Практично, на анкети одговараат партиски членови или симпатизери. Тешко е да се открие тивкото мнозинство. Уште потешко е да се убеди да излезат на избори. Еден политичар, во кој имам доверба, деновиве рече „ќе се изненадите од резултатите“ и можно е дека е така
Пишува: Валентин НЕШОВСКИ *
Не им верувајте на анкетите односно истражувањата на јавно мислење пред избори.
Ме поттикна на ова еден разговор на Симон Розенберг, кој се бави со политички стратегии, истражувач и најважно сопственик на компанија за истражување на јавното мислење, кој вели дека има нов фактор, а тоа е „Стравот од губење на демократијата“. Дополнително, дека ова креира тивки мнозинства кои се тешко мерливи. И, ова е светски тренд, особено во САД И Европа, поради растот на конзервативизмот, ксенофобијата, отворениот расизам и појавата на тенденции кон етаблирање на авторитарни власти.
Значи, дури и да ги оставиме настрана наместените анкети какви што видовме деновиве и кај нас, кои едноставно кажано имаат задача да влијаат на изборите, а не да ги мерат, постои тивко мнозинство кое не одговара на анкети. Но, поважно, одговара на избори.
„Проблемот е што никој од новинарите не знае да ги чита анкетите“, рече пред неколку дена Корнел Белчер, реномиран истражувач на јавното мислење. Би додал, намерно не ги читаат како што треба. Дури не ги ни објавуваат анкетите целосно. На пример, ретко ќе видите колкав е процентот на оние што одговориле „не знам“, „не сакам да кажам“, „се уште се двоумам“, „нема да гласам“…
Кај нас, деновиве, доколку сами ги соберете процентите на луѓе кои се изјасниле за некоја од партиите ќе видите дека недостасуваат (речиси во сите анкети), околу 50 отсто од гласачите. Сите овие практично рекле “ќе видиме“.
Тие се таканареченото тивко мнозинство и тие одлучуваат на изборите. Ми се чини, особено на овие.
Затоа што (велам, на реална, ненаместена анкета) ретко кој одговара половина час на телефон (толку отприлика трае одговарањето на добро структуирана анкета, од околу 20 парашања). Теренска анкета трае уште подолго. Ретко кој од младите (милениалс и џен З) па дури и оние политички активните ќе се стрпи да одговара на истражувач на јавното мислење кој ќе ги гњави пола саат. Статистиките во западноевропските демократии покажуваат дека дури 10 отсто од тие што биле контактирани одбиваат да одговорат.
Причините се непознати бидејќи не можат ни да бидат прашани зошто, но се претпоставува дека се – страв од повик од непознат човек, незаинтересираност, „гласањето е интимна работа“… Тешко е да се утврди и социо економската позиционираност на овие луѓе, но претпоставките се дека се работи за еманципрани, едуцирани, ситуирани, економски независни од актуелните политички состојби, но и за недоверба во системот и разочараност без разлика на нивната социо економска ситуација.
Во земјава, а знам бидејќи имам организирано 10тина анкети со 1068 испитаници (светски стандард) , се движи и до 50 отсто одбивање да одговорат дури и на неполитички или непартиски теми. Е сега на ова додадете и маргина на грешка, која за 1068 испитаници е +/- 3 % ќе видите дека значаен број на истражувањата се безвредни.
Дел од причините што ги наведов се и виновни за светската криза во анкетарството кое трае од 2016 наваму. Грешките во прогнозите (особено за избори) се во просек и над 10 отсто.
Практично, на анкети одговараат партиски членови или симпатизери. Тешко е да се открие тивкото мнозинство. Уште потешко е да се убеди да излезат на избори. Еден политичар, во кој имам доверба, деновиве рече „ќе се изненадите од резултатите“ и можно е дека е така. Но само ако луѓето од „непартискиот штаб“ се одлучат да излезат. Ќе има ли тренд „за спас на демократијата“ или избегнување на ултра десничарство, а можеби и авторитаризам како што вели Розенберг ќе видиме. И кај нас и во САД и во ЕУ. Годинава.
Патем, се ова само на кратко, бидејќи истражувањето на јавното мислење е сериозна научна дисциплина, а не гранапче на секое ќоше.
*Авторот е комуниколог и ПР експерт
(Извор: ФБ профил на авторот)