Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

СИРИЗА: Подемот и падот на најкултната левичарска партија во Европа – Отсјајот на десната страна

Ципрас ја воздигна СИРИЗА од партија со скромен рејтинг до владејачка партија во земјата. Се поставува прашањето дали на некого ќе му успее да го повтори успехот на СИРИЗА односно која партија во моментот е или ќе се воздигне во новата СИРИЗА, но овој пат на десната страна.

Д-р Томи ДИМИТРОВСКИ 

Патот до врвот

Основата на левичарското движење во Грција е Коалицијата СИНАСПИСМОС основана во 1991ва година. СИНАСПИСМОС е и еден од основачите на Партијата на Европската Левица (ПЕЛ) во Рим во 2004та година. Во Грција наследник на СИНАСПИСМОС е Коалицијата на Радикалната Левица, повеќе позната под името СИРИЗА. Ова име всушност е кованица од грчките зборови за коалицијата. СИРИЗА беше формирана во 2004та година од повеќе левичарски и екстремно левичарски партии. Прв Претседател на СИРИЗА беше Алекос Алаванос (1950). Тој е умерен левичарски политичар, и ја предводеше партијата до 2008ма година. Тоа беа години исполнети со бројни тензии помеѓу коалициските партнери, и скромни резултати на парламентарните и локалните избори. Многумина во Грција овие две партии ги поврзуваа со анархистички групи кои што често правеа нереди во Грција. 

Во тие години ПАСОК (членка на Партијата на Европските Социјалисти  – ПЕС) суверено владееше со лево-од-центарот, а Комунистичката Партија на Грција (ККЕ) беше доста лево ориентирана од ПАСОК. СИРИЗА го имаше заземено оној мал простор кој остана лево од политиката на ПАСОК. Никој не очекуваше дека партија со крајно левичарска идеологија некогаш ќе владее со земјата.

Алексис Ципрас (1974) во Јуни 2009та година беше избран за Претседател на СИРИЗА. Во 2012та година коалицијата се регистрираше како политичка партија. Токму Ципрас го предводеше патот, од маргинална левичарска партија  до квалификувано мнозинство во грчкиот Парламент. И во Јануари 2015та како резултат на победата на парламентарните избори Ципрас беше избран за нов Премиер на Грција. Но, мора да се напомене дека во сето тоа му помогнаа и слабите политики во изминатата деценија на владите предводени од Нова Демократија (членка на Европската Народа Партија – ЕПП) и ПАСОК. Формирањето на влада предводена од СИРИЗА е најголемото и до сега ненадминато достигнување на крајно левичарска партија во Европската Унија, и во Европа пошироко.

Партијата која што ја загрозуваше Еврозоната

Но СИРИЗА наследи крајно неповолна економска состојба во земјата. Од 2009та Грција беше во должничка криза и под строги мерки на штедење. Сето ова беше усогласено  во договор со Европската Комисија, Меѓународниот Монетарен Фонд, и Европската Централна Банка, популарно наречени Троика.

Преземањето на влада од крајно левичарска партија во една од постарите членки на Европската Унија и членка на Еврозоната имаше свое влијание. Јанис Варуфакис (1961) во новата Влада ја презеде функцијата Министер за Финансии на Грција. Иако тој на таа позиција остана само шест месеци тоа беше еден турбулентен период. Преговорите со Троиката одеа тензично. Варуфакис по налог на Премиерот Ципрас во тајност го изготвуваше планот Б, апокалиптично сценарио за „Паралелен ликвиден систем“ во Грција. Но самиот тој тврдеше дека нема амбиции Грција да ја напушти Еврозоната. Во Јуни 2015та Варуфакис се соочи со ултиматум од Министрите за финансии на Еврогрупата. Веќе наредниот ден Премиерот Ципрас повика на референдум за отфрлање на мерките на штедење предложени од Троиката.  На референдумот кој се одржа во Јули 2015та мнозинството од гласачите (61%) им кажаа „НЕ“ на мерките на штедење. Како резултат на референдумот но и на големо изненадување дојде оставката на Варуфакис. Но и на Андонис Самарас (1951) Претседателот на Нова Демократија. Оваа партија и повеќето медиуми беа „ЗА“.

