Трајковски: Оваа власт ја претвори државата во резерват на зависност и манипулација во транспортот и енергетиката

Оваа власт, која некогаш ветуваше развој и независност, денес ја претвори државата во резерват на зависност и манипулација. Ги подари нашите природни и енергетски ресурси на странски приватни компании, за да истите тие ни ја продаваат струјата што требаше да биде наша. Иронијата е што тоа го нарекуваат „енергетска независност“.

Ова е ставот на универзитетскиот професор Дејан Трајковски, од Универзитет “Св. Климент Охридски” од Битола, објавен на социјалните мрежи. Тој предупредува дека истата власт се подготвува да нè задолжи со милијарди евра за загубарскиот проект наречен „брза пруга“, без никаква економска анализа, без студии за изводливост, без јавна дебата, само со непромислена политичка одлука.

„Сакаат пруга што ќе носи загуби, наместо струја и профит од „Вардарска долина“. Ако ја склучат таа штетна зделка, нам ќе ни останат долговите, а ним – провизиите. Три и пол милијарди евра загуби и долгови ќе останат товар врз грбот на сите граѓани, на идните генерации, на сите што немаат ништо друго освен сопствениот труд“, посочува Трајковски.

Трајковски истакнува дека во енергетиката се редат апсурд до апсурд.

„Македонија троши преку 100 милиони евра годишно за да увезува 30% од потребната електрична енергија, а дополнителни 10% купува од домашни приватници. Генерира дополнителни 120 милиони евра загуби преку увозот на грчки јаглен. И покрај тоа, власта нé убедува дека сме биле нето извозник на струја и дека сме наводно енергетски независни. Но тоа не е никаква стратегија ни вистина, туку театар за наивни и изманипулирани“, оценува универзитетскиот професор.

Тој се осврнува и на еколошките проблеми и нагласува дека загадувањето го задушува народот, а власта носи закони со кои податоците за индустриските загадувачи ги прогласуваат за деловна и државна тајна.

„Наместо транспарентност и правда, добивме криење и лаги. Наместо да ни обезбедат здравје, ни обезбедија труење и смрт“, смета Трајковски.

Ова е резултат, нагласува Трајковски, „истренинраните“ 300 илјади луѓе да гласаат со исклучен разум што не разбира никакви бројки, хранети со лажни ветувања и водени од лична корист, купена со наши пари.

„Сосема доволно за да им ја решат судбината на останатите 1,5 милиони луѓе, од кои половината решија да не гласаат на избори. Така опстанува овој штеточински режим, не со вистината, туку преку релативно мала група што верува во лагите што им се сервираат“, потенцира Трајковски.

Универзитетскиот професор Дејан Трајковски, од Универзитет “Св. Климент Охридски” од Битола, во објавата на социјалните мрежи вели дека „со помош на платена пропаганда и послушни медиуми, државата ја претворија во споменик на лагата, а од вистината се плашат повеќе отколку од каква било катастрофа. Зашто само вистината не можат да ја купат“.

Зачлени се на нашиот е-билтен