Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Смртта на Навални невидлива за македонската интелектуална и невладина сцена

ДРАГАН МИШЕВ

Илјадници слободоумни, правдољубиви и демократски настроени граѓанки и граѓани протестираат по смртта на Алексеј Навални пред руските амбасади ширум светот. Дури и во соседна Србија, традиционален воено-политички сојузник на Русија и најголем поддржувач на политиките на Путин на Балканот, стотици луѓе во Белград се одважија и се собраа во петокот, 16 февруари пред руската амбасада за да изразат револт и сочувство по смртта на рускиот опозиционер и борец за човекови права.

Вчера, пред руската амбасада во Скопје на повикот на Цивил – центар за човекови права и слободи, да се изрази протест за смртта на рускиот борец за демократија и човекови права, кој беше „умрен“ од режимот на Путин во сибирскиот гулаг, се појавија само 6 ( со зборови – шест), сите активисти на организацијата, и неколку ТВ екипи. Од 15.000 регистрирани граѓански  организации, од кој најмалку 50 од нив според своите статуси се декларираат како активистки и активисти,  борки и борци за човекови права, не дојде ниту 1 ( и со зборови- еден).

Целосен молк. Прегласна тишина која покажува колку (не) им значи поддржувањето на нивниот руски колега во борбата за човекови права и неговото повеќегодишно малтретирање, труење, апсење , газењето на неговите човековите права, што на крајот резултираше со неговата режирана смрт.  Дали во своите буџети немаат предвидено ставка за поддршка за борците за човекови права кои се репресирани низ светот, па откако за тоа не им легнаа средства од донаторите на нивните сметки, па проценија дека, ако е бесплатно, нема потреба да се организираат, ниту пак да се приклучат на повикот за протест против виолаторите на човековите права, па решија дека е одобро да си го испијат кафенцето на раат во удобните канцеларии или околните кафулиња.

Впрочем, далеку е Русија, нели, а уште подалеку затворот на рускиот Арктик каде што почина Навални, па плимата на протести ширум Европа и светот по повод неговата смрт, едноставно  пресуши  додека да стигне до тука. Сушата на поддршка за Навални и осуда на злосторничкиот путинов режим завладеа и кај македонските интелектуалци, па ако досега бевме навикнати да даваат свое експертско мислење за се и сешто, реакциите овој пат изостана. Забележливо е и отсуството на поддршка од не така малкуте жртви на политичките прогони во земјава, кои беа мета на репресија, монтирани судења и драконски осудувани во времето на овдешните мали диктаторчиња и путинчиња, оние во чија поддршка излегувавме на улиците и ние, и како активисти, и како луѓе со морален интегритет. Било, поминало, се „ухлебиле“ и се заборавило.

А можеби сите тие борци за човекови права, овие две години откако трае руската агресија врз Украина, се уште калкулираат чии (човекови) права е поисплатливо да ги застапуваат, и дали (или не) и воопшто да ги бранат.

Истовремено, разно разни здруженија и организации кои земаат големи пари од донатори за „наводно“ да се борат против ширењето на руската малициозна пропаганда во земјава, со игнорирањето на ваков флагрантен чин на кршење на човековите права од руските власти, само го потврдуваат обратното од она за кое се (пре)платени-руската пропаганда победува, и нејзиниот репресивен режим не е осуетен и осуден во Северна Македонија.

За незаинтересираноста и млаката реакција на медиумите ( чест на исклучоците, пред се тука морам да ги споменам АлсатМ, МРТ2, и изненадувачки МРТ1, ВОА, РСЕ) од кои некои веќе Мониторинг тимот на Цивил ги разобличи како директни учесници во ширењето на руската пропаганда, некои финансирани со „маџарско“ маслиново масло, некои управувани од газди зависни од руски гас.

Најверојатно дека текстов ќе ја разгори суетата и ќе предизвика канонада негативни реакции кај прозваните во него,  но стојам цврсто во одбрана на напишаното, исто како што гордо стоев исправено со маичка „Je suis Navalny“ пред руската амбасада заедно со моите Цивилки и Цивили.

„Само“ вас ве немаше. (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен