ако НАТО не му даваше оружје на Киев, веројатно Украина ќе беше поразена многу побрзо и немаше да има војна.
Песков: Внимателно ќе анализираме
На првиот ден од самитот, на 11 јули, гласноговорникот на Кремљ, Песков изјави дека ќе се направи внимателна проценка на одлуките и изјавите што ќе бидат дадени на самитот и дека Москва ќе преземе соодветни против мерки.
Песков истакна дека:
Европските лидери изгледа не разбираат дека придвижувањето на инфраструктурата на НАТО поблиску до границите на Русија е грешка и дека напредокот на западната воена алијанса во Централна и Источна Европа е она што доведе до сегашната криза во Украина.
Резултатите од самитот беа најавени само еден ден претходно, иако имаше шпекулации дали ќе уследи одлука за датум за прием на Украина или не.
Шпекулации до последниот ден пред самитот
На 10 јули агенциите пренесоа објава на шефот на украинската дипломатија, Дмитриј Кулеба дека западните сојузници постигнале консензус значително да го скратат патот на Украина до членството во НАТО:
По интензивните разговори, сојузниците во НАТО постигнаа консензус за отстранување на МАП од патот на Украина за членство. Ја поздравувам оваа долгоочекувана одлука што го скратува нашиот пат кон НАТО, пренесоа дел од македонските медиуми.
Кулеба слична реторика имаше и ден претходно, на 09.07.2023, но не беше конкретен околу што е важниот напредок на прашањето Украина – НАТО.
За време на викендот од 8 и 9 јули, тема беше ставот на Берлин, зашто Германија имала намера да се спротивстави на брз влез на Украина во Алијансата, исто како што тоа лично го соопшти американскиот претседател Џо Бајден на 8 јули, така што создаде простор за шпекулации. Различните информациите за тоа што ќе се случува со Украина на самитот во Вилнус на 11 и 12 јули уследија откако, изненадувачки за многу аналитичари, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на средбата во Анкара со украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина треба да стане членка на НАТО.
Всушност, силен поттик за успешноста на самитот беше компромисот што се постигна со Турција на 10 јули во вечерните часови, за одобрението на Анкара за полноправно членство на Шведска во НАТО, со што Алијансата практично брои 32 земји или две повеќе од пред почетокот на руската инвазија на Украина на 24.02.2022 година. Проширувањето на НАТО на исток и приближувањето до руските граници беше една од официјалните причини за руската инвазија и една од целите на нивната т.н. „специјална воена операција“( демилитаризација на Украина и стопирање на аспирациите на Киев за прием на Украина во Алијансата).
Путин: Никој не сака судир Русија-НАТО
Но, реториката од Русија околу НАТО како да се врамува во некоја нормала и прифаќање на реалноста. На тоа упатува изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, кој на прес-конференцијата во Санкт Петерсбург од 30.07.2023 кажа дека никој не посакува судир со НАТО, иако Русија е подготвена и за таква опција:
Секогаш сме подготвени за секое сценарио. Но, никој не го сака тоа. И на иницијатива на Америка, еднаш создадовме посебен механизам за спречување вакви конфликти…Никој не сака ваков конфликт, но ако сака ние сме подготвени – изјави Путин.
Дел од медиумите во С.Македонија и натаму, барем преку насловите, ја пренесуваат руската дезинформациска шема за непобедливоста на нивната армија, па така ја искористија и оваа прес- конференција со наслови од типот „Путин повторно „ги замрзна“ НАТО и САД, руската морнарица годинава ќе добие 30 борбени бродови“.
Касетни бомби за Украина – поделеност на Запад, закани од Москва
Откако САД на 07.07.2023 г. соопштија дека ќе испратат касетна муниција како помош на Украина, не стивнуваат реакциите, ниту, пак, информациите и дезинформациите за ова прашање.
Меѓу првите што реагираа беше првиот човек на ООН, Антонио Гутереш, кој се спротивстави на таквата одлука, потсетувајќи на меѓународните заклучоци досега околу ваквата муниција – касетните бомби:
Генералниот секретар ја поддржува Конвенцијата за касетна муниција (ЦЦМ), која, како што знаете, е усвоена пред 15 години и сака земјите да ги почитуваат условите на конвенцијата. Така, се разбира, тој не ја поддржува употреба на касетна муниција на бојното поле, соопшти кабинетот на Гутереш.
