Србија не е само примател на странски влијанија во медиумската сфера, туку е и регионален центар за понатамошен трансфер на таквите дезинформации кон другите земји од Западен Балкан. Во Србија има канцеларии на Русија Денес и на Спутник, при што руското влијание навистина е силно
Бојан БЛАЖЕВСКИ*
Србија е регионален центар за ширење на дезинформации, бидејќи е земја која е под силно руско влијание и во Белград има регионални седишта на Раша Тудеј и Спутник, но и поради познавањето на српскиот јазик во регионот, таа е погодна за ширење на дезинформациите кон соседите. Дезинформациите се горлив проблем не само за Северна Македонија, туку и за останатите земји од Западен Балкан. Ова беше еден од заклучоците на денешната панел-дискусија „Градење општествена одговорност кон штетните влијанија на дезинформациите“, организирана од Фондацијата Метаморфозис во рамките на Деновите на медиумска писменост.
Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси во Метаморфозис, истакна дека вмрежувањето на национално и регионално ниво е важно за градење на капацитет, но и форма која обезбедува синергија, односно збирот на заедничките напори е многу поголем од проста сума на поединечни напори кон дезинформациите.
Во борбата со дезинформациите мора да се работи сеопфатно, да се ангажираат сите засегнати страни и да се пристапи кон сите целни групи во општеството. Земјава има голема подложност на дезинформации кај нашето население, а истовремено има и огромни напори ова да се искористи од разни промотори на штетни влијанија од странство.
Токму затоа, група на организации кои се занимаваат со развој на професионалното новинарство и медиумска писменост заеднички покренаа иницијатива која доведе до сет на препораки за заедничка акција. Овие 11 организации ги поднесоа и до главните засегнати страни, односно до државните институции пред сè, со барање да се покрене иницијатива за создавање стратешка рамка за борба против дезинформациите во земјава, во која ќе бидат вклучени сите засегнати страни, изјави Стојановски.
Тој додаде дека мора да се работи заеднички и да се биде инклузивен во градењето на националната стратегија за борба против дезинформации.
„Претставниците на државните институции ги прифатија пораките и се согласија формално да покренат процес за градење на отпорност против дезинформациите, а следни чекори се уште поширок процес на консултации за да се развие стратешката рамка против дезинформации“, додаде тој.
Наредните чекори ќе бидат развиени во зависност од волјата на институциите, вели Стојановски, посочувајќи дека очекува да понудат конкретен распоред и инфраструктура за развој на институциите.
Србија – регионален центар за ширење руски дезинформации
Искуствата од Србија за проблемот со дезинформациите го сподели Никола Петровиќ, директор на Центарот за меѓународни и безбедносни прашања ISAC фонд. Петровиќ потенцираше дека подолго време ситуацијата во Србија не е променета во делот на медиумската писменост и дезинформациите. Во Србија ваквите иницијативи за зајакнување на медиумската писменост никогаш не биле поддржани од политичките партии.
Медиумската неписменост е традиционална вредност во Србија, потенцираше Никола Петровиќ, додавајќи дека со мали исклучоци на некои медиуми, оваа реалност си има своја историја со децении наназад.
Тој потенцира дека Србија не е само примател на странски влијанија во медиумската сфера, туку е и регионален центар за понатамошен трансфер на таквите дезинформации. Тој ги посочи канцелариите на Русија Денес и на Спутник во Србија, како доказ за силата на руското влијание во Србија.
Притоа, тој ја споменува политичката компонента и оние политички сили во Србија кои туркаат блиска соработка со Руската Федерација, што денеска постана братство.
Србија и нејзините политички партии имаат таква блиска врска со Русија што дури е и тешко да се намали ваквото ниво на блискост. Ова е причината зошто Спутник и РТ се присутни во Србија, рече Петровиќ.
Тој додаде дека поради медиумската неписменост во Србија, медиумските наслови со сомнителна содржина имаат најголем број кликови. Антизападните кампањи во Србија започнале на ова ниво во 2008 година по Декларацијата за независност на Косово, кога Русија увидела огромна можност да влезе во српскиот медиумски простор.
Ова ја турка Србија како самоизолирана земја која не ја гледа својата иднина во ЕУ и западното општество, изјави Никола Петровиќ од ISAC фонд.
Покрај сето она што стигнува од Русија, постојат и домашни аналитичари и политичари во Србија кои се користат како извори за ширење на проруските наративи, за дополнително истите да се зајакнат. Во ширењето на дезинформациите и руската пропаганда од српските медиуми се користат и огромен број западни извори, кои иако често се проруски по својата природа, не се објаснети како такви во српските медиуми.
Србија е многу важна, бидејќи медумите кај нас преземаат некритички содржини од српската медиумска сфера и потоа ги пласираат на нашата публика преку копи-пејст новинарство, посочи Стојановски на денешната панел-дискусија.
Искуството на Албанија со дезинформациите
Јона Плумби, новинарка од албанскиот сервис за проверка на факти Фактоје.ал го сподели искуството со дезинформациите во Албанија. Таа посочи дека во Албанија доминира лошото новинарство, а во голема мерка се шират дезинформации и мисинформации. Преку проверката на факти што ги прави Фактоје.ал, тие сакаат да го надминат проблемот што се појавува кај луѓето, а тоа е да не можат да одлучат што е лажна вест, а што не е.
Фактоје биле вклучени во неколку кампањи за медиумска писменост во Албанија, а изработиле и видео упатство за младите, за да им испратат пораки дека е важно да се верификува она што ќе го чујат. Тие ангажирале и јавни личности (глумци, пејачи, спортисти) за да ја прошират пораката до публиката за важноста од медиумската писменост.
