Опозицискиот СДСМ реагира на економските показатели што премиерот Христијан Мицкоски ги презентираше во јавноста, обвинувајќи го дека со избор на различни временски периоди создава искривена слика за економските резултати на Владата.
Од СДСМ велат дека Мицкоски споредувал 23 месеци со 84 месеци и врз основа на таквата споредба тврдел дека платите растеле 70 отсто побрзо, пензиите 325 отсто побрзо, инфлацијата била седум и пол пати помала, а долгот два и пол пати помал.
„Тоа не е економија. Тоа е трик со калкулатор“, велат од опозициската партија, оценувајќи дека споредбата на јули 2026 со јули 2022 година не ја прикажува реалната економска состојба.
Според СДСМ, јули 2022 година бил период на исклучително висока глобална инфлација, предизвикана од војната, енергетската криза и растот на цените на храната, па споредувањето со тој период не може да се користи како доказ за успешноста на актуелната влада.
Од партијата посочуваат дека граѓаните економските состојби ги чувствуваат преку цените и трошоците за живот, а не преку процентите презентирани во политички анализи.
„Дизелот е 100 денари. Пиперката на нива 40. Храната во продавница расте. Фабрики се затвораат. Инвестициите паднаа. Последниот квартал 0,3 отсто. Тоа се исто бројки. Само не влегуваат во неговата презентација“, наведуваат од СДСМ.
Опозицијата го оспорува и тврдењето за намалување на јавниот долг. Од СДСМ велат дека државата во последните две години била дополнително задолжена за околу 2,5 милијарди евра, додека Владата истовремено тврди дека буџетот е во добра кондиција.
Критики упатуваат и на начинот на кој се презентира растот на пензиите, како и на најавите поврзани со вториот пензиски столб.
СДСМ бара економските резултати да се презентираат преку официјални податоци од Државниот завод за статистика и преку споредливи показатели за животниот стандард.
Од партијата бараат Владата да покаже колку денес чини потрошувачката кошница и колку чинела во моментот кога Мицкоски ја презел функцијата, како и да објасни зошто земјоделците, како што наведуваат, се соочуваат со ниски откупни цени додека Владата зборува за економски раст.
„Ако му е подобро на граѓанинот, ќе се види во фрижидерот и во паричникот“, порачуваат од СДСМ, оценувајќи дека економските показатели презентирани од премиерот се „бројки за телевизија, не за трпеза“.