Наспроти Гутереш, прв што ја поддржа и изрази разбирање беше генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, со оправдување дека Русија користела такви бомби за да заземе теретории, па Украина има право да се брани.
Првата реакција на Москва уследи во саботата на 08.07. 2023 г., кога одлуката ја нарекоа гест на очај на САД, додавајќи дека тоа ќе го направи Вашингтон „соучесник“ во убивањето цивили со ова контроверзно оружје:
Трансферот на касетна муниција е гест на очај и признавање на слабост во контекст на неуспехот на таканаречената украинска контраофанзива, соопшти руското Министерство за одбрана, а објавија дел од македонските медиуми.
Сегашните украински власти не се грижат за цивилните жртви, бидејќи касетните бомби убиваат неселективно, се вели во соопштението на Министерство за одбрана.
Медведев: Бајден опседнат со нездрави фантазии
Меѓу реакциите што беа пренесени беше и онаа на поранешниот руски претседател и премиер, Дмитриј Медведев, кој важи за еден од главните пропагандисти на Кремљ. Тој го обнови рускиот наратив дека Западот е виновен за војната во Украина, но овојпат директно го обвини американскот претседател Бајден заканувајќи се дека е можен „нуклеарен армагедон“:
Заспаниот, сенилен Бајден рече дека пред две години во Женева ги повлекува гаранциите дека Украина нема да се приклучи на НАТО. Во смисла „не им се поклонив на Русите“. Снабдувајќи ја Украина со стотици тони оружје, тој започна исклучително опасен долг конфликт со Русија, предизвикувајќи го режимот во Киев да ги уништи остатоците од својата земја. Сега, откако ги исцрпи сите ресурси, ветува кластерски напади и повторно ги кани неонацистите во Киев со НАТО перспектива, чија реализација значи трета светска војна, напиша Медведев.
Најлесно е да се мисли дека ова е насоката на кој било американски лидер и длабоката американска влада: да доминира и да ги ограничи другите земји. Особено тврдоглавите како нашата….
Или можеби сè е поинаку? Можеби дедото на умирање, опседнат со нездрави фантазии, едноставно решил грациозно да си замине, предизвикувајќи нуклеарен армагедон и земајќи половина од човештвото со себе во следниот свет…, заклучува Медведев.
Поделба на Запад
Викендот на 8 и 9 јули македонските медиуми проследија бројни информации за тоа дека дел од западните сојузници на Украина се спротивставиле на ваквата одлука на САД, а посебно ги истакнуваа реакциите на Шпанија, на Германија и на Обединетото Кралство.
„Њујорк Тајмс“ на 10 јули откри дека САД ќе испратат стари модели на касетна муниција на Украина, кои тешко се отстрануваат (оние кои нема да експлодираат на теренот) и дека тоа ќе создаде големи проблеми по војната.
На 16 јули рускиот претседател, Владимир Путин изјави дека Русија чува во магацините доволно залихи на касетни бомби и дека досега не ги користела, но ако биде нападната со вакво оружје ќе го употреби:
Се разбира, доколку се искористат против нас, го задржуваме правото да преземеме реципрочни мерки – изјави Путин, пренесоа медиумите на македонски јазик.
На 21.07.2023 година пристигнаа вести дека Украина веќе ги користи касетни бомби доставени од САД, а на 22.07. 2023 г. дека биле искористени и на руска територија во околината на пограничниот руски град Белгород.
Рускиот наратив на Трамп
Повеќе медиуми на македонски јазик објавија вест на 17.07.2023 г. поврзана со ставот на поранешниот американски претседател, Доналд Трамп во врска со војната во Украина, при што доминираше неговиот став дека доколку тој бил претседател би можел да ја запре војната во рок од 24 часа.
Ставот на Трамп, пренесен кај нас преку агенциска вест по интервјуто за Скај њуз, гласи:
Го познавам Зеленски многу добро, и го познавам Путин многу добро, уште подобро. И со двајцата имав добри односи, многу добри. Би му рекол на Зеленски: „Доста е. Мора да се договорите“. Јас би му рекол на Путин: „Ако не склучите договор, ќе му дадеме многу. Ќе ѝ дадеме (на Украина) повеќе отколку што било кога тие добиле, доколку мораме. Договорот ќе го склучам за еден ден. Еден ден.
