Навигација низ влијанието на национализмот, руските хибридни тактики и политичката стагнација: Откривање на главните предизвици во изборниот пејзаж на Северна Македонија
ЏАБИР ДЕРАЛА
Втор дел од анализата Три клучни фактори во изборната динамика: Национализам, руско влијание и политичка инертност, објавена на 27 април 2024, на ЦИВИЛ МЕДИА
Пропагандните и дезинформациони операции во пресрет на изборните процеси (и воопшто) претставуваат критична компонента на хибридното војување оркестрирано од Русија против демократските земји. Во пошироката рамка на хибридното војување, кое опфаќа низа неконвенционални тактики, влијанието во изборите со дезинформации и пропагандни тактитки служат како моќно оружје за сеење раздор, поткопување на демократските процеси и слабеење на општествената отпорност, односно загрозување на националната безбедност.
Ова влијание се манифестира преку различни средства како што се дезинформациони кампањи или стратешки сојузи со одредени политички партии и организации на граѓанското општество, што може да биде погубно за демократските, а особено за изборните процеси во една земја. Токму тоа ѝ се случува на Северна Македонија веќе со години.
Руските злонамерни кампањи со дезинформации и медиумски манипулации се насочени кон демократските земји, за да се постигнат стратешките цели на Путиновата диктаторска и агресорска клика. Притоа, се искористуваат сите ранливости на општеството и недостатоците во политиките во земјата за да се поттикнат и мултиплицираат изразите на незадоволство и да се продлабочи недовербата кон институциите. Потенцијалните решенија на отворените прашања во општеството редовно се прогласуваат за погрешни, коруптивни или предавнички, а прогресивните интелектуалци и новинари се подложени на јавен линч и се етикетираат како странски платеници, предавници и криминалци кои „народниот суд“ треба да ги силува, убие, живи да ги запали, обеси, застрела…
Особено ранливи се земјите од регионот на Западен Балкан, лоцирани надвор од економскиот, политичкиот и безбедносниот чадор на ЕУ. Додека членството во НАТО обезбедува безбедносни гаранции против директни напади врз територијалниот суверенитет, овие ранливи демократии се соочуваат со бројни внатрешни предизвици.
Руското влијание имаше важна, ако не и клучна улога во претседателските избори во САД во 2016 година. Ако еден голем и силно елабориран демократски систем како американскиот покажа слабости и недоволна отпорност кон руското влијание, може да се замисли колку се ранливи далеку помалите земји во Европа и на Балканот. Метафорично, ако Русија можеше да го загрози демократскиот процес во САД, секција по општотехничко образование во основно училиште на Камчатка може со леснотија да го загрози демократското ткиво во една балканска земја.
Преземено од Цивил Медиа