Жарко ТРАЈАНОСКИ*
Пред 13 години јавно поставив едно кусо прашање: Која е најразвиена индустрија во Македонија? И тогаш дадов уште покус одговор – пропагандата.
„Скопје 2014“ како пропагандна индустрија
Во последниве 15 години имаше многу написи за најразлични аспекти на „Скопје 2014“, а малку за неговата мега-пропагандна димензија. Да се потсетиме, пред 13 години беше прилично актуелен т.н. „проект Скопје 2014“, во кој беа вложени околу 700 милиони евра, во најразновидни градби кои заедно сочинуваа една мега-пропагандна целина.
Несомнено, триесетината споменици (на чело со „Воинот на коњ“) за кои беа потрошени исто толку милиони евра, беа дел од една споменична етно-националистичка пропагандна кампања, како и милионските скулптури на двата моста во центарот на Скопје. И плоштадите „ВМРО“ (пред партиската палата) и „Филип Втори“ имаа античко-пропагандна димензија, како и стадионот „Филип II Македонски“, аеродромот и автопатот „Александар Велики“, преименувањата на улиците, итн.
И поголемиот дел од објектите за кои беа потрошени над пола милијарда евра беа дел од партиската кампања, најмногу „музејот на ВМРО“ со прескапи восочни фигури и пропагандни хорор сцени. Пропагандна димензија имаше и Археолошкиот музеј, каде што централно место има копијата на т.н. „Александров саркофаг“, монументална идиотштина на државниот архео-пропагандист Паско Кузман, кој „научно“ тврдеше дека „гробот на Александар Македонски се наоѓа кај Исар во селото Марвинци на старите пајонски гробишта“.
Бездруго, дел од најразвиената – пропагандна индустрија, станаа и бастионот на големосрпската милитантна пропаганда („Офицерскиот дом“), како и бројните палати именувани по ВМРО-вски револуционери – да не зборуваме за катните гаражи „Тодор Александров“, „Македонска фаланга“, „Разловечко востание“, „Солунски конгрес“, „Смилевски конгрес“…Како сето тоа да беше малку, па се изгради и пропагандната „Порта Македонија“ („Триумфалната“), а во план беше и Универзална сала да се „прероди“ и прошири во „Конгресен центар Александар Македонски“. И Министерството за култура стана министерство за антикоманска пропаганда – па почна да се игра и „Александрово оро“ на фолклорниот фестивал „Александар Македонски“.
Соучесништвото на „куртон-медиумската“ пропагандна индустрија
Да потсетиме и дека сите овие – урбанистички, архитектонски, археолошки, музејски (и други културни) – пропагандни проекти цела деценија беа надолго и нашироко промовирани од уште една значајна гранка на пропагандната индустрија во Македонија – медиумската индустрија. Колку стотици милиони евра беа вложени за медиумско промовирање на партиско-пропагандните проекти, како и за нарачување на партиски „куртон вести“ (како што слушнавме дека си ги нарекуваа самите), веројатно никогаш нема да дознаеме.
Но, она што го знаеме кога Македонија потона на дното на листите на медиумските слободи е дека со специјалци беа затворани медиуми и новинари. Знаеме и дека „куртон-новинарите“ секојдневно ги прогласуваа за домашни предавници и странски платеници тие што ги разобличуваа скапо платените нарачани вести за историските инвестиции „а ла Субрата Рој“, за дваесетте илјади крави во Џумајлија и новиот Лас Вегас во Охридско, за секојдневните економски чуда на Груевски, за осумте милијарди евра инвестиции во македонската економија, за брзината со која се гради автопатот „Кичево – Охрид“, за посетите на Хунзите и Шеиците…
Притоа, телевизиските екрани секојдневно беа преплавени со партиско-медиумски шарлатани, кои раскажуваа приказни за славното античко и предисториско минато. Медиумските шарлатани под покровителство на „Белосветскиот македоноидски конгрес“ проповедаа за „Македоноидите“ на „Македонскиот полуостров“ и правеа молитвени видеа како Господ им се обраќа директно на Македонците со зборовите: „Вашата мајка Земја со три раси ја населив: белата – Македоноиди; жолтата – Монголоиди; и црната – Негриди…“ Не е ич смешно, зашто овој пропаганден расистички спот наречен „Божја молитва“, беше емитуван не само на јавниот сервис МТВ, туку подоцна стана и „музичка подлога“ на маршот на фалангистите кои го окупираа и Мечкин Камен. И во славното Крушево беше испратена пораката дека „Господ од Македонците ја зачнал белата раса и со нив го населил светот сè до Јапонското море“.
Извадок од книгата „Македонска митологија“, објавена 2010 година
Сега ќе копаме крипто или крипти?
Оттаму, воопшто не е изненадувачки што ме обзема чувство на „веќе видено“ кога ја прочитав веста дека „Крис Павловски ќе го бара гробот на Александар Македонски во Македонија“. Па уште тоа и медиумски се најавува како странска инвестиција со зборовите „Очекувам заедно да вложиме пари и да почнеме да копаме за да видиме што има овде под земјата“. Каква е оваа ситуација – Илон Маск сака да копа на Марс, а другар му Крис сака да копа под земјата македонска?
За сите што не се „паднати од Марс“, ова е „веќе видено“ медиумско-пропагандно шашардисување. За оние кои веруваат дека кај и да е, Илон Маск ќе почне го колонизира Марс, а ние ќе фаќаме врски за поевтини карти кај другар му Крис, нема потреба од брзање. Прво да прекопаме под земјата македонска, да ја најдеме криптата на Александар, после ќе му ја мислиме за Марс.
Што е убав овој свет – копаш крипти (а богами и крипто-валути на „евтина струја“) и стануваш „Швајцарија на Балканот“. Само навидум едно со друго не оди. Тука не само што оди, туку и поминува, затоа што најразвиена индустрија ни е пропагандата.
Кога европската иднина ни е заробена од политичари кои глумат („антибугарско“) лудило во белата палата што си ја нарекле „Христо Татарчев“ – што друго ни преостанува освен инвестиции во пропагандата „Македонија повторно велика, ко Александар“.
Со ефективна пропаганда, цените на храната може да си раснат астрономски, а платите да си остануваат „во лер“ (исто како во времето Груевски). Пропагандата храна а-ла „Александар д грејт агеин“ е најдобар иљач за грчевите во стомакот кај осиромашениот народ. И најдобар механизам за бегство од мрачната реалност. А каде да се бега, ако не во славното античко минато, кога цел град ти е завиен во црно, по пиротехничката катастрофа при настапот на бенд кој беше партиски ангажиран во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ на минатите локални избори.
*(Авторот е раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА)
Преземено од Има.мк