Ставот на Трамп, де факто говори дека решението за војната и мирот во Украина е на американска страна и дека доколку Вашингтон сака, може да го постигне тоа решение.
Оваа проруска реторика само два дена претходно на 14 јули ја искажа и Виктор Орбан по завршување на на НАТО самитот. Повеќе онлајн информативни медиуми на македонски јазик го пренесоа ваквиот став на Орбан или со наслов од типот: Мир ќе завладее веднаш ако тоа го сакаат Американците , или од типот: Со поканата на Украина за НАТО ќе започне светска војна.
Путин: Полска има планови да ја анектира Западна Украина
На 21.07.2023 рускиот претседател Путин потврди дека постојат планови Полска да ја анектира западна Украина, коментирајќи ги плановите за создавање „полско-литванско-украинска врска“:
На крајот на краиштата, перспективата е очигледна – ако полските единици влезат, на пример, во Лавов или други територии на Украина, тогаш тие ќе останат таму. И тие ќе останат засекогаш, рече Путин.
Оваа руска закана, која е добро познат руски дезинформациски наратив од 2022 година откако беше изведена инвазијата врз Украина, беше повторена од највисоко ниво од страна на Путин, откако цел месец продолжија дезинформациите за Евгениј Пригожин и за платеничката група Вагнер, која при крај на јуни се обиде да изврши преврат во Русија.
Такви информации имаше повеќепати во текот на јули, а на 16 јули се пренесе вест дека задачата на Вагнер во Белорусија е да заземе клучен коридор што ги дели Полска и Литванија во случај на поглема ескалација меѓу НАТО и Русија – т.н. Ахилова пета на НАТО во Европа, коридорот Сувалки, што води до руската енклава Калининград, на брегот на Балтичко море.
Од другите руски дезинформациски наративи што како конкретни вести можат да се регистрираат на македонски јазик, „Вистиномер“ во својата рубрика Проверка на факти активно разобличуваше такви текстови во медиуми или постови, што може да се види на линкот ТУКА, а посебно издвојуваме дека во дезинформациската војна на Русија, но и од спротивната страна, се користат и видеоигрите, за што може да прочитате ТУКА.
Напади со дронови врз Москва
Медиумите на македонски јазик на неколкупати во текот на јули јавуваа за напад со дронови врз Москва или во близина на главниот град на Русија во текот на јули.Москва излезе со наратив кој ја обвинува Украина за меѓународен тероризам или само за тероризам, а истовремено во наративот се предупредуваат западните земји да престанат да вооружуваат и да финансираат Украина, зашто на тој начин го помагаат тероризмот.
Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова за нападот на 24.07.2023 г. даде оценка дека станува збор за меѓународен тероризам од страна на Украина.
Тоа беше акт на меѓународен тероризам, рече таа за ТВ каналот RTVI, коментирајќи го инцидентот, пренесува еден од медиумите на македонски јазик.
Станува збор за напад со два дрона кои биле соборени, според Москва, надвор од згради кај што живее цивилно население. Но, сепак еден од дроновите бил соборен во близина на Руското министерство за одбрана. Овие вести ги пренесоа на 24 јули медиумите на македонски јазик до пладне. Наративот што го користи Захарова е истиот наратив што Москва го употреби и за нападот врз мостот што го поврзува Крим со копнениот дел на Русија неколку дена претходно, но и со поголемиот напад со дронови што беше извршен на почетокот на јули, поточно на 04.07.2023 г., кога беа соборени најмалку пет дронови кои приоѓале кон објекти во Москва од различен правец. За сите овие напади Москва го обвинува официјален Киев, кој не секогаш ги признава нападите. За овој од 04.07.2023 г., во кој еден од дроновите беше насочен кон меѓународниот аеродром Внуково во близина на Москва, Захарова исто така го употреби наративот тероризам, поточно „терористички акт“.
