Лидл е портата за извоз на македонското овошје, зеленчук и преработки. Ова беше речено денеска на состанокот на претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и компанијата Лидл, со дел од производителите на земјоделски производи.
На настанот присуствуваа кооперанти и претставници на МАЗЗ – Македонската асоцијација на земјоделски задруги, МЗЗ – Мрежа на земјоделски задруги – и МАП – Македонска асоцијација на преработувачи. Фокусот на состанокот беше ставен на квалитетот, критериумите за избор на партнери и принципите според кои Лидл развива свои приватни марки, како и извозните потенцијали преку продажната мрежа на Лидл.
Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, соработката со Лидл може да биде мост за поголем пласман и промоција на македонските земјоделски производи и преработки.
„Потребно е зеднички да работиме и како министерство и како земјоделци за поголемо исполнување на одредени стандарди во производството бидејќи само така можат што повеќе македонски земјоделски производи да пристигнат на пазарите не само во регионот, туку и пошироко“, истакна Трипуновски.
Претставниците на Лидл истакнаа дека компанијата работи исклучиво со партнери кои можат да обезбедат количини на овошје и зеленчук, усогласени со највисоките меѓународни стандарди. Како основни предуслови за соработка беа нагласени: GLOBALG.A.P. – стандард за добра земјоделска пракса кој овозможува доверба и пристап до нови пазари, GRASP – модул кој ја проверува социјалната одговорност и заштитата на работниците, како и IFS – глобален стандард кој гарантира безбедност и квалитет на храната и оптимизација на производствените процеси.
„Квалитетот е темелот на нашата работа и главниот критериум при изборот на партнери за приватните марки на Лидл. Преку соработката со локалните производители ние сакаме да изградиме долгорочни односи базирани на доверба, стандарди и транспарентност, а потрошувачите да бидат сигурни дека секој производ на нашите полици е безбеден, свеж и со проверен квалитет“, изјави Стефан Георгиев, комерцијален директор на Лидл Северна Македонија.
Дополнителните критериуми за работа со Лидл вклучуваат испорака во ладилници на строго дефинирани температури, соодветна амбалажа, пакување и палетизација, како и редовни анализи на резидуи од пестициди во акредитирани лаборатории. Целта е да се обезбеди континуитет и сигурност во квалитетот на понудата.
Во 2024 година, извозот на македонски производи преку мрежата на Лидл во соседните земји изнесуваше околу 5 милиони евра, а за 2025 година тој износ се очекува двојно да се зголеми. Со овој настан, Лидл уште еднаш ја потврди својата заложба да ги поддржи македонските земјоделци во процесот на модернизација, сертификација и развој на конкурентни производи кои ќе бидат препознаени на европскиот пазар.
За Лидл
Лидл Северна Македонија е дел од компанијата за малопродажба Лидл, која е една од водечките компании во прехранбената индустрија во Германија и Европа.
Лидл, дел од групацијата Шварц, е една од водечките европски трговски мрежи со над 12.600 маркети, 230 логистички центри во 31 земја и повеќе од 382.000 вработени. Компанијата е препознаена по својата мисија „Квалитет достапен за сите“, а над 90% од производите во продавниците на Лидл се сопствени брендови. Овој пристап овозможува целосна контрола на квалитетот, следливост и сигурност за потрошувачите, како и можност за блиска и долгорочна соработка со локалните производители.
Лидл го вреднува оптималниот сооднос цена-квалитет за своите потрошувачи. Едноставноста и посветеноста кон процесот ги одредуваат секојдневните делувања во продавниците, регионалните дистрибутивни центри и услугите на компанијата.