Ако му се нуди на македонскиот народ дека ќе му биде вратено одземеното достоинство, тој секако ќе гласа за тоа. За надвор, друга е приказнат
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
Да си „против“ меѓународен договор со кој не се согласуваат 70 посто од населението е чист изборен ќар. Да си „за“ значи да губиш. Промената на името на државата стана национална траума за Македонците, а неправдата се подгреваше со активен бојкот на новото име изразен во слоганот „Никогаш Северна – само Македонија“. Опозицијата, излегувајќи со кандидат за претседател кој е истакнат правник, може да изгледа добитничка, но само за избори дома.
Ако му се нуди на македонскиот народ дека ќе му биде вратено одземеното достоинство, тој секако ќе гласа за тоа. За надвор, друга е приказната. Таму сите знаат за она што потенцијално новата власт му го кажува на македонскиот народ а сега, таа власт, сака да му го соопшти на светот: дека никаде во меѓународното право нема да најдете основа за наметнување на име од страна на една држава врз друга; дека суверена независна држава може да биде само признаена или непризнаена од друга суверена држава и ништо повеќе; дека наметнувањето на име е спротивно на принципите на независноста, суверенитетот и правната еднаквост меѓу државите; дека наметнувањето е спротивное и на правото на самоопределување кое што го опфаќа правото на свое име.
Сите во меѓународната заедница знаат дека Преспа е асиметричен договор, каква што е реалната моќ меѓу Македонија и Грција. Знаат дека најважните одредби од договорот се во полза на Грција: промена на име „ерга омнес“, наследството на древните Македонци, промени во уставот, забрана на иредентизмот…Се е ова точно од аспект на меѓународното право, но меѓународната политика е нешто друго.
Меѓудржавни договори не се производ на научни средби на софистицирани и со отворен ум научници од доменот на општествените науки, туку се документи кои, иако асиметрични, се одржливи и прифатливи за политичарите од двете страни зашто произведуваат повеќе добро од зло. Меѓународните договори се документи кои се занимаваат со практични и непретенциозни работи и дејствија со кои се решаваат определени проблеми.
Надежта е дека овој асиметричен договор може да произведе една нова реалност помеѓу Грците и Македонците, преку корисни економски трансакции до повеќе разбирање, взаемна доверба, помирување, стабилност на Балканот… Но, доколку се покаже дека пречките за нивно имплементирање се непремостиви за страните, особено за онаа што дала повеќе, таквите договори немаат иднина. Договорот од Преспа е ставен на тестот на времето. Со оглед на фактот дека огромното мнозинство граѓани од двете страни на границата не го прифаќаат, Преспа е на стаклени нозе. Парадоксално, но и покрај непобитниот факт дека Грција доби значително повеќе, 70 посто од Грците (според анкета од 2020), се против договорот. Нивната траума произлегува од длабокото убедување дека еден словенски народ не може да го користи древното грчко име „Македонија“, а на нас гледаат со невкусна гордост, супериорност, па дури и со презир. Ние, пак, од наша страна настојуваме да го копираме нивниот етноцентризам со своја верзија на македонски национализам.
Значи, оставени самите на себе без политички посредници, на двата народи ќе им треба сто или повеќе години да се помират, дваесет и пет од кои веќе поминаа. Политичките водства на двете држави се тие кои, со Преспанскиот договор го прескокна овој временски јаз во обид да повлечат напред кон нормализација на односите заради подобра сегашност и иднина. Кога ја презедоа власта, грчките конзервативни партии кои, во парламентот, беа против договорот кој го склучи левицата, сепак се согласија да го почитуваат тоа што е потпишано од нивните претходници. Македонските конзервативни и националистички партии, од друга страна, сè уште го сметаат договорот како предавство на интересите на државата од страна на партиите на власт во изминативе 7 години. Ако при евентуална смена на власта тие решат да се откажат од било што од потпишаното во Договорот, паѓаме назад на некогашните позиции на конфронтација. Некогаш се потребни само неколку зборови. Доволно е претседателката во најава да ја повтори реченицата кажана во жарот на изборната кампања, дека никогаш нема да го употреби името „Северна Македонија“, за клопчето наречено Преспа да почне да се отплеткува со неочекувана брзина, се до поништување на договорот.
Тукушто сакав да напишам дека барометар за грчко-македонските меѓудржавни односи секогаш била сосотојбата на границата, а веќе читам за синоќешната блокада. Случајна? (Либертас)