Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Трајаноски: Веднаш да се распушти судот кој во кафкијански процес донесе пресуда против истражувачкото новинарство, слободата на медиумите и здруженијата на граѓани

Пишува: ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ

Истражувачката новинарка Сашка Цветковска била тужена во својство на новинар, но судот утврдил дека не била новинар.

Против ИРЛ биле поднесени и жалби до СЕММ како медиум (кои биле отфрлени како неосновани), но судот утврдил дека ИРЛ не е медиум.

Судот, во името на нас граѓаните, донел пресуда не само против здружението на граѓани ИРЛ, туку и против сите здруженија на граѓани, и против медиумите и истражувачкото новинарство во целина.

Ваквата пресуда е заснована на апсурдни „факти“, и предизвикува огромна штета на слободата на изразувањето воопшто, на слободата на здружувањето и невладиниот сектор, на истражувачкото новинарство и медиумите, на судството и владеењето на правото, како и на угледот на државата.

Судот, кој донел ваква одлука што предизвикува повеќекратна штета, најдобро е веднаш да се распушти, за да се превенираат идни повреди на владеењето на правото и прекршувања на човековите права.

Против сите судии, кои го воделе овој „кафкијански“ процес што исходуваше со ваква судска пресуда, треба веднаш да се покренат постапки за нивна лична одговорност.

Факти и докази за истражувачката новинарка Сашка Цветковска и за ИРЛ

Факт број 1: Неспорно е дека Сашка Цветковска е истражувачка новинарка, која е повеќе пати наградувана од ЕУ и од други кредибилни организации.

Доказ: Новинарката Сашка Цветковска со сторијата „Шпионот-земјопоседник“ го освои првото место на конкурсот за Наградата од Европската Унија за истражувачко новинарство за 2014 година (Видете ЕУ додели награди за истражувачко новинарство, РСЕ, 18.06.2014).

Доказ: Награда Press Freedom Award 2017 за посебни достигувања во сферата на критичкото и истражувачко новинарство за Сашка Цветковска,  Новинарката Сашка Цветковска добитничка на наградата „Сигнал за Европа“ во Виена, РСЕ, 22.03.2018.

Други докази: Новинарката Сашка Цветковска е првонаградувана за „Најдобра истражувачка сторија за 2011 година“ од МИМ за сторијата “Списоци“, а има добиено и повеќе други награди за истражувачко новинарство.

Факт број 2: Неспорно е дека ИРЛ (чиј претседател е Сашка Цветковска) е здружение на граѓани кое има за цел „развој на истражувачкото и аналитично новинарство…“ и „зголемување на влијанието на истражувачкото и аналитичкото новинарство преку иновирање во креирањето содржини и пристапот до публиката…“.

Доказ: Извадок од Решение на Централен регистар, за упис на основање на ИРЛ.

Факт број 3: Неспорно е дека ИРЛ била наградувана за истражувачко новинарство и од ЕУ и од GIJN (Глобална мрежа за истражувачко новинарство), а и оспорениот документарен филм добил награда од ЗНМ.

Докази: 1. Доделување на прва награда на ЕУ за ИРЛ во 2020 и во 2023 година за „Нечиста крв“ / 2. Доделување на прва награда на GIJN на ИРЛ во 2023 за „Нечиста крв“. /  3. Наградa за „Заговор на воздухот“ од ЗНМ (видете Прва награда од ЗНМ за документарниот филм „Заговор против воздухот“ на ИРЛ, mrt.com.mk).

Апсурдни „факти“ утврдени од страна на Основен граѓански суд Скопје

По сите овие престижни награди за истражувачко новинарство за Сашка Цветковска и за ИРЛ, Основниот граѓански суд Скопје, во името на граѓаните – значи во име на сите нас што сме граѓани на оваа држава – донел „Пресуда“ во која утврдил како ФАКТИ дека:

  • Членовите на ИРЛ „немаат својство на новинари, ниту можат заради известување на јавноста, да прават новинарски обликувани емисии, да се претставуваат како новинари, или да се бават со жанрот истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање“ (стр. 5); дека ИРЛ не е „ниту новинарско здружение ниту имало потреба да бара проверка на тие факти што тие ги утврдиле во емисијата, бидејќи таа емисија што тие ја направиле може да служи само за целите за кои е формирано здружението во смисла на обука или семинари на млади новинари, а не да се емитува во средство за јавно информирање.“ (стр. 11); Судот „…најде дека се неосновани наводите на тужените дека тие работата ја вршеле како новинари… (стр. 13) иако и тужителите навеле во тужбата дека Сашка Цветковска „во својство на новинар и автор на емисијата“ (стр. 2) и ИРЛ, емитувале емисија на МРТВ 1.
  • Сашка Цветковска (која била по професија новинар) во здружението „нема своство на новинар, па не може да се претставува во емисиите, кои таму се снимаат,ниту како уредник, ниту како новинар, бидејќи таквите емисии не се сметаат како новинарски продукт.“ (стр. 5, неписменоста е на судот); Понатаму, „…ИРЛ не претставува новинарска организација, нема овластување да врши новинарско известување, ниту пак тужената Сашка Цветковска како член на тоа здружение вршела новинарска професија“ (стр. 10); Понатаму, „ИРЛ не претставува медиум, а тужената Сашка Цветковска како член на тоа здружение неможе да се смета дека таму врши новинарска дејност“ (стр. 10-11, неписменоста „неможе“ е на судот); Понатаму, СЕММ кога донел одлука по жалбата за емисијата емитувана на МРТВ не бил надлежен, а исто и Советот на честа на ЗНМ!!!
  • „во моментот на емитување на емисијата преку средствата за јавно информирање, тужителот Кочо Анѓушев не вршел никаква јавна функција“, иако емисијата покренува прашања од јавен интерес токму кога тој вршел висока јавна функција (како што укажа и СЕММ, „г-н Анѓушев во документарниот филм се споменува и во периодот додека бил висок владин функционер“).