Со оглед на тоа што украинскиот претседател Володимир Зеленски ги извршува тие терористички напади со оружје обезбедено од Запад или платено со западни фондови, ова е меѓународен тероризам. Крајно време е меѓународната заедница да сфати дека САД, Велика Британија и Франција, кои се сите членки на Советот за безбедност на ОН, „спонзорираат терористички режим“, пренесува дел од изјавата на Захарова друг медиум на македонски јазик.
Инцидентот и ваквата изјава, односно оценката на руското раководство дојде само два дена после последниот напад со руски дронови и крстосувачки ракети врз главниот град на Украина Киев.
Другите детали за овој настан може да се прочитаат во кластерот на вести на македонски јазик што го објави во утринските часови (9.15h) на 04.07.2023 г. агрегатрот Тајм.мк, како и кластерот агрегирани вести од 14 часот истиот ден.
На 30.07.2023 г. врз Москва беше извршен напад од борбени дронови – украински според руските обвинувања, при што едниот беше соборен, а друг удри во деловно-станбена зграда во централното градско подрачје, предизвикувајќи материјална штета и паника. Руската реторика остана иста – акт на тероризам.
Бугарски дисинфо наратив за Владата во Скопје и Македонците во соседните земји
На 10.07.2023 неколку медиуми на македонски јазик, ја пренесоа веста на бугарски 24 Часа објавена во онлајн изданието дека разузнавачките служби на Бугарија во редовните извештаи до Парламентот се осврнуваат на односите со Македонија.
Според оваа информација, бугарското воено разузнавање (СВР), утврдило дека во 2022 година властите во С. Македонија се обиделе да влијаат врз бугарското малцинство во соседните земји да се изјаснува како македонско. Во извештајот, било констатирано дека во С. Македонија не се спроведуваат очекуваните уставни измени, ниту, пак, суштинските делови од Договорот за пријателство соработка и добрососедство од 2017 година меѓу Скопје и Софија.
Неконструктивната политика на властите на РСМ кон Софија сѐ повеќе е поддржана од некои надворешни фактори. Продолжија обидите на РСМ да искористи одредени меѓународни организации за да го наруши имиџот на Република Бугарија. Трендот ќе продолжи и ќе бара внимателност од бугарските власти. Дополнително, во 2022 година, традиционално, не е постигнат напредок во изградбата на клучниот, за НАТО, коридор 8 во неговиот дел преку територијата на РСМ, пишува 24 Часа, а пренесоа дел од медиумите на македонски јазик.
Патем, 24 часа во рамки на темата извештаи на бугарските разузнавачки служби објави и текст дека нивните служби констатирале дека војната во Украина влијае не само на регионот, туку и пошироко во светот и дека Русија има за цел да создаде конфликтна зона и на Балканот. Текстот е со наслов „Војната може да се прелее и надвор од Украина. Балканот е руска цел“.
Левица: КФОР е пристрасен, АРМ да се повлече од мисијата
Исто така на 10 јули дел од медиумите на македонски јазик објавија соопштение од Левица во кое има дезинформации околу улогата на Владата предводена од СДСМ и ДУИ со конфликтната состојба на северот во Косово.
Имено Левица тврди дека КФОР игра негативна улога.
Репресии врз населението кое се обидува да ги заштити своите основни права на северот од Косово и Метохија би биле тешко возможни доколку не постоеше империјалистичката маша на КФОР. Имено, во многу наврати припадниците на КФОР употребуваа прекумерена сила за да ги задушат протестирачите кои легитимно се бореа за своите права погазени од репресивната власт, застанувајќи на страната на посилните и вооружените, а против обичниот народ.
Од Левица ја потенцираат одлуката на Владата да испрати нова ротација од 31 војник на АРМ во составт на КФОР, но не нагласуваат ниту еден друг детал, на пример од кога земјава испраќа војници во КФОР, врз база на што КФОР е распореден на Косово, ниту, пак, се споменуваат какви било други факти.
Исто така е наведена дезинформацијата дека „Левица и 90 проценти од македонското население се противат на ваквиот потег на Владата“. Од Левица бараат повлекување на војниците на АРМ од КФОР, но и од сите други мисии на НАТО.
Овие дезинформации беа предмет на анализа во рубриката Контраспин на „Вистиномер“.
Пишува: Теофил Блажевски
Преземено од МЕТА