Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Слободата на медиумите напредува, но забелешките и проблемите се повторуваат

Повторените забелешки за штетното влијание на дезинформациите укажуваат дека во земјава сè уште недостасува стратешки пристап и институционални механизми за справување со овој проблем, нешто што треба да се промени што е можно поскоро

Пишува: Петрит САРАЧИНИ

Северна Македонија и годинава напредуваше на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, кој е барометар за состојбата на новинарството и медиумските слободи ширум светот. 36-то место, со кое земјава е најдобропласирана од земјите во регионот, претставува исклучителен напредок и целосен пресврт во однос на состојбите пред 8 години, кога Македонија беше на 118 место и беше најслаборангирана од сите земји во нашето опкружување.

Сепак, во последниот извештај на Репортери без граници се повторуваат речиси истите забелешки и предизвици со кои се соочуваат медиумите и новинарите во земјава, кои беа нотирани и во минатогодишниот извештај, а и претходно.

Нов извештај, исти проблеми

И годинава, Извештајот уште на самиот почеток повторно нагласува дека „иако новинарите не работат во непријателско опкружување, широката распространетост на дезинформациите и недостатокот на професионалност придонесува за опаѓање на довербата во медиумите,  што ги изложува независните медиуми на закани и напади“,  а се повторува и забелешката за тенденција на владините функционери „да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“.

Во однос на политичкиот контекст, се посочува дека „целокупниот амбиент е поволен за слободата на медиумите, но владините агенции не се многу транспарентни и критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади“. Освен тоа, извештајот нотира дека „поради силната политичка поларизација медиумите може да се соочат со притисоци од властите, политичарите и бизнисмените на национално и локално ниво“. Воедно, Репортери без граници повторно посочуваат дека „двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создаваат паралелни медиумски системи преку кои го вршат своето политичко и економско влијание“, како и дека „јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност“.

Што се однесува до правната рамка, во извештајот се укажува дека иако уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, „земјата бавно го усогласува законодавството за медиумите со стандардите на Европската унија, на која има намера да и се придружи“. Се издвојува забелешката за SLAPP тужбите (стратешки тужби против јавно учество), кои „служат како инструменти за заплашување и притисок врз независните медиуми“, а како пример се посочува пресудата за клевета во 2023 година за медиумот ИРЛ  која, според Репортери без граници, „постави опасен преседан“. Извештајот изразува и загриженост за законските измени со кои националните и локалните власти повторно можат да се рекламираат во приватните медиуми, што може да доведе до влијание врз медиумите.

Речиси идентични оценки како и минатата година се забележуваат и во однос на економската ситуација во медиумите. Извештајот укажува дека уредниците на некои од главните телевизиски куќи се изложени на економски притисоци од сопствениците, дека одредени медиумски куќи се подложни на влијанија од маркетиншките агенции, дека државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а дека независните медиуми главно се потпираат на странски донатори и грантови базирани на проекти, кои придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој.

Што се однесува до социокултурниот контекст, Репортери без граници укажуваат дека иако не постојат јасни ограничувања кои влијаат на слободното новинарство, „социјалните медиуми и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и сајбер-закани. Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за намалување на довербата на јавноста во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на пол, етничка припадност или религија“.

И во делот за безбедноста на новинарите се посочуваат речиси идентични проблеми како и порано, но се посочуваат и позитивни аспекти во пристапот на судовите и обвинителството. „Новинарите се често мета на вербални напади. Под изговор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие можат да бидат изложени на судски притисок и произволни правни постапки. Сепак, судовите имаат тенденција да ја поддржуваат слободата на печатот и да ги штитат новинарите. Во главниот град беше назначен специјален обвинител кој ќе ги води случаите на напади врз новинари, а се разгледува и отворањето на слични канцеларии низ целата земја“, се вели во извештајот.

Што може да се направи за да се задржи напредокот и да се адресираат слабостите

И овој извештај на „Репортери без граници“, како и претходните, покрај напредокот, ги лоцира прилично прецизно слабостите и посочува општествени чинители, кои имаат можност, но и одговорност за нивно адресирање. Фактот дека повеќето забелешки се повторуваат, доведува до заклучок дека повеќето чинители не направиле доволно за отстранување на „хроничните болки“, кои во иднина може да ја загрозат сериозно слободата на медиумите.

Најважна улога во тоа секако дека имаат институциите, партиите од власта и опозицијата, но и медиумските компании – нивните сопственици, а и другите чинители во медиумската индустрија. Дел од одговорноста за состојбите секако дека им припаѓа и на самите новинари и нивните професионални организации.

Пред сè, институциите и политичарите треба да создадат услови за поголема безбедност на новинарите и нивна заштита од напади, не само оние што ги загрозуваат директно, туку и оние што злоупотребуваат правни механизми и тужби за замолчување на новинарите. Воедно, имајќи ги предвид повторуваните забелешки, од институциите се очекува и поголема транспарентност, а од јавните функционери и од политичарите воопшто да имаат покоректен однос кон новинарите.

Повторените забелешки за штетното влијание на дезинформациите укажуваат дека во земјава сè уште недостасува стратешки пристап и институционални механизми за справување со овој проблем, нешто што треба да се промени што е можно поскоро. Во тој контекст, и партиите и политичарите, без оглед дали се на власт и во опозиција, треба да се откажат од влијанието врз медиумите и да поттикнуваат критички и конструктивен дијалог и јавна дебата, а не дезинформации и пропаганда, кои ја зголемуваат општествената поларизација и ги отежнуваат речиси сите значајни општествени реформи, не само оние важни за медиумските слободи.

И на професионалните медиуми и новинари, освен со политичките и економските притисоци, им претстои битка за справување со индустријата на дезинформации и за исцртување на разликата меѓу нив и непрофесионалните медиуми, што е неопходно за враќање на довербата на публиката и за нивниот опстанок. За да се направи таа разлика, клучно е самите професионални медиуми и новинари да влезат поодлучно во битка со дезинформациите и да не да го избегнуваат „прочистувањето“ во своите редови.

Траекторијата на напредокот на медиумските слободи во земјава што ја исцртува Индексот на Репортери без граници во последниве неколку години нуди надеж и инспирација. Таа покажува дека со политичка волја, институционални реформи и ангажман на медиумите и граѓанското општество, може да се постигне многу. Се разбира, доколку се сака.

За да се продолжи на тој пат, ќе биде потребна постојана посветеност во поддржување на принципите на слободата на медиумите кај сите актери, негување на културата на транспарентност и одговорност на институциите, оттргнување на влијанието на политиката и подобри економски услови за работа на медиумите и новинарите. Само така може да се заштити суштинската улога на новинарството и слободата на медиумите, која е предуслов за вистинско функционирање на една демократија. (СМК)

Зачлени се на нашиот е-билтен