Коментар: Судот кој утврдува вакви „факти“ во наше имe, најдобро е веднаш да се распушти!

Што можеме да заклучиме од ваквата пресуда на судот, откако ЕК во Извештајот за напредок во 2023, утврди дека немало напредок во судството претходната година?

Прво, дека ЕУ ги признава Сашка Цветковска и ИРЛ како истражувачки новинари, ЕУ им дава награди како истражувачки новинари, ама нашиот суд очигледно не ја признава ЕУ која ги признава и наградува Сашка Цветковска и ИРЛ за истражувачко новинарство.

Џабе амбасадорот на ЕУ годинава ја призна работата на истражувачките новинари од ИРЛ и „нивната потрага по вистината и храброст, бидејќи не можеме да заборавиме дека нивната работа не е секогаш лесна“ (видете Награди на ЕУ: Избрани најдобрите истражувачки стории, prizma.mk, 29.09.2023).

Истата година кога ИРЛ добива престижна меѓународна награда за истражувачко новинарство, нашиов суд утврдил дека членовите на ИРЛ „немаат својство на новинари“ дека не можат „да се претставуваат како новинари, или да се бават со жанрот истражувачко новинарство“ и сето тоа да го објавуваат – внимавајте – на јавниот сервис МРТВ или во други медиуми!!!

­­­Замислете, тоа што било објавено на јавниот сервис МРТВ, за што и ИРЛ и МРТВ веќе се наградувани повеќе пати, вклучително и за емисијата „Заговор против воздухот“, не било истражувачко новинарство!

Замислете, СЕММ не бил надлежен да оценува кога ја отфрлил жалбата како неоснована, поднесена од Кочо Анѓушев, во која се жалел на „медиумот ИРЛ“, против „уредничката на ИРЛ“ и „новинарката“, дека медиумот не обезбедил „втора страна“.

Според фактите што ги утврдил нашиот суд, и жалителот Кочо Анѓушев бил во заблуда кога се жалел против „медиумот ИРЛ“ и „уредничката на ИРЛ“ и „новинарката“.

Замислете, не само Анѓушев, туку и СЕММ бил во заблуда кога утврдил дека нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија, кога заклучил дека „се работи за документарен филм од исклучителен јавен интерес“, и дека „новинарскиот производ одговорил на клучните прашања – дали се увезувал опасен мазут, кој е патот на нафтениот дериват и фирмата што го увезувала и каде се сѐ користел за употреба“.

Замислете, во огромна заблуда дека Сашка Цветковска и ИРЛ се занимавале со истражувачко новинарство биле не само Анѓушев, СЕММ, и Советот на честа на ЗНМ (ЗНМ, која доделила награда токму за оваа емисија!), туку и ЕУ кога им доделувала награди на ИРЛ! Дури и Глобалната мрежа за истражувачко новинарство била во заблуда кога им доделила престижна награда годинава. Сите биле во заблуда, освен судот, кој утврдил „факти“ дека наградуваната Сашка Цветковска не била новинарка, ИРЛ не бил медиум, а наградуваната емисија не била „новинарски продукт“.

Ваквото утврдување на „факти“ од страна на судот, во името на нас граѓаните, нема никаква врска ниту со реалноста, ниту пак со здравиот разум.

Токму затоа, оваа пресуда не е само против здружението на граѓани ИРЛ, туку и против сите здруженија на граѓани, и против медиумите и истражувачкото новинарство во целина, и против граѓанскиот интерес, и против здравиот разум.

Ваквата пресуда заснована на апсурдни „факти“ предизвикува огромна штета на слободата на изразувањето воопшто, на слободата на здружувањето и невладиниот сектор, на истражувачкото новинарство и медиумите, на судството и владеењето на правото, како и на угледот на државата.

Ваквата одлука предизвикува повеќекратна штета, и го покренува прашањето дали судот, кој утврдил вакви апсурдни и нездраворазумски факти, е навистина суд, и дали донесувачите на судски одлуки имаат елементарна способност за донесување на рационални одлуки, како и основна медиумска писменост.

За да се превенираат слични повреди на слободата на изразувањето и натамошни повреди на владеењето на правото и прекршувања на човековите права, најдобро е овој суд веднаш да се распушти.

За сите судии, кои го воделе овој „кафкијански“ процес што исходуваше со ваква апсурдна судска пресуда, веднаш треба да се покренат постапки за нивна лична одговорност.

(текстот е личен став на авторот)

Извор: СМК

Треба да знаете
Moже да ве интересира