Во врска со случајот со убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во многу медиуми во земјава и на социјалните мрежи беа објавени повеќе погрешни информации, лажни вести и дезинформации.
На 03.12.2023, Петар Богојески, лидер на партијата „Македонски концепт“ објави дезинформации дека убијците на малолетната биле ослободени, прашувајќи „дали осомничените биле пуштени на слобода од полициска станица и дали се веќе пренесени на Косово?!?“.
Но, истиот ден, МВР соопшти дека „наспроти шпекулациите и дезинформациите според кои овој случај има етничка заднина, информираме дека сите осомничени се од македонска етничка припадност“.
Порталот Еуромапрес, исто така предупреди на лажни обвинувања на Фејсбук дека киднапер бил сопственик на ромска телевизија со потекло од Косово, кој 15 години живее во Франција.
Иако МВР соопшти дека „во околината на Скопје е пронајдено безживотното тело на малолетната“, ТВ Сител во вестите од 21 часот извести дека „нејзиното безживотно тело, според соопштението на МВР, е најдено во околината на Велес“. Воедно, иако МВР соопшти дека телата се најдени на две различни локации, и ТВ Канал 5 во прилог од 4.12.2023 извести дека исчезнатиот велешанец бил најден „на истата локација покрај 14-годишната…“.
Освен тоа, неколку портали и инфлуенсери проширија лажна вест дека првоосомничениот за двете убиства бил уапсен во Хрватска.
На 05.12.2023, ТВ Алфа објави прилог „Скопје – Белград – Истанбул- Минск: Најбараниот беглец е во Белорусија?!“, во кој без докази се тврди дека „Палчо имал план и авионска карта за Минск, метрополата на проруска Белорусија.“ Но, подоцна излезе дека тој воопшто не патувал со авион.
Пред МВР да објави дека првоосомничениот за грабнувањето и убиствата бил лишен од слобода во Турција, некои портали погрешно известија дека бил „уапсен на граничен премин“ и дека бил „задржан на граница“. Но, излезе дека првоосомничениот бил лишен од слобода во градот Баликесир, кој не се наоѓа во близина на турската граница.
И екипата на „Вистиномер“ објави повеќе прилози за објавите на социјалните мрежи, разоткривајќи ги невистините што се ширеа за убиството на малолетничката од Скопје, како и за првоосомничениот.
Како што видовме, оваа трагедија беше злоупотребена од многу актери за ширење шпекулации, погрешни информации, дезинформации и теории на заговори. Дел од нив очигледно имаа намера да предизвикаат меѓуетнички тензии и да ја подријат довербата во институциите на системот. Затоа, граѓаните треба да бидат многу внимателни при вакви случувања и да се потпираат исклучиво на информации кои се добро проверени и од веродостојни извори.
(СМК)