ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Ако кон животот на нашето население се погледне од аспект на историските собитија во последните 200 години, откако е лансирана тезата за одвојување на црквата од државата, би забележале секако дека присуството на државниот теизам бил далеку поприсутен отколку она што се нарекува државен атеизам, кој, секако, постоел во траење од најмногу 45 години, со внатрешни осцилации. Под власта на Портата секако дека бил присутен силниот спој меѓу религијата (исламот) и државата на сите нивоа, што е длабоко во традицијата на муслиманските политички системи, при што, на припадниците на другите религии им се гарантирала верска слобода со многу ограничувања и „сугестии“ од султаните во однос на позициите на одредени верски старешини и цркви! Како беше онаа Прличева песна „1762 лето…“.
Црквите и државата – инструменти за денационализација
Далеку сме биле од драматичните пресметки кои државата ги вовела во пресметка со религијата после Револуцијата кога Франција и службено станала прва атеистичка држава на 10 ноември 1793 г.
После Балканските војни оние кои имале адреси на живеење во денешна Северна Македонија биле сведоци на грубо наметнување на една симбиотска апсолутистичка држава под закрила на „Александар од Југославија“ (како што би рекол Вук Драшковиќ, автор на истоимената ТВ серија) во која српските црковни великодостојници биле составен дел од инструментариумот на одржување на монархијата во каква-таква управувачка кондиција. (Ова не важи за државјаните – верници од исламска вероисповед кои си имаат посебна приказна). После Втората светска војна, а во рамките на новата Југославија имавме ситуација на постоење на т.н. државен атеизам.
Државниот атеизам е име за активно промовирање на атеизмот што го спроведува власта на одредена држава. Тоа може да се појави во различни облици – од воспоставување на атеизмот како државна идеологија, односно еден вид еквивалент на државната религија, до одземање на слободата на вероисповед и спречување на јавно признавање на верата. Со оглед на тоа што атеизмот е дел од комунистичката идеологија, државниот атеизам се смета за карактеристика на комунистичките држави. Во земјава немаше форма на тој тип на екстремен атеизам како оној во Албанија под Енвер Хоџа (после 1967 г.).
Строгост кон членовите на партијата
Во Уставот од 1946 година имаше одредба Југославија да ја почитува верската слобода, а Црквата да се одвои од државата. Овој принцип беше почитуван во годините по војната. Строгост имаше пред се кон членовите на партијата во стилот – или си комунист или си верник! Припадникот на СКЈ не смеел да биде верник, па само во периодот 1955 -1958 година биле протерани 7.048 членови, од кои повеќето во СР Хрватска. Припадник на СКЈ не смеел да се венча во црква или да крштева деца, па дури и да присуствува на такви прослави со религиски претекст во домот на неговите роднини или пријатели, како што се слави или имендени.
Јавното негирање, па дури и сузбивањето на религијата беше оправдувано, кога постоело, со фактот дека верските разлики ги истакнуваат разликите меѓу југословенските народи и народности со што се охрабруваат национализмот и шовинизмот и ги поткопуваат братството и единството. Католичкото и православното свештенство, исто така, беше обвинето за соработка со окупаторот и домашните предавници во Втората светска војна, така што исповедувањето на нивната вера се сметаше за имплицитна поддршка за политичките опции, непријателски, од страна на поразениот кон владејачкиот систем.
Секако дека немаше верска настава, како државни беа славени само „лаичките“ празници, а имаше и цензура – филмот со највеќе Оскари во историјата – „Бен Хур“, беше наполу скусен бидејќи беа исфрлени сите сцени каде се појавуваше Исус. Филмовите во кои имаше сцени на прослава на Божиќ беа „преименувани“ низ титлувањето во прослава на Нова година.
Црквата се обидува да не остане статична институција
Транзицијата донесе многу промени, а најлесно прифатливи беа оние во врска со определбата – дали си верник или атеист (па и агностик). Стратегија на современиот социјалдемократски модел на политичко дејствување е – појди во црква, прекрсти се, не боли. За десницата важи – појди во црква откако најнапред ќе дознаеш дека знаеш да се прекрстиш… Меѓу тие две политички струи се наоѓа црквата која се чувствува доста удобно во лулката на таа стварност.
„Свесна за својата улога, Црквата и денес, која изобилува со ’промени во менталитетот и структурите’, која ’од статичко разбирање на поредокот на реалноста преминува во динамичното и еволутивното’ и која со се’ поголема и поголема социјализација, ’непрестајно ги умножува врските на човекот со својот ближен“ (Рудолф Брајчиќ „Односот меѓу црквата и државата“).
Во една општоприфатлива форма ова би бил тој современ стремеж на Црквата која треба да учествува во изградбата на земниот хуманизам и да биде присутна во таа градба низ постојано испитување на границите меѓу црквата и државата, вели овој коментатор.
Израелскиот модел за „една религија – една нација- една држава“
Такви граници речиси и нема во Израел, каде јавниот поредок не почива на човечки закони и одредби, па и самиот Јахве е кралот на Израел. Ова секако се зема како исклучок, но во македонската политичка иконографија имаше свои обиди да се ископира. Во една тв дебата, Љупчо Ристовски од малата партија Интегра се обиде да не убеди дека треба да го прифатиме еврејскиот модел на „одбрана на државата“, во смисла дека ќе се добие, веројатно она „една држава – една идеологија- една религија“; па не остана многу простор да се досетиме кон кого таа конструкција би била насочена и што е она што би ја стабилизирало.
