Државниот завод за ревизија (ДЗР) објави извештај за ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) за 2024 година, при што се констатирани големи неправилности и слабости во работењето.
Ревизорите утврдиле дека 287 хектари од вкупната корисна површина на ТИРЗ и индустриските зони не се функционално искористени, додека седум од вкупно 16 зони, на површина од 203,5 хектари, како и една индустриска зона од 3,2 хектари, не се ставени во функција и не се дадени под закуп.
Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметката на основен буџет и мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики за 2024 година на сметката на буџет од самофинансирачки активности.
Со ревизијата е утврдено дека инвестициите во тек извршени во зоните во износ од 4.243.216 илјади денари односно 68.995.382 евра сè уште се водат како материјални средства во подготовка и за истите не се пресметува амортизација иако во најголем дел се ставени во употреба. Како причина за ваквата состојба е тоа што не се исполнети условите и законските решенија за добивање на одобрениja за употреба.
До крајот на 2024 година не била донесена тригодишна инвестициона програма како долгорочен документ за планирање на активностите на ДТИРЗ. Истата е донесена во декември 2024 година и се однесува за период 2025 – 2027 година.
Ревизијата укажува и на сериозни слабости кај склучените договори за изградба на објекти по принцип „клуч на рака“. Договор вреден 1,781,800 илјади денари (28,972,357 евра) за ТИРЗ Скопје 1 и 2, Штип и Прилеп бил склучен без анализа на трошоци и придобивки, без физибилити студија и без целосна проектна документација. Исплатен е аванс од 20% (302,000 илјади денари / 4,910,569 евра). Договорот не содржи јасно дефиниран начин на плаќање за проектната документација, што создава правна несигурност и финансиски ризик.
Во ТИРЗ Штип, административен објект, потпорен ѕид и пристапна улица се изградени без целосна проектна документација и дозвола за градење, што е спротивно на Законот за градење.
Во ТИРЗ Гевгелија, и покрај реализираниот договор за консултантски услуги, клучните активности за избор на партнер и склучување договор за јавно-приватно партнерство (ЈПП) не се реализирани, што укажува на несоодветно користење на буџетски средства.
Ревизијата утврдила дека поради поставени ограничувачки и дискриминаторски технички и квалификациски критериуми била доставена само една понуда. Објавените два јавни повици за избор на партнер за ЈПП во 2023 и 2024 година биле поништени бидејќи не била доставена ниту една понуда. И покрај тоа што договорот е реализиран во вкупен износ од 33.088 илјади денари, односно 85% од вредноста на договорот, клучните активности од проектната програма поврзани со избор на партнер и склучување договор за ЈПП не се реализирани, што укажува на несоодветно користење на буџетските средства.
Во септември 2023 година ДТИРЗ склучила рамковна спогодба за промоција на странски директни инвестиции, маркетинг и изработка на промотивни материјали со два економски оператори во износ од 15.340 илјади денари за период од две години, која со анекс од февруари 2024 година е зголемена за дополнителни 2.950 илјади денари, односно вкупно 18.290 илјади денари (зголемување од 19%).
Во 2023 и 2024 година преземени се обврски во вкупен износ од 16.862 илјади денари. Ревизијата утврдила дека дел од услугите поврзани со организирање на настани се извршувале и покрај тоа што во ДТИРЗ постои Сектор за маркетинг и комуникација, а поради невоспоставени индикатори за мерење на ефектите не се уверивме во потребата и ефектите од извршување на предметот на договорот.