Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Стара изборна реторика – последен обид за дестабилизација на државата пред редовните избори во 2024

Пишува: Биљана Јордановска

Апсурдноста на барањето за предвремени парламентарни избори се покажа како добра проценка во 2022, и покрај континуираното барање на ВМРО-ДПМНЕ како предуслова за извлекување на државата од  економско-енергетската криза и ред други причини, на пример, „непослушноста“ на градската мајка, Данела Арсовска.

За ВМРО-ДПМНЕ мајка (додека им чинеше), за сите други маќеа, градоначалничката на Скопје, добро им дојде како еден од последните изговори за барање избори.

Владиниот став, за сега, останува непроменет во однос на отворените барања на опозицијата, иако трибините на СДСМ, како владејачко мнозинство, кон крајот на 2022 година, можеа да се сфатат како опипување на пулсот барем на сопственото членство, во однос на програмите и целите, но и перспективите за 2023 -2024 година, кога реално се очекуваат редовните парламентарни избори.

Мицкоски излезе со предлог за избори на 14 или 21 мај, како што рече поради стабилноста на државата, силни институции и според нивни калкулации  атмосферата е зрела за избори.

На првата желба за 2023 на Мицкоски се избори напролет, СДСМ, па и ДУИ се спротивставија. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, изјави дека желбите на ВМРО-ДПМНЕ и фаќањето за сламка со „одметнатата“ Арсовска,  не е изговор за предвремени избори.

„Не може да биде изговор на ВМРО-ДПМНЕ дека се скарале со градоначалничката, која што е нивни кандидат, тие одеа по Скопје да ја промовираат, не одев јас, и сега да кажуваат ние се скаравме, ама за да можеме добро да го управуваме Скопје, ни требаат парламентарни избори. Тоа не поминува. Нека се фатат за работа за да можат да профункционираат општините“, изјави Ковачевски.

Во интервју за емисијата „360 Степени“ на Телевизија Алсат вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ истакна дека изборитеќе се одржат во редовниот термин во 2024 година и дека она што во овој период е важно се евроинтеграциите на државата.

„Не е првпат Мицкоски да промовира рушење на Владата, тоа е редовна мантра на Мицкоски која се случува секоја година, за да си го заштити своето место во ВМРО-ДПМНЕ. Во овој период, сега да имаме предвремени избори и идеа за некаква широка Влада, тоа е една нереална идеја, која само ќе ја забави државата, ќе одземе една година, колку што трае еден изборен процес и со тоа ќе се изгуби моментумот за уставните измени и за напредокот во евроинтеграциите“ посочи Маричиќ.

Форсирањето за предвремени парламентарни избори дополнително ќе наштети на економијата и нејзиното стабилизирање, со оглед на веќе кризната состојба предизвикана од руската агресија врз Украина.

ЦивилМедиа упати прашање од Сојузот на стопански комори на Македонија, Стопанска комора на Македонија, но и до Државната изборна комисија и други релевантни чинители кога станува збор за изборните процеси.

Сојузот на стопански комори го даде очекуваниот одговор, кој е единствено логичен. Според нив, на бизнисот му е потребна стабилност, што не може да се обезбеди со чести избори.

„На бизнисот му е потребна стабилност, предвидливост, континуирани и системски реформи кои го унапредуваат деловното окружување, што би значело дека секогаш кога е возможно треба да се избегнуваат сите внатрешни и надворешни процеси кои може да ги нарушат овие основни предуслови за водење бизнис и за економски раст и развој на државата“, изјавија за ЦИВИЛ Медиа од Сојуз на стопански комори на Македонија.

Одговор добивме и од ДИК, кои одговорија дека прашањето за потребата од предвремени парламентарни избори не се однесува на делокругот на надлежностите на ДИК. „Со оглед дека согласно Изборниот законик, ДИК се грижи за законитоста во подготовката и спроведување на изборите, и има точно и прецизно определени надлежности“, велат од ДИК.

Иако, секогаш спремни за мониторинг на изборните процеси, сепак, ставот на ЦИВИЛ секогаш бил и сега е дека предвремени парламентарни избори се непожелни за општеството и државата. Од организацијата повеќе пати потенцираат дека изборните процеси, особено тие што се предвремени, претставуваат шок за системот. Дополнително, како што изјави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, нивното прифаќање би било и крајно неодговорно.

„Доколку власта се согласи или се договори со опозицијата за предвремени парламентарни избори, јас лично сметам дека тоа ќе биде неодговорен акт. Неодговорно е да се даде на опозицијата можност да потроши пари и да упропасти процеси кои се започнати, се во тек или треба да започнат“, истакна Дерала.

Според изјавата пак, на министерот за правда Никола Тупанчевски, за Нова ТВ, министерството го започнало процесот на формирање на работна група за подготовка на нов Изборен законик, а единствено ВМРО-ДПМНЕ не одговориле на поканата.

„Изборниот законик треба да биде донесен со консензус. Последните измени на Изборниот законик се направени во 2021 година и тие се однесуваа на биометриската идентификација. Како ќе изгледа новиот Изборен законик, моделот на политичкиот систем преку кој се избираат пратениците или претставниците на државата, ќе зависи од работната група, понудените решенија, идеи и аргументација“, изјави Тупанчевски.

Со оглед дека работата на работната група не е започната, со отсуството на ВМРО-ДПМНЕ, според изјавата на Тупанчевски, не се знае кога и ќе започне, најмалку 6 месеци се потребни за негово ревидирање. Сепак, дел од политичките партии немаат проблем и со ваков Избирачки законик, со оглед, дека во игра се други политички прашања.

Арбен Таравари, в.д. претседателот на Алијанса на Албанците и градоначалник на Гостивар, се надева дека во овој парламентарен состав ќе се донесат уставните измени и нивното нивното барање од Уставот да се тргне формулацијата „друг јазик кој го зборуваат 20 проценти од населението“, ќе биде прифатена.

„Мислам дека ова прашање е веќе апсолвирано и дека има добро расположение и кај македонските и кај албанските партии. Мислам дека постои консензус за тоа. Не е достоинствено за било кој јазик да стои 20 проценти. Мислам дека е достоинствено да стои македонски и албански јазик“, изјави Таравари во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Доколку не се изгласаат уставните измени, според Таравари, неизбежни се предвремени парламентарни избори.

Предвремената изборна реторика нема да изостане во текот на годината независно од напредокот или пак дополнителни кризни состојби од надворешни или внатрешни фактори. Истовремено нема да изостанат ниту желбите и апетитите за моќ и власт преку грбот на граѓаните, за чиј интерес, декларативно сите се борат.

Извор: ЦивилМедиа

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново