По објавувањето на извештаите на Европската комисија за земјите во регионот, неколку медиуми проширија непоткрепени изјави на премиерката на Србија, Ана Брнабиќ во врска со Извештајот на ЕК за Србија.
На порталот „Денешен“ беше објавен наслов: „БРНАБИЌ ЗА ИЗВЕШТАЈОТ ОД ЕУ: ЕК препозна напредок на Србија во сите области“.
Но, во текстот на извештајот на ЕК за Србија, оценката „нема напредок“ се среќава над 20 пати, вклучително и кога се оценуваат поглавјата 4, 13, 29, 30 и 31.
Во текстот на „Денешен“ се пренесува поширока изјава на Брнабиќ во која таа тврди дека „ЕК го препознала јасниот напредок на Србија во сите клучни области и дека нема назадување во реформите во ниту една област“.
Но, во извештајот на ЕК за Србија се среќава и оценката „назадување“ (backsliding), поточно „сериозно назадување“: „Повлекувањето на косовските Срби од косовските институции во ноември 2022 година и бојкотот на локалните избори на северот на Косово во април 2023 година ги прекршуваат обврските на Србија од дијалогот и тие претставуваат сериозно назадување во придржувањето на Србија на „Првиот договор на принципите што ја регулираат нормализацијата на односи“ и директно прекршување на Договорот за правда од 2015 година.“
Исто така, во извештајот, „ Србија се повикува да ги охрабри косовските Срби веднаш да се вратат во институциите, а Косово да овозможи ова враќање да се случи“.
Токму затоа, и пренесените политички изјави во македонските медиуми „Брнабиќ: Нема област во која е забележано назадување на Србија во извештајот на ЕК“, не ја поминуваат проверката на факти, затоа што во извештајот има и една оценка за „сериозно назадување“. И овој случај покажува дека медиумите не треба само да пренесуваат изјави на политичари, туку и да ги проверат, особено кога проверката е лесна, како во случајот со достапните извештаи на ЕК.