Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ИНФОГРАФИК: Светот им аплаудира на медиумските слободи во земјата после 2017, а МАН го тврди обратното и шири невистини

ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

На интернет страницата на MАН (Македонска асоцијација на новинари) има само две категории со информации. Едната е „За нас“ и втората „Соопштенија“. Нема информации ниту за претседателот, членовите на управниот одбор, ниту, пак, за организационата структура на асоцијацијата.

Но тоа е помалку важно. Многу поважно е што на страницата на МАН не постои Кодекс на новинарите на МАН, ниту било каков документ којшто ќе потврди или ќе сведочи за тоа кои се професионалните стандарди или принципи за коишто се залага оваа асоцијација и на коишто ќе се потпира нивната партиципација во општеството и во заштитата на професионалните определби на новинарите членови на ова новинарско здружение.

Бидејќи немаат таков професионален етички кодекс, од МАН си дозволиле да објават соопштение во кое се тврди дека „притисоците на власта го качија црниот резултат на судски прогони против независните медиуми и новинарите од 24% во 2016 на фантастични 68% во 2022 година“, што е  една тотална невистина.

Ниту има објаснување, ниту од што се влечат овие проценти. Ништо. Само така „истресени“ податоци кои, освен што се невистинити, немаат никакво значење освен намера да предизвикаат „смут“.

Кога би имале кодекс според кој ќе се раководат, што е темелен оснивачки документ на една новинарска асоцијација, како што е Кодексот на новинарите на Македонија на Здружението на новинарите на Македонија, оваа лага на МАН, дека судските процеси на власта од 24% во 2016 година, пораснале на 68% во 2022 ќе беше во судир со преамбулата на Кодексот кој утврдува дека „основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од нашиот Устав“ и да ги „почитуваат етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни“.

Кодексот на новинарите определува новинарите да бидат чесни и објективни

Бидејќи во соопштението на МАН е изнесена невистина, односно неточни податоци, следува дека е доведена објективноста и чесноста на авторите на тоа соопштение, затоа што вистината е сосема спротивна.

Според студијата „Северна Македонија – Показатели за степенот на слобода на медиумите и безбедноста на новинарите во 2021 година“, бројот на тужби за клевета и навреда кон новинари и медиуми е многу намален откако е декриминализирана клеветата и навредата.

Така, се констатира во студијата, за разлика од 2012 година, кога биле регистрирани 330 тужби, во 2016 година имало 40, во 2017 година 39, а во 2020 година 33 предмети во кои странка е новинар или медиум.

Според добиените податоци од Основниот граѓански суд Скопје, вкупниот број активни предмети во кои како странка е новинар или медиум во 2021 година изнесувал 20.

Во текот на изминатата, 2022 година, ЗНМ нема регистрирано завршена постапка или процес во кој бил осуден некој новинар или била изречена каква било казна. Тоа покажува дека клеветата и навредата сè помалку се користат како инструмент за притисок врз новинарите и медиумите.

Во златното време на Груевски секој ден имало најмалку по една тужба за новинари

Фрапантна е бројката од 330 тужби во 2012 година. Во таа 2012 година секој ден имало најмалку по една тужба за новинарите, освен за време на викендите. Па дури и за време на викендите ако математички го упросечиме и распоредиме вкупниот број на тужби против новинарите.

Благодарение на кампањата на слободоумните и прогресивни граѓани, и на заложбите на Здружението на новинарите, во 2012 година беа прифатени измените во Кривичниот законик за декриминализацијата на делата клевата и навреда па бројот на тужби против новинарите во наредните години почна да опаѓа.

Сепак, и во наредните години тужбите за клевета и навреда продолжија да бидат „омилен спорт“ на тогашните функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Студијата „Показатели за степенот на слобода на медиумите и за безбедноста на новинарите“ на ЗНМ за 2017 година нотира дека во периодот 2013-2015 година биле „констатирани голем број спорови во кои како тужители се јавуваат високи владини функционери, а како тужени, новинари кои критички известуваат за власта. Речиси сите тие случаи завршуваа со позитивен исход за тужителот и несоодветно големи парични казни за тужените“.

Она што не смее да се заборави, е дека во периодот од 2015 до 2016 година имаше серија тужби на новинари против новинари за критички текстови во кои се објавуваат информации за различни афери и привилегии што нивните колеги ги добиле од власта.

Оваа слика има празен alt атрибут; Името на датотеката е infografik-mediumska-sloboda.jpeg

Се сеќаваме на судските случаи на Драган Павловиќ-Латас или на Ивона Талевска против „Фокус“ и новинарските Јадранка Костова и Мери Јордановска, иако најголем дел од објавените информации биле претходно изнесени на прес-конференција на СДСМ, а во врска со истрагата на Специјалното јавно обвинителство покрената врз основа на снимките од прислушуваните разговори.

Будењето на пролетта во тој период ги донесе и првите пресуди во полза на тужените, откако судечките совети прифатија дека новинарите во тие, и во сличните случаи, се исклучуваат од одговорност кога известува за изјави и информации обелоденети од трето лице. На пример, во една од пресудите се наведува дека новинарите: „…постапувале во согласност со професионалните стандарди на новинарската професија… само пренесувајќи веќе дадени информации во рамки на прес-конференција на политичката партија СДСМ“.

И судот потврдува: Бројот на тужби против новинари значително се намали

И информациите кои ги добивме од Основниот граѓански суд Скопје за оваа анализа за вкупно поднесени тужби во периодот од 2016 до 2022 година потврдуваат дека во споредба од периодот 2012-2016, бројот на поднесени тужби против новинари/медиуми како тужена страна, а од страна на политичари како тужители во период изнесува 32.

Искажано по години и тоа: 6 во 2016 година, 4 во 2017 година, 2 во 2018 година, 7 во 2019 година, 3 во 2020 година, 8 во 2021 година и 2 во 2022 година.

За да имаме денеска вакви прецизни податоци со кои се избегнуваат манипулации за бројот на тужби против новинарите, од 2016 година во судската пракса беше утврден посебен уписник (П5) за тужбите за граѓанска одговорност за навреда и клевета кои денеска можат како податоци да се црпат од оперативниот систем АКМИС којшто судовите го користат за работа.

Како дополнителна придобивка, со којашто се гарантира слободата на изразување, како и работата на новинарите без силен притисок од санкции, е донесување на измените и дополнувања на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Значајна новина во новиот Закон е големото намалување на максималните износи кои судот може да ги досуди како надоместување на нематеријална штета предизвикана со навреда или клевета од новинар во вршење на новинарска професија, од уредник или лицето кое го заменува или од правно лице. Така, казната за новинар од 2.000 евра се намали за износ не поголем од 400 евра. За уредник од 10.000 на 2.000 евра, додека за правно лице, досегашната казна од 15.000 евра се намалува за износ не поголем од 5 000 евра.

Со донесувањето на овој закон се постигнува усогласеност со меѓународните стандарди, Европската конвенција, праксата на Европскиот суд за човекови права, и со директивите кои ги гарантираат слободата на изразувањето и на новинарите.

Ваквото усогласување е дел од поглавјето „3.23 Правосудство и фундаментални права“, кое ги покрива областите на правосудство, антикорупциска политика и фундаментални права, односно политиките на Европската Унија кои имаат за цел да се осигури квалитет на правдата и пристапот до правдата за граѓаните, што е особено значајно во годината кога Северна Македонија, после скринингот, ќе почне да ги отвора поглавјата за исполнување на условите за членство во ЕУ.

Зачлени се на нашиот е-билтен