– Повеќе пати имавме можност и сме биле блиску до отворањето на преговорите со ЕУ, но имавме пречки. Ни требаше многу да дојдеме до 19 јули 2022 година кога ги почавме преговорите. Со тоа изминатата 2022 година е историска година за нас – изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во неговото интервју за „Макфакс“.
Тој додаде дека на првата меѓувладина конференција и чешкиот министер за надворешни работи ги отвори преговорите со земјава токму со зборовите дека преговорите започнаа.
– Скрининг процесот не може да почне ако не се почнати преговорите. За илустрација: Кога запишувате факултет треба да исполните услови за да преминете во втора година. Ние сме сега во прва година на студии кога поминуваме скрининг, имаме услови и фази за втора година, кога ќе ги отвориме поглавјата. Од нас зависи дали ќе ги исполниме обврските од преговарачката рамка во однос на уставните измени – рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека е погрешна тезата дека ќе ги отвориме поглавјата кога ако Бугарија не ни стави вето.
– Тоа не е вето од Бугарија, да бидеме искрени кон јавноста. Ако не ги изгласаме уставните измени, тогаш сами ќе се блокираме. Ветото е во наши раце – рече Маричиќ.