Оваа мала епизода од тв дебатата, во која учествував и самиот е одраз на подлабоко, па и потсвесно прифаќање на сликата на теолошка држава, рудиментирана демохристијанска творба која извира од историското сеќавање за животот во кој се сакало да се опстојува во форма на навидум „морална чистота“, но само во внатрешните еднонационални односи. А ова не значело дека постои moral insanity во односот кон своите први соседи. Згора израелското искуство обично значи живот минат во униформа и за обата пола, што е катастрофално за цивилното општество, а оттаму и за демократијата.
Во моменти на антагонизам и силни национални страсти кај нас религијата станува силен потпирач на таквиот – да го наречеме така – израелски модел на вечен конфликт. Да се сетиме само на маршот на побунетите студенти во 1997година, каде учесниците беа и останаа припадници на ВМРО ДПМНЕ и пораснаа дури во идни функционери на оваа партија кои по скопските улици извикуваа дека треба да сме „свои на своето“ (да не ги споменувам полошите пароли) и одеа на своевидна причест кај поглаварот на МПЦ, кој одби да го стори тоа и јасно го кажа својот став против било какви најавени масовни убивања. Ова е само илустрација дека во свеста на овие луѓе сепак живееше една визија од „израелски тип“, каде нема трага од вистинските религиски (христијански) белези.
На своевиден начин, повеќе како некаква идеолошка травестија кај нас, најголемата партија (ВМРО ДПМНЕ) се обиде да одглуми некаква десна партија во форма на демохристијанска формација. Ова значеше изградба на големи крстови низ земјата, организирање на донаторски конференции без усул, често како една форма на собирање на пари од богати поединци ама без видливи резултати (изградбата на црквата Св. Костадин и Елена како своевиден perpetuum mobile), потоа имаме издвоеност на финансиите на црквата од јавната контрола и т.н. Од друга страна, лесно беше видлива импровизацијата во однос на религиските процедури кога, на пример, генералниот секретар на оваа партија – Доста Димовска, инаку по вокација професорка по марксизам, можеби и без да знае воведе некои муслимански обичаи во погребни ситуации, за што со право беше нападната за „креативноста“ а во основа за извештаченост кога се третира религијата.
Кај социјалдемократите одењето на поважните црковни молебени треба да се сфати како израз на „недавање на простор“ на политичката конкуренција во срцата на верниците; воедно и да се покаже дека нивната лева идеологија која, за разлика од минатото, нагласено, нема врска со стариот однос кон верата на поединецот и групите. Факт е дека често таквото однесување понекогаш ја поминува границата меѓу државата и верата, како кај пренесувањето на т.н. вечен оган од Ерусалим, на пример, во земјава од страна на политичар на функција а не, како што е обичај, од страна на лице во мантија. Тука може да ставиме ѕвездичка, бидејќи, заложбата за обнова на македонската црква токму од страна на комунистите а сега и социјалдемократите е само дел од наративот на нагласување на посебноста на нацијата. Не онака како што тоа го прават другите вон црквени организации, туку само како обнова на посебноста и на црквата во повоениот период. Тука е посебно битна ролјата на заборавениот Крсте Црвенковски, да речеме, кој стана омразен лик во српските клерикални, ама не и само такви кругови. И овие дипломатски контакти кои ги правеше државата во последните години вродија со плод, иако се чини дека од друга страна МПЦ прави чекори кои не можат да се разберат лесно.
И теолошките аналитичари имаат проблем во објаснување на тој феномен – со одвојувањето на Црквата од политичката заедница, таа заедница и човечките вредности во неа не треба да ги губат своите природни вредности како што би ги изгубиле без интегралистичко толкување, т.е. без врска со црквата како култна заедница, кога тие беа безвредни. Не е неопходно политичката филозофија (идеологија) да се претвори во теологија! – сметаат таквите толкувања.
ВМРО-ДПМНЕ нудеше кај нас култура на побожност, често исфрлувајќи ја улогата на црквата да се претвора во институција за милосрдие, што барем МПЦ речиси целосно го прифати како дел од потенцијалното практикување во конкретни форми на помош во секојдневниот контакт со паствата (со ретки исклучоци). Таа го прима тоа милосрдие главно кон себе. Но затоа посебно шокантни се обидите делови од црквите, одделни епархии да се јават како „господари на животот и смртта“ како во спротивставување на научните методи на лекување, на пример на ковидот-19, што на протагонистите на теоријата за прскање со света водичка како проверена доктрина на дотичните им се удри од глава, па побараа помош во приватните клиники – молитвите не им помогнаа.
Сведоци сме и на напади на висок свештеник кон гласноговорничките за поголеми женски права, кој од друга страна добива во исто време ТВ фреквенција од страна на државна агенција, која мува не ја лази за фактот дека од преседан лесно може да заличиме на теолошко медиумско Ел Дорадо, будејќи ќе има и други баратели во свештеничка облека кои ќе бараат рамноправен третман. Од различни религии, да речеме! Познавајќи ги оние од Советот на ААВМУ (како и да не го знаеме кога имаат вечен мандат) лесно е да се видат и трагите на политиката. Колку е тешко кај нас со толку многу чудни појави да се титлува терминот – државен атеизам?!