Македонија ги пропушта шансите на гастро туризмот, на македонските села и автентичната храна и вино

Не сме свесни колку оваа наша храна е убава, колку вреди! По неа сме препознаени на Балканот, но тоа недоволно го искористуваме.

Влатко СУЛЕВ*

Ниту денес, ниту пак во блиска иднина ќе можеме да привлекуваме странски туристи со ексклузивни хотели со 5* и со монденски летувалишта. Нашата шанса е во креирање автентични доживувања за посебна категорија на туристи, да креираме таргетирана комуникација и да ги привлечеме вистинските патници. Да понудиме нешто што другите го немаат, а странските туристи ќе го обожаваат. По мене, наш силен адут е гастро туризмот, македонската храна и вино, посебно ако успееме да креираме приказни, поврзани со производство на храна и вино, да ги инволвираме туристите во процесот на создавање, да ги едуцираме, и тоа да се заокружи со дегустација и гастро уживање. Да ги примиме нивните коментари и сугестии, и спрема нив да се подобруваме, посебно важно во ера на индустриски производи и fast food-култура.

Како туристички работник кој искрено ја сака својата професија, но и како човек кој многу патува и следи што другите земји прават на полето на промоција, сметам дека гастро туризмот е еден многу важен сегмент кога зборуваме во кој правец треба да оди развојот на туризмот во нашата земја. Учеството на престижниот саем ITB Asia 2025 во Сингапур, како и  патувачките презентации во Јужна Кина и Хонг Конг  кои мојата компанија Балкан Прајм Турс ги организираше, само ми ја потврдија оваа констатација.  Понуди кои вклучуваат гастро тури во Македонија и на балканот претставивме и на нашето следно бизнис патување низ Азија  (во Тајван,  Јужна Кореја и Јапонија) овој пат во организација на НАИТМ заедно со уште 5 други туроператори од нашата држава. Овој пазар бара нешто различно, дополнителна вредност од патувањето, автентичност. За нас останува да го вреднуваме тоа што го имаме и да работиме на создавање на нови туристички продукти во руралните средини.

Секоја земја се претставува со своите најсилни адути, но и со нешто што смета дека е конкурентна во светот. На пример Јапонија на последниот саем, но и на светските ТВ сервиси се промовира како “Рај за љубителите на храна (Paradise for food lovers)” иако нашата досегашна перцепција за нив е поврзана со технологија и богата култура. Јапонците одлучиле дека токму нивната храна е она што ги прави различни.

Турција успеа по 12 години турското кафе и официјално да го регистрира во Европската унија како „традиционален производ“ и да биде внесено на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Претставувајќи го како ритуал на поврзување во семејствата, и меѓу пријателите, и како одржливо кулинарско наследство на Туркије.

Вакви примери од странство има многу, но да се вратиме на Македонија. Во нашата земја оригинална храна има во изобилство од струмичките пиперки, ресенските јаболки, беровскиот компир, преку биено сирење во Мариово, до најчистите медови од Радовиш. Храна со исполнет вкус, природна, која кога ќе дојде сезона е вистинско богатство. Специјалитетите како на пример, макало, турлитава, тавче гравче, полнети пиперки, ајвар… итн. се посебна гурманска приказна. Не сме свесни колку оваа наша храна е убава, колку вреди! По неа сме препознаени на Балканот, но тоа недоволно го искористуваме. Во многу земји во светот домашна, органска, сезонска храна е нешто што или го немаат или е многу скапо. Нивните пазари можеби убаво изгледаат, можеби производите се големи и убаво наредени, но не се вкусни!

Рестораните во странство можеби се убави и луксузни, но прескапи и недостапни за голем процент на луѓе. Во нашата земја сѐ уште можеш да отидеш во убав ресторан, да јадеш фантастична храна, а да не те чини премногу.

Туристите кои ќе седнат во некое планинско село и ќе добијат ракија, топло лепче и едно искрено „повели“, тоа го помнат повеќе од било кој Michelin ресторан. Гостопримството што македонскиот домаќин го нуди не се учи на обука – тоа е дел од нашиот карактер. И токму тој фактор гостопримството и пријателски настроениот народ  е она што најмногу ги враќа туристите назад.

Да бидеме реални, храната е едно од најголемите задоволства кои воопшто постојат, и причина повеќе некаде да се отпатува. Но, потребни се и стандарди, контроли, кој сѐ може и треба да се бави со кулинарство.

Па, ако ова е навистина така, зошто тоа да не го искористиме како наша предност, и тоа да го претвориме во приказна што ќе се прераскажува.

Иницијативата „Best Tourism Villages“ на Светската туристичка организација (UNWTO) препознава и наградува рурални средини што со туризмот го чуваат културното наследство, го поттикнуваат локалното претприемништво и применуваат одржливи практики. Ова е одлична рамка во која нашите гастро приказни би станале дел од поголема национална стратегија.

Што значи тоа за Македонија? Дека општини со силна гастро и занаетчиска традиција – како Крушево, Кратово, Берово, селата во Мариово, Галичник, Вевчани – можат систематски да ги соберат доказите за квалитет (локални производи со јасно потекло, активности со заедницата, одржливо управување со посетители) и да аплицираат. Тука би ги додал и Царев Двор во Преспа и Умин дол во Куманово каде веќе има сериозно развиен продукт и најважно силна заедница со јасно лидерство, и тоа треба да биде силно поддржано. Дури и ако не се избере село веднаш, процесот на кандидатура создава стандарди, чеклисти и партнерства што остануваат како капитал.

Практичните чекори се јасни:

  1. да се изберат 3–5 села со силен гастро идентитет;
  2. да се креираат 48–72 часовни рути „од нива до трпеза“ (винарија, млекарница, работилница, маркети);
  3. да се воспостави локален „кодекс на автентичност“ – чиста кујна, јасно потекло, фер цени;
  4. да се отвори онлајн резервација и календар на настани;
  5. заедно со Министерството за култура и туризам да се подготви кандидатура за „Best Tourism Villages“ и да се вмрежат селата со претходно наградените примери од регионот.

Со ова, гастро туризмот не останува само инспиративна идеја – станува програма со мерливи резултати и меѓународна видливост.

*Влатко Сулев е Генерален менаџер на Balkan Prime Tours, Vice President на Spiti World Network  бизнис мрежа на тур оператори кои работат дојдовен туризам и претседател на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ).

Зачлени се на нашиот е-билтен