ССМ: Македонија со убедливо најниска минимална плата во регионот – работниците туркани во сиромаштија, најавени нови протести

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) повторно алармира дека минималната плата од 397 евра е убедливо најниска во регионот, а според тековните најави на Владата, до март 2026 година не се предвидува суштинско зголемување, освен законско усогласување кое би изнесувало најмногу 1.600 денари. Ова, како што наведуваат од синдикатот, ја продлабочува сиромаштијата кај работниците и ја зголемува неправдата кон лицата кои, според нив, го носат товарот на економијата.

ССМ во најновата објава на социјалните мрежи прави споредба со соседните држави, која покажува дека Косово од 2026 година ќе ја зголеми минималната плата на 500 евра, Албанија исто така од јануари ќе воведе минимална плата од 500 евра, Србија веќе ја подигна на 500 евра, а од почетокот на следната година ќе достигне 550 евра. Во Република Српска минималната плата ќе се движи од 512 до 743 евра зависно од квалификацијата, Црна Гора веќе има минимална плата од 600 евра за работници со средно образование и 800 евра за високообразован кадар, а во Босна и Херцеговина минималната плата за 2025 година изнесува 511 евра. На овој фон, Македонија останува единствената земја во регионот која значително заостанува и, како што оценува ССМ, ги турка работниците наназад.

Од синдикатот тврдат дека Владата има поддршка од дел од работодавачите, но и од поединечни синдикати кои, како што велат, „како папагали“ повторуваат дека треба да се почитува единствено законот, без иницијатива за вистинско зголемување на платите. ССМ потсетува дека функционерските плати останале зголемени за 79 проценти, додека работниците со минимална плата мора да се помират со 397 евра месечно. Дополнително, синдикатот предупредува дека во тек е расправата за Буџетот за 2026 година, во која, како што наведуваат, „народни избраници со плати над 2.000 евра ќе убедуваат дека работниците добро живеат“.

Во објавата се нагласува дека ССМ досега организирал повеќе протести барајќи зголемување на минималната плата, и дека ќе продолжи со притисокот. Од таму предупредуваат дека игнорантниот однос на работодавачите и Владата може да доведе до генерален штрајк.

Во реакциите на граѓаните, кои масовно коментираат под објавата, се чувствува незадоволство и гнев. Некои велат дека со години работат за плата која не ги покрива основните трошоци, други повикуваат на генерален штрајк, а трети коментираат дека Македонија станува „најбедната држава во регионот“. Многумина забележуваат дека политичарите се збогатуваат, додека работниците преживуваат.

ССМ ја заокружува пораката со став дека борбата ќе продолжи сè додека не се обезбеди достоинствена минимална плата и подобри услови за македонските работници. „397 евра не се живот, туку борба за преживување,“ велат од синдикатот, додавајќи дека нема да отстапат додека не се избори достоинство за секој работник.

Зачлени се на нашиот е-билтен