Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Иднината им припаѓа на оние кои за неа се подготвени денес

„Така умира слободата… Со громогласен аплауз.” Низ оваа изјава, Падме Амидала всушност ја опишува демократијата како фрагилна; како систем кој треба постојано да се надгледува и да се биде претпазлив, ако се сака истиот да се зачува. Демократијата може лесно да биде поткопана од оние што бараат моќ, често под изговор на волјата на народот, сила, гордост, лажна стабилност и безбедност, а јавноста може да биде манипулирана

Андреја СТОЈКОВСКИ

Колумнава ја пишував на 4ти мај. Денот, за многумина има различно значење. Некои го споменуваат Гоце Делчев. Други, зборуваат и го воспеваат Јосип Броз Тито. За мене 4ти мај е „Ден на Војна на ѕвездите“. Во огромната галаксија на Војна на ѕвездите, покрај бројните футуристички елементи, чудните светови и уште почудни живи суштества и, секако роботи, основата ја прават темите за демократија, промени и лидерство. Една од главните ликови во претходната трилогија е Падме Амидала, политичарка, државничка, говорничка и одличен пример за вонвременска борка за демократија. Ликот го игра Натали Портман. Во третиот филм, Војна на ѕвездите: Епизода III – Одмаздата на Сит, кога во Галактичкиот сенат се воздигнува канцеларот во позицијата Император, а сите сенатори аплаудираат, Падме се врти кон сенаторот Бејл Органа и му вели: „Така умира слободата… Со громогласен аплауз.” Низ оваа изјава, Падме всушност ја опишува демократијата како фрагилна; како систем кој треба постојано да се надгледува и да се биде претпазлив, ако се сака истиот да се зачува. Демократијата може лесно да биде поткопана од оние што бараат моќ, често под изговор на волјата на народот, сила, гордост, лажна стабилност и безбедност, а јавноста може да биде манипулирана да ги поддржи штетните промени.

Падме е државничка и лидерка во фиктивен свет. За еден друг, мошне успешен лидер од реалноста, промените се добри и исклучително важни. Било кој соговорник, за 35тиот претседател на САД, Џон Фицџералд Кенеди, ќе ви каже дека: 1) пострадал во атентат; 2) ги водел САД до победа во трката за освојување на вселената; и 3) бил извонреден говорник и државник.

Се разбира, оние кои за информации зависат од таблоидите ќе ви кажат дека бил опасен љубовник и дека во листата на освоени женски срца ја има запишано и Мерлин Монро.

Ако, меѓутоа, се задлабочите во третата точка, тогаш најголемиот дел од соговорниците ќе се сетат на познатата реченица од Кенедиевиот инаугурален говор: „Не прашувајте што вашата држава може да стори за вас – прашајте што можете да сторите вие за вашата држава“. Мене, особено блиска до срце ми е една друга „Промената е законот на животот. Сите оние кои се фокусираат само на минатото или на сегашноста, повеќе од сигурно ќе ја пропуштат иднината.“

Промената е важна бидејќи овозможува развој и адаптација на новите околности. Таа поттикнува иновација, овозможува подобрување на постоечките системи и процеси, ја поддржува способноста на луѓето и општествата да се справат со предизвиците. Промената е клучна за напредок. Во демократските општества промената обезбедува здрава политичка средина во која просперираат слободата и правата. Таа носи нова енергија во борбата против корупцијата, за нови успеси во меѓународните односи, или пак гарантира дека државата ќе остане и натаму ефикасна и релевантна во современиот свет. Во демократијата, промената е одраз на волјата на граѓаните. Нашите граѓани веќе најавија дека промени ќе има. По, 8-ми мај, сигурно ќе има промена во парламентарниот состав. Очекувано, ќе има промена и на владината структура. Возможно е да има само промена на соодносот на моќта на политичките партии. Сепак, за промените, по изборите.

Промени може да има дури и во надворешната политика. Вообичаено, промената на глобалните услови и динамика, бараат проценка и адаптација и на државните стратегии. Но, промена, заради промената, не смее да има! Северна Македонија своите надворешно-политички приоритети ги утврди по осамостојувањето и остана упорна во нивната реализација. Откако, го оствари првиот надворешно-политички приоритет во април 1993 година, меѓународно признавање на државата и членството во Обединетите нации, на 27 март 2020 година, во текот на најголемата пандемиска криза која ја памети современиот свет, нашата држава стана членка на НАТО. Со тоа, речиси, 30 години подоцна, беше реализиран вториот од надворешно-политичките приоритети. На нас, како држава, но и како генерација останува до 2030 година да го обезбедиме остварувањето на третиот надворешно-политички приоритет. Тоа ќе значи целосно интегрирање на нашата држава во современиот либерално-демократскиот свет.