Варуфакис објави дека ги снимал на својот мобилен телефон состаноците на Еврогрупата. Неговиот изговор беше дека тоа било неопходно за неговата работа со оглед дека никој не водел белешки од состаноците. Еврогрупата не забранува стриктно снимање на состаноците, но разговорите таму често се со доверлива содржина.

Ципрас одлучи да ја игнорира волјата на гласачите на референдумот. Токму тоа и беше повод за оставкатс на Варуфакис.  Кон средината на Јули 2018та Ципрас постигна договор со Троиката. Овој нов договор од страна на сега опонентот Варуфакис беше окарактеризиран како уште порестриктивен од претходно предложениот. Се чини како Ципрас да ја напушти екстремната идеологија, и стана умерен лево ориентиран европски политичар.

Во тоа време повеќе земји стравува од можен домино ефект од Грција врз финансиски послабите членки во Еврозоната. Со можност за понатамошни реперкусии во единството и стабилноста на ЕУ. 

Грција како резултат на сево ова земјата мораше да оди на предвремени избори. Во Септември 2015та Ципрас повторно беше избран за Премиер. И потоа тој продолжи со рестриктивната политика во трошењето на буџетски средства и мерките за штедење. 

Премиерот кој што само еднаш стави кравата

Во Грција традиционално Премиерот и Владата даваат заклетва на церемонија пред Архиепископот Атински и на цела Грција. Ципрас даде заклетва само пред Претседателот на Републиката Прокопис Павлопулос (1950). Но подоцна истиот ден Ципрас отиде и на средба со Архиепископот во просториите на Архиепископијата. Ципрас е атеист и тоа не беше широко поздравено од грчките гласачи.

Ципрас е елоквентен и харизматичен политичар. Своевидна икона помеѓу левичарите во Европа. Сеуште има еден специфичен начин на облекување, а тоа е дека никој пат не носи кравата. Својата искрена желба кон својата земја ја артикулираше дека ќе стави кравата кога ќе ја спаси земјата од должничката криза. 

И тоа го исполни. Во 2018та Министрите за финансии на Еврозоната и понудија на Грција поповолни финансиски мерки, што всушност значеше дека Грција, финансиски ќе застане на своите нозе. Една вечер во Јуни таа година, Ципрас се појави со кравата, и тоа на вечерна средба со коалиционите партнери. Дезенот се подразбира, црвена Бургундија боја. Краватата ја носеше само половина час. Овој чин го посвети на оние кои што во земјата се бореа со должничката криза во изминатите осум години.

Уште од 1991ва година Грција имаше проблем со името на својот северен сосед. На националистите во земјата не им се допаѓаше тоа да нивниот северен сосед го има името Македонија во својот устав. За повеќето од нив таа држава беше именувана само како Скопје (името на главниот град). Дел од нив, иако во мал број сеуште ја негуваат таа политика. Во тој Јуни 2018та под водство на Ципрас, тогашниот Министер за Надворешни Работи на Грција, Никос Коѕијас (1950) го потпиша Договорот од Преспа. Со ова Ципрас стави крај на долгогодишниот проблем, од грчка перспектива. Овој настан не е поврзан со олеснувањето на мерките за штедење од страна на Троиката. Или можеби е?

Но мора да се напомене дека потпис на Договорот од Преспа стави Влада односно Министер кој што дојде од редовите на левичарска партија. Тоа до тогаш, и тоа за неколку децении не им успеа, или не сакаа, грчките партии кои се членки на ЕПП и ПЕС.

