Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Скандалозна е постапката на патријархот Вартоломеј да унапреди во високи чинови монаси и свештеници на МПЦ-ОА

Дали цариградскиот патријарх подготвува терен да прогласи Константинополска епархија во Македонија?

Зоран БОЈАРОВСКИ

Скандалозна е постапката на патријархот на Цариградската патријаршија Вартоломеј да унапреди во високи чинови монаси и свештеници на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.

Тоа е грубо мешање во внатрешните работи на една помесна православна црква, која што токму со неговата иницијатива за заедничко сослужување беше прифатена како автокефална пред приближно една година, велат добри познавачи на внатрешното уредување на православните цркви.

Рацин.мк разговараше со член на Синодот на МПЦ-ОА којшто, исто така рече дека постапката на Вартоломеј е мешање во внатрешните работи на една помесна црква.

На прашањето како се коментира информацијата дека патријархот Вартоломеј ги извршил овие унапредувања со благослов на неговото блаженство г.г. Стефан и на надлежниот митрополит, г. Тимотеј, нашиот извор во Синодот на МПЦ-ОА вели дека за ова не се разговарало во рамките на највисокото тело на МПЦ-ОА, Синодот, и дека таа постапка е спротивна на Уставот на МПЦ-ОА.

Токму затоа, потенцира нашиот извор, надлежните епископи, односно архиепископот Стефан и митрополитот Тимотеј бидејќи свешетниците и монасите се од нивните епархии, должат објаснување за овој чин на патријархот Вартоломеј доколку е точно тоа дека за овој чин имало нивни благослов.

Владиката Тимотеј одби да објасни или даде допопнителни информации за овој скандалозен чин на патријархот Вартоломеј, а редакцијата на Рацин.мк само сакаше да добие одговор на овие прашања кои се наметнуваат како неопходни за да се разбере оваа постапка на Цариградскиот патријарх:

– Дали е точно дека јеромонаси од Дебарско-Кичевската епархија (Јеромонасите Кирил Деловски и Анатолиј Лазески од Бигорскиот манастир) се ракопроизведени во највисоката монашка титула во Црквата, архимандрити на Вселенскиот патријаршиски престол?

– На која црква се архимандрити сега овие двајца, и на која црква се произведените протојереји и протопрезвитери?

– Дали е ова мешање во внатрешните работи на една помесна сестринска православна црква?

– Дали овој чин на Вартоломеј е спротивен на Уставот на МПЦ-ОА?

– Дали овој чин е навистина со благослов на Тимотеј и со благослов на Архиепископот Стефан и зошто благословиле ако е тоа точно?

– Ако Јеромонасите Кирил Деловски и Анатолиј Лазески се достојни за да бидат унапредени во архимандрити, зошто не ги унапредил нивниот надлежен епископ, односно Тимотеј?

– Дали за овој чин било расправано во работниот состав на Синодот на МПЦ? Дали е запознаен и поширокиот состав на Синодот?

– Ако чинот архимандрит е највисок пред епископскиот, може ли да се случи Вартоломеј по некое време да ги ракоположи за епископи? Дали во тој случај Вартоломеј може да прогласи Константинополска епархија во Македонија?

Оваа постапка на патријархот Вартоломеј уште еднаш го отвора прашањето за единството во МПЦ-ОА во однос на првенството кој треба да го направи последниот чекор за конечното прифаќање на МПЦ-ОА како рамноправна и еднаква со останатите православни цркви и во однос на „игранката“ на различните струи во македонската православна црква од кои едните се приклонети кон Руската православна црква, а другите кон Цариградската патријаршија.

Дали овој чин на патријархот Вартоломеј е резултат на „победата“ на втората „струја“ во МПЦ-ОА, во која очигледно многу силно влијание има владиката Антаниски Партениј, игумен на Бигорскиот манастир каде што духовно припаѓаат двајцата јеромонаси Кирил и Анатолиј, кои сега добија чин архимандрити на Вселенскиот патријаршиски престол(?!?!)

Навистина, на која црква овие двајца, а и останатите унапредени од Вартоломеј, се клирици – на МПЦ-ОА или на Вселенската Патријаршија?  

Зачлени се на нашиот е-билтен