Во текот на кампањата безброј пати слушнавме дека ќе се откажеме од Преспанскиот договор, од Договорот за добрососедство со Бугарија, од пристапувањето во Европската Унија, од членството во НАТО итн. Таквата промена би значела целосна преориентација на државата која не само што е погрешна, туку е исклучително штетна. Откажувањето од НАТО и пристапувањето во ЕУ, би имала длабоки последици за нашата национална безбедност, за регионалните и меѓународните односи, за економската стабилност и за дипломатскиот статус на државата. Дури и ништо од ова да не се случи. Секоја „глупост“ во надворешната политика за нас ќе биде голема промена и, поважно, ќе биде на наша штета.

Четири од петте држави од кои имаме најголеми инвестиции се членки на ЕУ, додека сите пет се членки на НАТО. Воедно, на овие пет држави отпаѓа 50,3% од вкупните директни инвестиции во последните 25 години.

За да ја илустрирам штетата, најлесно е да потсетам на руската инвазија врз Украина и потенцијалниот безбедносен ризик, како и чувството на сигурност кое го нуди членството во НАТО и колективната одбрана што ја предвидува членот 5 од Договорот од Вашингтон. Меѓутоа далеку подобро е ако посочам на економските ризици. Нашиот главен трговски партнер е Европската Унија и нејзините држави-членки. Само со Германија имаме трговска размена која изнесува колку 12% од нашиот БДП. Секако, ова е благодарение на нашата договорна рамка со ЕУ, но и на фактот дека државава го хармонизира своето законодавство со она на Унијата, а поради тоа што сме дел од процесот на пристапување имаме пристап и до поголемите фондови и до други типови на помош која ја добиваме од државите членки. За ефектот кој пристапувањето во Унијата го има врз економијата воопшто, посочува и состојбата на директни инвестиции. На крајот на 2022 година таа изнесувала 7.013 милиона евра (или 54,4% од проценетиот податок за БДП). Анализирано по држави, највисоки директни инвестиции, во вредност од 1.053 милиони евра се регистрирани од Австрија, по што следува Грција, со директни инвестиции во вредност од 729 милиона евра. Во групата на пет најголеми странски инвеститори во земјата спаѓаат и Обединетото Кралство (со 634 милиона евра), Германија (со 572 милион евра) и Холандија (со 544 милиони евра). Со други зборови, четири од петте држави од кои имаме најголеми инвестиции се членки на ЕУ, додека сите пет се членки на НАТО. Воедно, на овие пет држави отпаѓа 50,3% од вкупните директни инвестиции во последните 25 години.

Менувањето на надворешно-политичките приоритети ќе има влијание и врз внатрешниот мир и стабилност. Веќе некое време, некои од главните изборни пораки посочуваат на нарушување на меѓуетничките односи. Со оглед на мултиетничката структура на државата нема зошто да очекуваме дека 98% од етничките Албанци, исто толку и од помалите етнички заедници, барем така велат анкетните истражувања кога станува збор за најдобрата алтернатива за државава, би се откажале лесно од натамошната интеграција. Откажувањето е уште потешко, или помалку веројатно, откако, се покажа дека натамошната интеграција на државата не може да го загрози идентитетот на македонците, туку само да го зајакне.

Денес е недела, 5ти мај 2024, Воскресение Христово, Велигден. Воскресението значи победа, исто така значи и промена. На сите кои го празнуваат денот, им упатувам најискрени честитки. На оној на кој тоа му е потребно, му посакувам воскресение, а на сите граѓани на државава им посакувам промена, но не по цена на иднината.

Поранешниот претседател на САД, Барак Обама, вели „Демократијата не е статична. Таа е активен, партиципативен, често и неуреден процес, а од нас зависи дали ќе функционира.“ Оттаму, во демократијата промената на власта е суштинска. Но граѓаните не смеат да се откажат од сопствената и од иднината на нашите деца. Наша одговорност е да го препознаеме оној кој може да не води таму каде што, можеби не сакаме, но каде што треба да бидеме; оној кој може да ги обедини, не само Македонците, туку и Албанците, Турците, Србите, Ромите, Власите, Бугарите, Хрватите, Црногорците, Евреите и сите други во креирање политики кои ќе не водат кон иднината.

Денес е недела, 5ти мај 2024, Воскресение Христово, Велигден. Воскресението значи победа, исто така значи и промена. На сите кои го празнуваат денот, им упатувам најискрени честитки. На оној на кој тоа му е потребно, му посакувам воскресение, а на сите граѓани на државава им посакувам промена, но не по цена на иднината.

Треба да знаете
Moже да ве интересира