Но потпишувањето на Договорот од Преспа не беше најдобро прифатено од многу гласачи во Грција. Иако Ципрас и СИРИЗА станаа неизмерна инспирација за другите левичарски партии низ Европа, нивната популарност во Грција опаѓаше. Но најповеќе како резултат на долгогодишната рестриктивната економска политика во земјата.

СИРИЗА ги изгуби парламентарните избори во  Јули 2019та година. Нова Демократија уште од Јануари 2016та беше предводена од сегашниот Премиер Кирјакос Мицотакис (1968). СИРИЗА ги изгуби и парламентарните избори во Јуни 2023ра година, и одма после тоа Ципрас даде оставка од функцијата Претседател на партијата. Останува да биде пратеник и во сегашниот грчки Парламент. 

Скршнувањето на Демократите во лево

Ципрас не е најпопуларната фигура која што е произлезена од СИРИЗА во САД. Тоа е Варуфакис кој што своите магистерски и докторски студии ги има завршено во Обединетото Кралство. Тој во моментов е предводник на помалата вонпарламентарна левичарска партија МеРA25 во Грција, но е често присутен во медиумите во Обединетото Кралство и во САД. Најчесто ги артикулира своите левичарски ставови во однос на финансиите и економијата. Во САД големата грчка дијаспора е традиционално поврзана со Демократската Партија. Впрочем и самиот Претседател Џо Бајден (1942), има изјавено дека грчката заедница во неговиот изборен округ му давала безрезервна поддршка на изборите низ годините при изборите во Сенатот. Во грчката заедница во неговиот изборен округ го добил и прекарот Бајденопулос во знак не соработката и почит.

Појавата на СИРИЗА и Варуфакис се чини дека го навестија скршнувањето во лево на Демократската Партија, односно СИРИЗА како да ја инспирираше и енергизираше Демократската Партија. Тоа се почувствува и во кампањата на примарните внатрепартиски претседателски избори. Левичарот Берни Сандерс (1941) во 2016та но и во 2020та освои голем број на гласови на примарните претседателски избори. Кампањата на Сандерс со левичарски примеси влијаеше и на свртувањето кон лево на инаку централно до централно-лево ориентираните политики на победничкиот претседателски кандидат на Демократската Партија, Бајден кој и беше избран за 46-ти Претседател на САД. Дел од политиките на бесплатно здравство, бришење на студентски долгови, социјална поддршка, поддршка на синдикатите, бесплатното школство се олицетворение на скршнувањето во лево на Демократската Партија. Овие политики најдоа широка подршка кај гласачите.

Новиот лидер на успеа да ја консолидира партијата 

Стефанос Каселакис (1988) беше избран за нов Претседател на СИРИЗА во Септември 2023та. Тој еден дел од својот живот и едукација го има поминато во САД. Припадник е на ЛГБТ+ заедницата. Впрочем Каселакис се врати во Грција само неколку месеци пред да биде избран за лидер. Неговиот партнер со кого се венчаше во САД е американски државјанин. Грција сеуште не дозволува истополови бракови. Тоа е и една од заложбите на Каселакис, земјата да ги признае овие заедници. 

На локалните избори во Октомври 2023та Каселакис даде недвосмислена поддршка во вториот круг на кандидатите за градоначалници од редовите и поддржани од ПАСОК. Можеби токму тој потег беше одлучувачки да Нова Демократија ги изгуби Атина и Солун, двата најголеми града во Грција. Многумина помислија дека со тоа и СИРИЗА ќе тргне по нагорна линија. Но партијата го изгуби единството внатре во своите редови. Тоа доведе до распад на пратеничката група и некои Европратеници се одметнаа од редовите на партијата. Иако Каселакис има поддршка помеѓу помладите гласачи, сега партијата е по лизгав пат надолу. На декемвриските испитувања на јавното мислење, СИРИЗА прв пат после неколку години падна на едноцифрен рејтинг.

