Бањскиот туризам, како специфичен вид туризам во светски рамки бележи постојан пораст и претставува значаен дел од туристичката понуда на голем број земји. Колку македонскиот туристички сектор е свесен за можностите за развој на оваа селективна туристичка форма, која зазема сѐ поголем замав во регионот и Европа со ниска сезоналност овозможувајќи одржливост на дестинацијата?
Во соседна Србија една петтина од вкупниот број на ноќевањата се остварени во бањските центри, а во Република Српска една третина од вкупните ноќевања, со што се покажува моќта на овој тип туристичка понуда.
Каде сме ние на тоа поле?
Бројот на термоминерални извори во нашата земја е над шеесет, а за туристички и здравствени потреби, односно бањски центри, се користат осум. Од нив пет нудат спа-услуги (Дебарски Бањи – Косоврасти и Бањиште, Катлановска, Негорска и Бања Банско), а три немаат понуда за спа-услуги (Кумановска, Кежовица и Кочанска Бања). Инвестициите се на незадоволително ниво, а дотраеноста на одредени центри и услугите што ги нудат се на многу ниско ниво, третирајќи ги сместувачките капацитети генерално како болнички. Чекајќи ја новата Национална стратегија за здравствен туризам на Македонија, добро е да го потсетиме новото Министерство за култура и туризам дека последната завршила во 2018 година и истата нема евалуација за нејзините ефекти или реализацијата.
Неискористен потенцијал
Македонија располага со големи количини на термални и термоминерални води. Според досегашните сознанија во земјава има 19 локалитети со повеќе од 25 природни извори на термални води со температура над 21 целзиусови степени, со вкупен капацитет од најмалку 310 литри во секунда, осум бањски комплекси и 50 извори и бунари, дупнатини, со појава на термална енергија. На територијата на земјава има и 18 локалитети со минерална вода.
Најголеми топли извори се Негорски Бањи, близу Гевгелија, Бањата Бањиште во подножјето на планината Крчин, Бања Банско близу Струмица, Бања Кежовица Штипско, Струмичка бања „Цар Самоил“, Катлановска Бања во близина на Скопје, Бања „Бања“ близу Кочани, Дебарски Бањи, Кумановска Бања и Бања Стрновец во Старо Нагоричане. Нивните води првенствено се користат за здравствени цели.
Освен термалните води во Косоврасти и Баниште близу Дебар, сите останати се во Вардарската зона. Најголемиот дел од нив се на висина од 400 метри, со исклучок на изворите на Кожув Планина и Бањиште кои се надморска височина од 600 и повеќе метри.
Лек од утробата на земјата
Најтопол термален извор во земјава е оној во Банско, со температура од 73 степени и со капацитет од 55 литри во секунда. Водата од изворот Кежовица е со температура од 57 степни целзиусови, но со само 7 литри во секунда. Во Катлановска Бања водата е со температура од 54,2 степени и со издашност од 10 литри во секунда. Потоа е Негорци со 50,6 степени на термалната вода и 40 литри во секунда и Кочанска Бања со термална вода топла 50,6 степени. Косоврасти и Бањиште имаат нешто „поладна“ термална вода, или првиот извор 48,5 степени целзиусови, а вториот 40,5 степени, но затоа се најиздашни од сите. Термалната вода во Косоврасти има капацитет од 68,8 литри во секунда, а водата во Бањиште извира со капацитет до 100 литри во секунда. Најмлака вода има изворот во Проевци чиј капацитет е само 2 литри во секунда.
Термалните води од дамнина се сметале за лековити и кон нив луѓето се однесувале со почитување. И не случајно, бањите се всушност лечилишта со лековита вода или кал кои се користат за лекување. Лековитоста е во нивниот хемиски состав и во физичките својства кои благотворно делуваат на човековиот организам. Термалната вода, како и минералната, има докажани забележителни антимикробни, антивирусни, антиинфламаторни ефекти врз корисниците. И токму затоа тие се природен потенцијал за привлекување туристи.
Всушност, термоминералните, минералните и термалните води се еден од најзначајните ресурси за развој на бањскиот или здравствениот туризам. Различните локалитети на изворите со специфични карактеристики преставуваат основа за туристички развој на бањско-климатските места. Нивната разновидност по физичкиот и хемискиот состав, според температурата, капацитетот на изворот го прават подрачјето каде што се атрактивно и привлечно. Македонија има големи реални потенцијали, потребни се само повеќе модерни и опремени велнес и спа- центри.
Значаен природен ресурс
Топлата вода, меѓутоа, не е само за бањање и лекување и за развивање на туризам. Таа во светот се’ повеќе се користи и за централно греење на населените места и за производство на елекетрична енергија од природната водена пареа. Практично, од сите обновливи извори на енергија, геотермалната претставува најзначаен произведувач на топлина и електрична енергија во светски рамки. Освен за греење на јавни и приватни објекти, оваа топлина што доаѓа од земјата како природен ресурс, директно се користи и за одгледување на растенија во стаклени градини, и во индустриски процеси како, на пример, за сушење на жито и при пастеризирање на млеко.
Кај нас, освен за бањско лекување и засега само за затоплување на оранжерии и во индустријата, во мал дел, термалните води се неискористени во однос на потенцијалот за експлоатирање. Пред се, поради скапите истражувања и отсуство на државна стратегија за нивна поголема искористеност со потребно вклучување на домашни и странски инвеститори.
Имено, за производство на струја од термални води, на пример, потребни се бушотини длабоки од 1.000 до 1.500 метри и температура на термалната вода од 140 степени. Нашите постојни бушотини со термални води длабоки се од 500 до 600 метри и со максимална температура од 80 степени погодни се само за бањско-рекреативно медицински намени, за загревање на оранжерии, училишта, за станбени и деловни објекти. Што не значи дека ако се истражува и не може да се дојде до податни извори и за оваа намена.
Всушност, источниот дел од земјава е со најголеми потенцијали од термална вода што се користи надвор од бањите. Тука се изворите во село Подлог, Кочани и Банско, Струмица. За затоплување на оранжериите се користат и топлите извори во Смоквица, Гевгелиско со кои се загреваат 22,5 хектари земјоделска површина и Истибања, Виница со опфат од околу 6 хектари.
Колкав е економскиот бенефит од системското користење на термалните води говори податокот дека, на пример, моменталната искористеност на термалните води во Кочани заменува 15 илјади тони мазут годишно. Ова е навистина голема заштеда на електрична енергија. Станува збор за геотермалното лежиште Подлог-Бања во близина на Кочани кое е засега најдобриот економски ефект од искористеност на термалните води во Македонија. Просечната температура на водата е од 73 степени. Годишното производство е околу еден милион и сто метри кубни, што е под еден процент од вкупната енергија што се користи во државата. Уште една потврда зошто треба посериозно да се инвестира во истражување на термалните води и во нивното експлоатирање.