Фактоје работи со Универзитетот во Тирана за да понуди предмет за медиумска писменост и тој е изборен предмет на Факултетот за новинарство, но нивната цел е да биде задолжителен предмет на овој факултет.
Работиме и со нашите партнери во регионот, бидејќи е многу корисно за разоткривањето на дезинформациите. Мора да соработуваме со нашите партнери во регионот за да го покажеме протокот на дезинформации во регионот, вели Јона Плумби, додавајќи дека треба да се разбере оти некои од овие жешки теми не се само проблем за ширење во Албанија, туку и во другите земји.
Академската заедница може многу повеќе да помогне
Албулена Халили, научен соработник на Институтот Макс ван дер Штул при Универзитетот на Југоисточна Европа на панел дискусијата ги промовираше нивните активности од почетокот на работењето до денес.
Екипа на истражувачи од овој институт кои доаѓаат од различни области – безбедноста, дипломатијата, комуникациитем новинарството, ИТ имаат за цел да работат во земјава, но и во Балканот со дезинформациите на академско ниво. Откако го креирале тимот на истражување од Универзитетот на Југоисточна Европа, веќе во 2020 година постанале дел од проектот Fake Spotting предводен од Универзитетот од Болоња и неколку академски центри од Европа.
Учествуваат на различни конференции, пишуваат блогови, а нивниот кадар учествува и со трудови за реализирани истражувања што ги споделува во научни списанија во земјава и во странство, изјави Албулена Халили, која е раководител на Media Literacy & Disinformation Research Cluster.
Многу сме задоволни што до денес сме можеле да собереме толку многу соработници и ова зборува за сериозноста како можеме да пристапиме како земја. Не е потребна само една заедница на новинари и фектчекери, туку сите заедно може да сме против овој предизвик во борбата против дезинформациите, изјави Албулена Халили.
Војната во Украина и демонизирањето на ЕУ – главни дезинформациски наративи
Деспина Ковачевска, специјалистка за мониторинг на медиуми во Фондацијата Метаморфозис на панелот го презентираше најновиот квартален мониторинг извештај за дезинформациските трендови и наративи во регионот на Западен Балкан, којшто е создаден за периодот јули-септември 2023 година во склоп на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан“ поддржан од Кралството Холандија.
„Странските малигни влијанија ги користат дезинфорамциите за да предизвикаат конфузија и нарушување, да всадат антизападни чувства, да ја претстават Русија како алтернатива на ЕУ и да предизвикаат што поголема поларизираност во општествата“, изјави Ковачевска.
И во најновиот квартален извештај доминираа дезинформациските наративи – војната во Украина, нападите кон Западот, односите меѓу Србија и Косово, нападите кон ЕУ, конспиративните теории и конфликтот во Израел.
И во периодот јули-септември годинава доминантен дезинформациски наратив е војната во Украина, при што дезинформациите што се шират имаат за цел да ја оправдаат Русија дека спроведува специјална операција во Украина, дека Русија се бори против нацисти, дека Западот е крив за војната во Украина и слично.
Веднаш по војната во Украина, главен наратив е демонизацијата на западната цивилизација, односно дезинформациите се користат за западните општества да се прикажат како декадентни и морално корумпирани.
Имаше многу дезинформации и за односите меѓу Србија и Косово, а наративот најчесто беше дека Косово е лажна држава, дека е извор на криминал, дека е закана за Србија и ЕУ, а се правеа и паралели на тоа што Русија ѝ го прави на Украина и тоа што Западот ѝ го направил на Србија, рече Ковачевска.
Во третиот квартал од годинава е присутен и наративот за напади кон ЕУ, преку дезинформациите што се шират дека ЕУ ги уценува земјите од Западен Балкан, дека го крши меѓународното право, дека брани фашизам и фашистичко однесување, дека поддржува педофилија и ја поддржува ЛГБТ+ заедницата.
Она што можеме да го направиме е медиумската писменост, за самите граѓани и новинарите да се справат со дезинформациите, изјави Ковачевска.
Соговорниците на панелот испратија пораки дека треба да се поттикне образовната улога на медиумите во дигиталната и медиумската писменост, како и сфаќањето како граѓаните да ги стекнат вештините за успешно да ги добиваат информациите во дигиталниот свет. Исто така, академската и истражувачката заедница треба многу повеќе да зборува, пишува и истражува за ширењето на дезинформациите на Балканот. Дополнително, треба да се воведе медиумска писменост во образованието.
„Без слобода на медиуми е невозможно да се има демократски процес“, порача Никола Петровиќ од Србија.
Горан Ризаов, менаџер на Програмата медиуми за демократија, истакна дека многу работи кои треба да се направат се итни, но смета дека најважно е образованието, и тоа не само на младите, во борбата против дезинформациите. Тој има порака и до граѓаните дека не треба да се гледаат и читаат оние медиуми што се некредибилни.
Уредниците да си ја вршат својата работа, да вршат проверка на факти. Трета работа е политичките партии да се откажат од своите трол фарми. Ако го направат ова, тогаш нема да биде толку вирално ширењето на дезинформациите. Исто така, институциите да ја зголемат својата транспарентност, порача Ризаов.
Со панел дискусијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите“ беше отворено 5-тото издание на Деновите на медиумска писменост.
*Бојан Блажевски е главен уредник на агенцијата МЕТА
Преземено од МЕТА