Стратегијата „мати ја водата“ на Кремљ за манипулации со информации

Демократските избори во европските држави се меѓу примарните таргети на руските ФИМИ операции, констатира најновиот извештај на Европскиот екстерен акциски сервис за манипулации со информации и опструкции од странство. Во центарот на руската ФИМИ инфраструктура, има слој на канали директно врзани за Кремљ. Медиуми како Спутник, РТ, ТАСС, Риа Новости, Газета, Лента, Соловиев Лајв и Украина.ру играат централна улога во производство и зајакнување на руските наративи, пишува „Вистиномер“

Во продолжение, ви го пренесуваме текстот во целост:

Воената инвазија на Русија врз Украина од 24 февруари 2022 година, го засили широкиот спектар на тактики за манипулација со информациите користени од Кремљ, вклучително и градењето дезинформациски наративи кои постојат уште од 2013 година, се наведува во најновиот извештај на Европскиот екстерен акциски сервис за ФИМИ во 2024 година (манипулации со информации и опструкции од странство). Според извештајот, руските манипулативни напори се всушност обид да се изгради лажна фасада за да се скријат про-Кремљ операциите за перење информации, или да се одглумат легитимни медиумски куќи за да се поддржи нивната кредибилност.

Според извештајот, во 2024 година Русија особено ги распоредила овие манипулативни тактики во контекст на Европските избори, каде про-Кремљ испоставите се обидоа да ги таргетираат гласачите ширум земјите членки на ЕУ, со наративи кои ја поткопуваат поддршката на Украина.

Други значајни елементи вклучуваат кампањи за дискредитација на проминентни европски политички лидери со тврдења за корупција, но и обидот да се обесхрабрат гласачите да го искористат демократското право и да се влее недоверба кон европските институции, пишува во извештајот.

Сепак, ЕУ и земјите членки навремено ги забележаа овие манипулативни обиди и им се спротивставија на лажните тврдења преку кампањи за свесност и обелоденување. EUvsDisinfo активно ги објавуваше анализите со обелоденување на ФИМИ операции кои целеа да влијаат врз изборите.

Руската кампања со ФИМИ целеше да експлоатира специфични локални слабости во политичките, општествените и технолошките сфери, со внимателно создадени таргетирани содржини, особено онаму каде Русија се обидува да ги засили своите надворешни и безбедносни интереси. Во 2024 година Русија се обидуваше да се меша во демократските процеси во Молдавија таргетирајќи ги нејзините претседателски избори и референдумот за пристапување кон ЕУ. Обидот за мешање на Кремљ во Молдавија, демонстрира како отворениотФ политички притисок е поддржан од скриени операции за влијание преку заматени трансфери на пари, платени инфлуенсери и поплавување на социјалните мрежи. Слично, парламентарните избори и граѓанските немири во Грузија, беа исто така на радарот на Русија, со про-Кремљ ФИМИ актери, кои се обидуваа да ја еродираат општествената кохезија и да ја забрзаат политичката разединетост. Овие манипулативни обиди, потврдуваат дека демократските избори се меѓу примарните таргети на руските ФИМИ операции, се наведува во извештајот.

Во извештајот се презентирани клучните трендови со манипулации со информации од странство во 2024 г. кои таргетирале 90 држави. Главната жртва исто како и во 2023 г. останува Украина и на неа се однесуваат повеќе од половината од инцидентите, додека Франција, Германија, Молдавија и Потсахарска Африка се исто така многу таргетирани. Нападите освен на изборите се и врз организации и личности, ЕУ, НАТО и независните медиуми. Според извештајот 88 проценти од детектираните активности се на социјалната мрежа „Икс“, а клучните тактики се мрежи од ботови, координирано неавтентично однесување, злоупотреба на идентитети, креирање на неавтентични веб-сајтови за вести што се нарекува „кампања на двојници“ (Doppelgänger Campaign). Вештачката интелигенција исто така е злоупотребена и тоа бидејќи е евтина и брзо може да креира неавтентични содржини и да ги засили ФИМИ активностите.