Евроизборите 2024 борба за второто место во грчката политика

Сето ова допринесе партијата Нова Демократија да ја продолжи, иако во намалена мера, својата доминација во Грција. СИРИЗА повеќе не е на второто место на анкетите за испитување на јавното мислење. Сега тоа е ПАСОК. Веќе е јасно дека на Евроизборите во Јуни 2024 ПАСОК ќе освои повеќе Европратеници од СИРИЗА. Нова Демократија ќе остане на врвот, по број на освоени пратенички мандати.

Ова му дава простор на ПАСОК. Европратеникот Никос Андрулакис (1979) е лидер на ПАСОК од Декември 2021ва годна, и веќе го презема второто место на листата на популарност на грчките политичари. Мицотакис сеуште е неприкосновен на врвот.

Нова Демократија доколку продолжи со сегашната политика, ќе остане да доминира уште некое време на политичката сцена во земјата. Се поставува прашањето дали и кога ПАСОК ќе успее да ја престигне Нова Демократија. ПАСОК уште некое време ќе остане како втора партија по рејтинг во Грција. Во моментов разликата помеѓу Нова Демократија и ПАСОК е околу 23%. СИРИЗА ќе се стреми да се искачи на второто место. Во моментов изгледите се слаби. Но и Ципрас ја превзема СИРИЗА во 2009та со многу мал рејтинг.

Можеби преструктуирањата на грчката политичка сцена се предвесник на следните случувања во ЕУ.

Нови тенденции во Европската Унија, поместувањата на спротивната страна

Сега е веќе јасно дека најголемите левичарски партии во Европа, СИРИЗА во Грција и ПОДЕМОС во Шпанија го изгубија приматот. Во моментов нема изгледи дека некоја слична партија на СИРИЗА, во друга земја на ЕУ но и во Европа пошироко ќе го повтори успехот на Алексис Ципрас. Се поставува прашањето дали е ова крај на поместувањата на европската политичка сцена во лево. Но и СИРИЗА мораше да скршне спрема центарот, да ги усогласи мерките на штедење со троиката за да го дозаврши својот мандат на чело на Грција. Всушност ја напушти својата екстремна идеологија и на крајот на својот мандат повеќе не беше радикално левичарска партија.

Во ЕУ во тренд се и десничарските движења. Во Унгарија, Италија, Холандија, но и во Австрија, Германија, Франција, Полска. Постои тренд некои партии да ја напуштат ЕПП и да се формира нов блок, односно диференцијација на „конзервативни и демохристијани“ и „радикални десничари“. Тоа е сличен процес на оној кој што се случи кај партите лево од центарот за време на финансиската криза, и доведе до подем на СИРИЗА, ПОДЕМОС но и некои помали левичарски партии во Европа, како на пример Левица во Словенија. ФИДЕС во Унгарија ја предводи тамошната влада и таа партија се одвои од ЕПП во моментот кога се наоѓаше на врвот на својата политичка моќ. Во моментов партијата Браќата на Италија е најблиску до отсјајот на СИРИЗА на десната страна. Во останатите земји членки на ЕУ, радикалната десница сеуште е далеку од составување влада и премиерско место.

Ципрас ако се сеќавате ја воздигна СИРИЗА од партија со скромен рејтинг до владејачка партија во земјата. Се поставува прашањето дали на некого ќе му успее да го повтори успехот на СИРИЗА односно која партија во моментот е или ќе се воздигне во новата СИРИЗА но овој пат на десната страна.

*Д-р Томи Димитровски е поранешен македонски Амбасадор во Република Словенија (2014-2018) и поранешен Генерален Конзул во Солун, Република Грција (2007-2014). Томи Димитровски докторирал на University of Sheffield, United Kingdom, и предава Стратегиско управување со здравствените организации на University of Sheffield, United Kingdom, како и Здравствен менаџмент на CITY College, University of York Europe Campus во Солун, Република Грција.

Текстот претставува личен став на авторот, кој не е идентичен во сите случаи со ставовите на ИФИМЕС каде што е првично објавена оваа анализа.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново