Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави зголемување на бројот на министерствата доколку ВМРО-ДПМНЕ успее да создаде ново парламентарно мнозинство по изборите. Зголемувањето на бројот на министерствата го претстави како план за „озбилна трансформација на Владата“.
„Ние прво планираме една озбилна трансформација на Владата и тоа ќе биде коалициски договор. Во кој смисол трансформација? Цениме дека прво треба да има рекомпонирање на Владата бидејќи оваа структура одговара на некои времиња од пред 25 – 30 година“, изјави Мицкоски во еден од своите јавни настапи деновиве.
На прашање на новинарот „Намалување на министерства?“, Мицкоски јасно кажа „Не“. Во продолжение на одговорот тој ги наброја новите министерства што планираат да ги основаат.
„Едно е институции, а друго е министерства. Цениме дека министерството за економија е преголемо и не одговара соодветно на потребите на модерните времиња. Оттука цениме дека наместо да имаме одделение или сектор во Министерството за економија, за енергетика, рударство и минерални суровини, имајќи предвид модерните потреби и потребите на државата и граѓаните, едно ново министерство за енергетика, минерални суровини и рударство е потребно да имаме“, објасни Мицкоски.
Покрај ново министерство за енергетика, минерални суровини и рударство, Мицкоски најави и ново министерство за дигитализација.
„Понатаму планираме јасно министерство за дигитализација, процес кој ќе има главна задача, намалување на корупцијата во институциите, а зголемување на транспарентноста и отчетноста. Министерство за дигитализација или проектот СМАРТ Македонија ќе ни биде еден од главните приоритети“, вели лидерот на ВМР-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, и Министерството за политички систем би останало, а би вовел и ново министерство за спорт.
„И конечно, ценам дека спортот како главен амбасадор на една нација, една држава треба да добие свое министерство, односно министерство за спорт“, го дополни Мицкоски одговорот со кој најави зголемување на бројото на министерства во Владата доколку добијат шанса да ја формираат после изборите
Да потсетиме, во 2019 година, во обраќањето до делегатите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова ветуваше намалување на бројот на министерства.
„Ќе дадам еден предлог, да се намали бројот на министерствата. Срамота е во земја која е една од најсиромашните да имаме 28 министерства, а Швајцарија да има седум“, изјави Силјановска Давкова пред да биде избрана за кандидатка за претседател на државата од страна на ВМРО-ДПМНЕ во 2019 година.
Р. Р.