Во обраќањето на настанот по повод реконструкцијата на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека се во завршна фаза на преговори со голем тур оператор, којшто надвор од сезоната ќе донесе некаде вкупно околу половина милион ноќевања.
„Анализите покажуваат врз основа на досегашната соработка со овој туроператор, дека гостите коишто тие ги носат дневно трошат вклучително со сместување и останатите трошоци, просечно околу 170 евра што ќе каже дека надвор од сезоната ќе имаме само во туризмот и угостителството на охридското крајбрежје отприлика околу 85 милиони евра што мислам дека ќе биде додадена вредност за економијата во овој регион“, рече Мицкоски.
Тој рече дека тоа е можност за хотелиерите и угостителите, да ги задржат вработените и за периодот надвор условно кажано од летната туристичка сезона.
„Тоа значи секој ден 2.000 гости надвор од сезоната. Сега треба да поработиме заедно со сопствениците на сместувачките капацитети да може да се зголемат за таа бројка да не се дуплира во одредена мерка, па да имаме 4.000 гости коишто ќе дојдат од Скандинавија, Обединетото Кралство, од Германија, Франција, итн. тука на охридското крајбрежје и да поминуваат дел од своето време надвор од летната туристичка сезона“, открива Мицкоски.
Тој информираше дека во првите два месеци од годината на скопскиот аеродром има зголемување од 30% на патници, на охридскиот аеродром околу 20% на патници и дека очекува двоцифрен процент раст и оваа година на патници на двата аеродроми.