Трендови во 2024 со ФИМИ

Извор: Извештај на Европскиот екстерен акциски сервис за ФИМИ во 2024 година / Таргетирани се 90 држави, а нападите се и кон организации, личности, политичари на најразлични платформи

Во извештајот анализирани се 505 ФИМИ инциденти меѓу 4 ноември 2023 и 4 ноември 2024 година. Во овој примерок инволвирани се 38 илјади уникатни канали на 25 платформи и 68 илјади содржини. Странските актери што се закануваат, користат манипулации со информации и опструкции од странство како дел од поширок хибриден арсенал. Содржините се на различни јазици за да стигнат до најразлична публика, но Украина останува главниот таргет на руски ФИМИ напади. Од 505 инциденти, 257 се забележани за Украина. Содржините се насочени прво кон самите Украинци, за да го ослабнат отпорот кон руската воена инвазија, а потоа и кон западните партнери (САД, НАТО, Г7 и земјите од ЕУ со фокус на Германија и Полска) за да се намали поддршката кон Украина. После Украина, Франција е втор таргет со 152 случаи детектирани во извештајот кои потекнуваат од еко-системот на руските и кинеските манипулации со информации. Нападите кон Германија главно се случувале за време на политички настани, меѓународни посети, протести на земјоделците, што предизвикало големо медиумско внимание. Таргетирани се и организации поточно ЕУ, НАТО, вооружените сили на некои западни држави, како Германија, Франција и САД. Независните медиуми како Би-Би-Си, Франс 24, Дер Шпигел, но и тие што се борат против манипулации со информации од странство како Белингкет, ЕУ Дисинфо Лаб и Коректив. Околу 53 проценти од инцидентите таргетираат личности, вклучително и кампањи за оцрнување на ЕУ лидери како Урсула фон дер Лајен, Каја Калас, Жозеп Борел итн.

Галаксијата на ФИМИ операциите

Извор: Извештај на Европскиот екстерен акциски сервис за ФИМИ во 2024 година / Галаксијата на ФИМИ операциите, графички приказ на мрежата преку која се шират овие влијанија

Суштината на ФИМИ инфраструктурата се мрежи од канали кои се отворено контролирани од заканувачки актер. Во извештајот се посочува дека во центарот на руската ФИМИ инфраструктура, има слој на канали директно врзани за Кремљ. Во оваа група медиумите контролирани од државата се главни алки што спроведуваат содржини поддржани од Кремљ. Медиуми како Спутник, РТ, ТАСС, Риа Новости, Газета, Лента, Соловиев Лајв и Украина.ру играат централна улога во производство и зајакнување на државните наративи.

Освен нив, дипломатските канали функционираат подискретно, репостираат содржини од Министерството за надворешни работи на Русија и влегуваат во интеракција со влијателни, но неатрибуирани канали во поголемата инфраструктура. Позади оваа „обвивка“, Русија исто така оперира преку канали што ги затскриваат своите врски со државниот апарат. Овие скриено поврзани ентитети помагаат да се прошири досегот на Русија, правејќи овие наративи да изгледаат пооргански и разнолики. Третиот слој се состои од државно-поврзани, но неатрибуирани канали кои ја прошируваат руската порака без да бидат официјално препознаени како дел од мрежата на Кремљ, пишува во извештајот.

Тука спаѓаат сајтови за вести, блогови, инфлуенсери, Јутјуб канали кои ги препакуваат содржините од државно контролираните медиуми за да таргетираат поинаква публика. Некои имаат многу следбеници и силно влијание во специфични кластери и помагаат содржините да се шират во ехо-комори. Веќе постоечките ФИМИ операции како „портал Комбат“ и „False Façade“ се клучни кластери во овој простор, кои осигуруваат дека руските наративи ќе бидат активни и влијателни, дури и кога официјални извори се банирани или под рестрикција во одредени региони, пишува во извештајот.

Борбата против ФИМИ приоритет за ЕУ и партнерите

Борбата против манипулациите со информации од странство мора да остане приоритет за ЕУ и нејзините партнери, се заклучува во извештајот. За тоа се потребни меѓународна засилена соработка за да се заштитат демократските институции и интегритетот на слободни, разновидни и отворени информациски простори. Во иднина, многу е веројатно дека затскриените мрежи и неатрибуираните канали коишто сочинуваат над 75 проценти од истражуваните канали во овој извештај, ќе продолжат да играат централна улога во операциите со ФИМИ.

ФИМИ не е споредна алатка за влијание, туку стратешки инструмент вклучен во упатствата за надворешна политика на актерите што се закана, се објаснува во извештајот. Архитектурата на овие операции не се потпира само на една платформа, туку преку најразлични дигитални медиуми, социјални мрежи, Фејсбук, Икс, Јутјуб, Тик-Ток, неавтентични страници, се со цел наративот да циркулира. Содржините во форма на видеа, текстови, мемиња, но и содржини креирани со вештачка интелигенција им дозволуваат на заканувачките актери да допрат до публиката на различни начини. Манипулациите со информации од странство се третираат како безбедносна закана на ЕУ и партнерите во светот, а може да се адресираат само со сеопфатен пристап.

Пишува: Мирослава Симоновска

Извор: Мета.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен