Нерешените билатерални прашања меѓу земјите-членки на ЕУ и земјите што не се членки треба да се решаваат билатерално и не смеат да се користат како лост за блокирање на процесот на пристапување на земјите-кандидатки за членство, се наведува во Нацрт-извештајот за Стратегијата за проширување на ЕУ на Европскиот парламент, во кој се нагласува дека некои од земјите што се стремат да се приклучат кон блокот имаат статус на кандидат за членство со години.
– Проширувањето е една од најсилните алатки на ЕУ во надворешната политика и геополитиката и останува клучен двигател на долгорочната безбедност, мир, стабилност и просперитет во Европа врз основа на споделени демократски вредности, што претставува историска можност со значајни социо-економски, политички и безбедносни предности и за ЕУ и за земјите вклучени во процесот на проширување, се истакнува во Извештајот.
За време на денешната презентација на документот пред Комитетот за надворешни работи (AFET) на Европскиот парламент, известувачот, литванскиот европратеник Петрас Ауштревичиус, изјави дека ЕУ мора да има стратегија за проширување, а не само еднократен план, и дека не смее да дозволи овој процес да биде заложник на која било земја-членка, бидејќи станува збор за обединување на Европа и зближување на Европејците.
– Јас ја гледам европеизацијата како неизбежна платформа на која европските земји можат да придонесат, да имаат корист и да живеат заедно на долг рок, рече Ауштревичиус.
Според него, проширувањето е особено важно во контекст на руската агресија врз Украина и обидите на Русија да создаде поделби во Европа и да врши влијание врз одредени европски земји, правејќи ги послаби и „зависни од Руската империја“.
Ауштревичиус нагласи дека земјите-кандидатки за членство минуваат низ процес на трансформација, адаптација и сеопфатни реформи на нивниот пат кон ЕУ, а напредокот на секоја од нив треба да се оценува врз основа на индивидуалните заслуги.
Од друга страна, според литванскиот либерален европратеник, ЕУ мора да ја одржи функционалноста на процесот на пристапување и затоа мора да се движи кон донесување одлуки со квалификувано мнозинство и тоа да го прави навремено и транспарентно.
– Земјите вклучени во проширувањето не се тампон-зона за ЕУ; тие се идни членки на нашата заедничка Унија и им е потребна практична прилагодливост, индивидуална интеграција и структурна финансиска поддршка. Цврсто верувам дека секоја земја-кандидат посветена на членството, преку реформи и нашата поддршка, може да ја постигне својата цел и да стане полноправен член на нашата заедница, додаде Ауштревичиус.

