Не треба да нѐ изненадува дека во ЕУ за проширувањето и геополитичките аспекти на унијата разговараат и одлучуваат „возрасните“. Сличности, но и „возрасни“ ќе најдеме и помеѓу Македонија од 2001 година и Украина денес. Тогаш кај нас, а денес во Украина за иднината и државата одлучуваат „возрасните“. Сличности нема само помеѓу Македонија од 2001 и Северна Македонија денес. „Возрасни“ имало и тогаш, а има и денес. Само што денес, има такви што се однесуваат како деца, а „со деца тикви не се садат“.
Андреја СТОЈКОВСКИ
На декемврискиот Самит на Европската Унија, шефовите на држави и влади на државите членки одлучија да ги отпочнат преговорите за пристапување во Унијата со Украина и Молдова. Нема ништо спорно во оваа одлука, освен начинот на кој истата беше донесена. По завршувањето на Самитот, главните вести беа дека одлуката била донесена во отсуство на унгарскиот премиер Орбан, кој како што знаеме се противеше на отворањето на преговорите со Украина. Некои отидоа и дотаму што одлучувањето го опишаа со зборовите „германскиот канцелар Шолц го испрати Орбан на кафе за да можат да возрасните да продолжат со работа“. За појаснување, за прашањата на надворешната и безбедносна политика на Унијата се одлучува со консензус, или едногласно. Бидејќи политиката за проширување припаѓа на оваа област, одлучувањето за преговорите и пристапувањето, исто така, се прави со консензус. Впрочем, нашите граѓани многу добро го познаваат „недостатокот на консензус“ при одлучувањето за напредокот на нашата држава, како што го знаат и граѓаните од целиот Западен Балкан, вклучувајќи ги и Турција, но и Хрватска. За мнозинството од европските правници, ваквата практика е правно дозволива. Сепак, истата е политички неодржлива. Нејзиното често практикување ќе ја наруши солидарноста на Унијата и ќе ја зголеми недовербата помеѓу партнерите. Оттаму, истата многу ретко се практикува.
Во деновите по Самитот европските медиуми известуваа за тоа како „возрасните“ ја разбираат геополитичката состојба и потребата од проширување, додека фокусот на домашните медиуми беше главно на недостатокот од реформи и домашната политичка состојба. Како на човек кој сиот свој професионален живот следел и следи европски прашања, кој ги анализирал и правно и политички одлуките на Советот и има јасна проевропска определба, оваа одлука ми беше само „предмет за работа“. Сепак, чувството кое од одлуката го имав како граѓанин на Северна Македонија, беше, по малку, грдо. Ако ваквото чувство го имам јас, тогаш што им останува на другите граѓани.
Сега сме јануари 2024 година. Државава е кандидат за членство во Европската унија полни 18 години (од декември 2005 година); Европската комисија 14 години препорачуваше почеток на преговорите (од октомври 2009); Одлука за почеток на преговорите беше донесена во март 2020 година, а преговарачката рамка беше усвоена и првата меѓувладина конференција беше одржана во јули 2022 година. Низ изминатите 32 години независност и барем 28 години дипломатски односи со Европската Унија имало безброј моменти во кои имало исклучителна потреба, често дури и геополитичка, одлуката за продолжувањето на пристапувањето во ЕУ на државава да биде одлучено од „возрасните“.
Поттикнат од ваквото „грдо“ чувство пребарував низ сеќавањата дали „возрасните“ во Унијата некогаш се занимавале и со нас? Ми требаше малку време, но се сетив. Дипломирав во септември 2000 година. Неколку недели подоцна, на крајот на октомври започнав со работа во тогашното Одделение за европски интеграции при Генералниот секретаријат на Владата. Инаку одделението е она што денес граѓаните го познаваат како Секретаријат за европски прашања. Беа тоа пионерски денови. Тогаш во одделението имаше само седум вработени, јас бев осмиот. Неполн месец откако започнав со работа, на 21 ноември 2000 година, во Скопје, во тогашната дебатна сала на Владата, денешната сала за седници се одржа последната рунда преговори за потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација – ССА, на која присуствував. Неколку месеци подоцна, на 22 јануари 2001 започна воениот конфликт, а на 9 април 2001 година, во Луксембург тогашната министерка за надворешни работи на Шведска, во својство на претседавач со Советот на ЕУ, Ана Линд и претседателот на Владата, Љубчо Георгиевски ја потпишаа Спогодбата за стабилизација и асоцијација. ССА е сé уште важечкиот правен инструмент помеѓу Северна Македонија и Европската Унија кој ја регулира севкупноста на односите помеѓу двата субјекти. Во времето на потпишувањето, во државава во ек беше воениот конфликт. Воедно, не можевме да се пофалиме дека ја контролираме во целост сопствената територија. Сепак, Советот на Европската Унија одлучи дека токму поради воениот конфликт и потребата да се спречи негово натамошно разгорување, меѓу другото, со отворањето на европската перспектива, спогодбата треба да биде потпишана.
Неколку години подоцна, следејќи предавања по Право на Европската Унија, на постдипломски студии, кај професорката Татјана Петрушевска научив и за Првата Трговска Спогодба помеѓу Европската Економска Заедница – ЕЕЗ и Социјалистичка Федеративна Република Југославија – СФРЈ. Името на спогодбата го пишувам со големи букви, токму поради поединечното значење на секој од зборовите. Спогодбата била потпишана во раните седумдесетти од минатиот век, а била дополнета во неколку наврати се до доцните осумдесетти кога токму ЕЕЗ се обидела да го спречи распадот на Југославија и граѓанската војна со предлог економски пакет и постапка за асоцијација и можно пристапување во членство.
Ако ја споредуваме состојбата во Украина и Молдова денес, со онаа во Македонија во 2001, односно во СФРЈ во доцните осумдесетти од минатиот век, тогаш постојат бројни сличности. Оттаму, не треба да не изненадува дека и тогаш, како и сега, во Унијата за проширувањето и геополитичката унија разговараат и одлучуваат „возрасните“. Сличности, но и „возрасни“ ќе најдеме и помеѓу Македонија од 2001 година и Украина денес. Тогаш кај нас, а денес во Украина за иднината и државата одлучуваат „возрасните“. Сличности нема само помеѓу Македонија од 2001 и Северна Македонија денес. „Возрасни“ имало и тогаш, а има и денес. Само што денес, има такви што се однесуваат како деца, а „со деца тикви не се садат“.