Над 100 дронови биле забележани за само 96 часа во непосредна близина на романскиот воздушен простор, додека руските напади врз украинските пристаништа на Дунав достигнале интензитет што романскиот министер за одбрана Раду Мируца го опиша како без преседан. За четири дена романската воздушна одбрана девет пати била ставана во зголемена готовност, а борбени авиони на НАТО седум пати полетувале за набљудување и проверка на ситуацијата.
Бројката од повеќе од 100 беспилотни летала не значи дека сите навлегле во Романија. Според романското Министерство за одбрана, радарите ги регистрирале во близина на романскиот воздушен простор, главно при масовните руски напади врз украинската страна на Дунав. Десетици од нив биле лансирани во роеви во рамките на седум одделни напади врз украинските дунавски пристаништа.
Најголемиот дел од дроновите биле соборени од украинската противвоздушна одбрана пред да стигнат до романска територија, но во последните денови во Романија повторно биле пронајдени остатоци од беспилотни летала. Дел од нив биле донесени до романскиот брег од брановите на Црното Море.
Романските власти во истиот период девет пати ја подигнале готовноста на воздушната одбрана. Борбени авиони на НАТО седум пати полетале во превентивни или извидувачки мисии, а во три случаи биле употребени и воени хеликоптери. Мируца нагласи дека борбите на некои места се одвиваат на само неколку стотици метри од романската граница.
Ситуацијата стана уште почувствителна откако во округот Тулча повторно беа пронајдени остатоци од дронови. На една од локациите било забележано и опожарено земјиште, а во друг случај остатоци биле откриени во областа Плауру, непосредно до украинската граница. Романски воени експерти ги анализираат пронајдените делови.
Уште посериозен беше инцидентот во делтата на Дунав, каде дрон што летал на исклучително мала височина не бил забележан од романските воени радари пред да падне во шумска област. По ударот следувале експлозија и пожар, а надлежните подоцна признале дека леталото се движело толку ниско што останало надвор од радарското следење.
Романските власти претходно испратиле предупредување RO-Alert до населението во делови од Тулча и Галац поради опасност од паѓање објекти, но информацијата за конкретното паднато летало стигнала преку повици на граѓани до бројот за итни случаи.
Војната во последните денови буквално стигна и до романските летувалишта на Црното Море.
На плажите во Костинешти два дена по ред биле пронаоѓани делови за кои се сомнева дека потекнуваат од дронови, поради што делови од плажата биле оградувани и затворани за капачите. Во петокот слична интервенција имало и на плажата во Сатурн, каде властите повторно евакуирале дел од крајбрежјето откако во песокот бил пронајден предмет налик на надворешна обвивка од дрон.
Во Костинешти дел од туристите дури влегле во расправија со жандармите откако поради безбедносната интервенција им било забрането капење. Во Сатурн, пак, воени експерти го презеле предметот за дополнително испитување. Засега се разгледува можноста дел од остатоците да биле донесени на романското крајбрежје од морските струи по нападите врз Украина.
Според податоци на романското Министерство за одбрана објавени претходно годинава, од почетокот на руската инвазија биле регистрирани повеќе од 90 напади на украинска територија во близина на границата со Романија. Во околу 30 случаи руски дронови навлегле во романскиот воздушен простор, а во 47 случаи на територијата на Романија биле пронајдени остатоци од беспилотни летала. Само во 2026 година, до објавувањето на тие податоци, биле регистрирани 15 неовластени навлегувања на дронови.
И покрај драматичното зголемување на бројот на дронови долж границата, романското Министерство за одбрана соопшти дека засега нема показатели дека степенот на директна опасност за населението е зголемен. Системите за воздушно набљудување и единиците за воздушна полиција, според Министерството, остануваат во постојана готовност.
Последниот бран се совпадна и со 15 август, Денот на романската морнарица, кога во Констанца политичкиот и воениот врв повторно ја истакнаа стратешката важност на безбедноста на Црното Море. Романија истовремено инвестира во нови системи за противвоздушна и антидронска одбрана, додека војната од другата страна на Дунав сè почесто остава физички траги и на романска територија.
